Search
Close this search box.

А СЕГА ЗА ИМЕТО!

Објавено во Дневник, на 22.04.1998

Пред неколку години, кога Атињаните го беа довеле до усвитеност прашањето за името, давав интервју за некаква финска ТВ куќа. Во еден момент дамата што го водеше разговорот ме праша зошто не сме сакале да си го смениме името. Се направив затечен со прашањето и реков дека никогаш не сум размислувал за тоа “едноставно” решение на сите наши проблеми со Атина и со меѓународната заедница и притоа (правејќи се дека сум го заборавил името на мојата соговорничка) се извинив и ја прашав уште еднаш како се вика. Дамата изговори некакво долго финско презиме со полно “а” во него. Одглумив пријателска гримаса и (пред камерите!) извикнав:

– Колку грдо име за волку шармантна дама! Зошто не си го смените?

За чудо, дамата се фати на јадицата и во истиот момент енергично женски ми се спротистави:

– Во мојата земја тоа е многу убаво име и јас за ништо на светот не би си го менила…

Продолжив да глумам изненадување:

– Вие не би си го смениле името, а ме прашувате зошто мојот народ не сака да си го смени? – реплицирав.

Дамата се насмевна и (пак пред камерите!) рече:

– Го сфатив урокот, професоре!

На оваа вистинита анегдота, не без повод, се сетив деновиве!

Постои (нели?) речиси еднодушна согласност дека Циле Национале ќе ни бил новиот шеф на државата. Со оваа солуција (човекот знае англиски, има семејни врски со Новиот континент, па таму го гледаат почесто одошто ние на Правниот факултет во Скопје, се чини прифатлив за Американците итн. итн.) би можел да се согласам и јас. Под еден услов! Да седнеме (на кое и да е ниво!) и да решиме како ќе се вика човеков. Ми се чини неприфатливо Претседателот на републиката да носи толку (најблаго речено) непримерено име: Тупурковски, па уште Васил згора (што конечно асоцира само на едно – на Василица!).

Кога и кажав на жена ми за што ќе пишувам, таа енергично негодуваше: за тоа не е пристојно да се разговара! Таква работа, едноставно, не смееш да напишеш! И точка!

Жена ми нема обичај да ми се меша во темите за колумните (а и инаку не ми се меша многу во јавните и професионални работи), но овој пат беше мошне решителна. Јас пак си ја сакам и си ја слушам жената и решив ова службено да не го предлагам. Па сепак, не можев, а да не ѝ прочитам од некој наш весник дека предвесникот на “македонската пролет”, во разговорот за некаковси атински весник изјавил оти Скопје и Атина треба да седнат и да најдат име што би било прифатливо за двете страни?!

Од погледот и вртењето на главата видов дека жена ми (како и финската новинарка оној пат!) сега веќе јасно разбира што сакав со мојот “непристоен предлог”.

A propos, дури и тврдиот грчки министер (од албанско потекло!), г. Пангалос, во разговорот за ДНЕВНИК, беше толку разумен да оцени дека решение прифатливо за двете страни, всушност, и нема: дека од она што ѝ се допаѓа на едната страна, другата ќе биде многу несреќна, и обратно!
Инаку, мора да признам дека мене не ме изненади овој бисер на нашиот (наводно) иден претседател. Тоа сосема личи на него! Не се сомневам дека во разговорот со некој македонски новинар тој би бил крајно непопустлив во ставот дека ние не можеме и не смееме да си го менуваме името. Човекот секогаш му го кажува на соговорникот она што овој сака да го чуе. Друго е прашањето дали тоа води кон решавање на спорните проблеми или само ги заплеткува уште повеќе.

Па сепак, не можам, а на мојот драг колега и професор по меѓународно јавно право да не му поставам едно просто прашање: би можел ли да ми наведе еден единствен пример на земја (и народ) што седнал да разговара со своите соседи за тоа како ќе се вика себеси. Се сомневам дека ќе може! Тоа ниту се правело во минатото, ниту ќе се прави в иднина!

И сега читателот ќе праша: “Што му текна на нашиот колумнист пак (по кој знае кој пат!) да зборува за проблемот на името?”. Причината е мошне прозаична.

Пред некој ден бев во Куманово за да му го честитам Велигден на вујко ми Влатко, кој е единствениот постар од мене меѓу мажите во семејството. Телевизорот беше вклучен кога дојдовме, па така и си остана. А Кумановци, верувале или не (што е многу симптоматично за македонските прилики), имаат одлична слика од белградската, а мошне матна од скопската телевизија. (Барем кај вујко ми е така!) Во еден момент и не сакајќи ја прочитав најавата на една вест: “СР Југославија ги исполнува условите за прием во Советот на Европа”.

Прво што ми падна на ум беше апсурдноста на состојбата со која ќе се соочи тој ист совет кога (веројатно наскоро) ќе има две земји од кои едната е “Југославија”, а другата “бивша југословенска република”.

Кога сме кај Советот на Европа, мора да признам дека единствената работа поради која искрено жалам што не бев избран во Судот за човекови права во Стразбур беше шансата да го поставам прашањето за името: немаше да прифатам одлука за избор во која фигурира некрофилскиот евокативен акроним “Поранешна југословенска република Македонија”. Тоа секако! А бидејќи судијата на Судот за човекови права не е ситна риба, тие што го избираат ќе мораа уште еднаш да дискутираат на темата колку е глупаво Македонија во англиската верзија на членките да фигурира под “f” (The Former Yugoslav Republic of Macedonia), а во француската под “л” (L’ex-republique Yugoslave de Macedoine). За жал, не ми се даде таква шанса, а не ми се верува дека избраниот судија ќе го постави тоа прашање.

А некој ќе мора! И тоа ќе мора да се реши според нормите на меѓународното јавно право, а не според кеифот на Атина. Дотолку повеќе што дури и во Советот за безбедност на ООН задувале некои други ветришта: американскиот претставник фатил да нѐ вика само и единствено “Македонија”, додека другите членови (освен претставникот на Поранешната Руска Провинција Полска) како одвај да го дочекале тоа.

###

Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ не се продаваат на „традиционален“ начин.туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од нашите стратешки определби.

Инструкции за нарачување
За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај во горниот десен агол и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ а ние книгите заедно со автограмот од авторот ќе ги доставиме на Вашата домашна адреса.

Забелешка: Можете да донирате износ по ваш избор но не помал од 1500 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, ве молиме контактирајте нé претходно.