Search
Close this search box.

МА­КЕ­ДО­НИ­ЈА ЈА ЧЕ­КА БУР­НА ГО­ДИ­НА

14.01.1998

Моето фамозно писмо до претседателот на САД, во кое изразив резервиран оптимизам дека “непристојноста на формата” (во која тој ја призна Македонија) нема да биде “пречка за добрите односи помеѓу народите на „Поранешната британска колонија САД“ и „Поранешната југословенска република Македонија“” имаше една лесно забележлива јавна консеквенција: првин г. Метју Нимиц, на прашањето на изнервираните грчки новинари зошто постојано зборува за “Македонија”, а не вели “FYROM”, без заобиколување одговори дека тој акроним го смета за глупост, “како што би било глупост некој за мојата земја да каже „Поранешната британска колонија САД“”, а потем првата дама на Стејт департментот, при отворањето на Aмериканската Амбасада во Скопје, ниеднаш не го изговори очигледно некрофилскиот евокативен акроним “Поранешна југословенска република Македонија”, туку постојано се довиваше да не ѝ го спомне името на земјата во која ја отвора амбасадата, постојано повторувајќи една мошне “духовита формула” (што одамна пред неа ја измислија европските дипломати, а на која ние, овдешниве, како сосема да отрпнавме): “вашата земја”, “оваа земја”, “оваа држава” итн. итн.

Затоа, кога пред некој ден органот на ССРНМ објави интервју со американскиот амбасадор во Скопје под наслов “Македонија ја чека бурна година”, со внимание го прочитав целиот (безначаен) текст со една единствена желба да го видам тоа чудо невидено, амбасадорот да го изговори зборот “Македонија”, чијашто употреба Грците најстрого им ја забранија на Американците. Попусто! Човекот, исто како и неговата газдарица од Стејт департментот, ниеднаш не се осмели да изусти “Македонија” туку (како и таа на времето) постојано ги повторуваше “духовитите” дипломатски формули: “вашата земја”, “оваа земја”, “оваа држава” итн. итн.

Така, значи, продолжувачите на славните традиции од Горно Врановци едноставно ги “фризираа” исказите на амбасадорот и ја видоа Македонија таму каде што неа воопшто ја немаше. Ниту амбасадорот го изговорил забранетиот збор “Македонија”, ниту пак воопшто мислел на Македонија кога рекол дека “следната година ќе биде уште побурна”. За да нема забуна ќе го парафразирам крајот на интервјуто!

На прашањето “Како го оценувате крајот (?) на годината?”, амбасадорот зборува само и единствено за себе (“овие недели сум многу зафатен, пијам многу кафе и се плашам дека ако вака продолжи ќе пропушам”, – кутриот човек! – но, сериозно, се надевам дека во следниве неколку дена ке почнам да минувам малку повеќе време со моето семејство, можеби и да земам мал одмор и да се подготвувам за следната година”), за потем, во продолжение на истата реченица да изјави: “ако мислевте дека оваа година беше бурна можам да ве уверам дека следната ќе биде уште побурна”.

Каде е тука Македонија што ја чека бурна година? Веројатно сега се чуди и самиот амбасадор. Вадењето на оваа сосема патем и сосема лично изречена прогноза (којзнае, впрочем, зошто човекот пие толку многу кафе?) во бомбаст наслов преку целата страница, што потем упорно се повторуваше во најавите на вестите на сите македонски радио и ТВ-станици, има исто толку смисла колку и кога некој би напишал “568 мртви во Македонија!” како наслов преку целата страница, а штосот би бил дека новинарот дознал од Заводот за статистика oти во минатата година умреле вкупно (да речеме) 568 жители на земјава.

Но, ако со вакви штосови се довиваат колпортерите за да може да продадат повеќе весници (и дa заработат некој денар повеќе), сигурно е дека ни користењето на штосот со амбасадорското интервју не е без причина. Новата 1998 година е изборна, а органот на ССРНМ мора, како и секогаш досега, да даде свој придонес за победата на своите газди. Затоа, прогнозата дека “Македонија ја чека бурна година” (уште од устата на амбасадорот на засега единствената светска велесила) треба темелно да ги стресе македонските гласачи и да ги натера да помислат кој тоа толку успешно ги пренесе (жедни) преку толку бурни води во изминатово половина столетие, кој ја создаде “оазата на мирот”, кој толку успешно го уништува сувоземниот македонски октопод, а притоа уште ја гмечи опозицијата “како шлепер жаба” и за кого ќе треба да гласаат во октомври 1998 година (кога веќе на либералните Демократи не им успеа изборите да бидат предвремени и да се одржат на 15 септември 1998 година).

Но, да ги баталиме високите професионалци од органот на ССРНМ! Со оглед на тоа што Неговата екселенција веројатно внимателно ќе ги следи сите јавни реакции на своето интервју, би сакал и јас (како непоправлив даскал) нешто да му кажам, за тој потем (како што дал Господ) да пренесе Таму Каде Што Треба: не му забележувам на човекот, што следејќи ги наредбите одозгора не смее да го изговори забранетото име “Македонија”. Тој е очигледно исполнителен чиновник, кој слуша наредби!

Она што сакам овде јавно да го забележам се однесува на неговиот шеф на државата, ако не и на самата негова држава: не може да биде голем државник човек што заради еден грст гласови на грчките иселеници решил да се мајтапи со името на една мала штотуку испилена држава, која ниту некого загрозува, ниту објективно може некого да загрози. Да се мајтапи со нас една државичка од типот на Албанија (која нема со што да отруе глушец, како што велат Босанците), може уште и да се разбере: на сета сиромаштија и јавно лудило што ја притиснале, Албанија веројатно се чувствува   супериорна над нас нарекувајќи не “Поранешна југословенска Република Македонија”. Но, кога тоа го прави еден колос каков што е Америка, тогаш тоа звучи бедно!

Постои неофицијално сведочење дека кога грчкиот министер за надворешни работи му тврдел на г. Џејмс Бејкер (државниот секретар на претседателот Џорџ Буш) оти Република Македонија немала право на тоа име зашто опфаќала само 39% од територијата на земјата што се вика(ла) Македонија, овој кратко и презрително го прекинал: САД опфаќаат само 20% од континентот што се вика Америка, па никој не ни го оспорува името!”

Тоа е логика што импресионира, господине амбасадор! А Македонија е стара и стрплива земја и умее да чека. Демократите во Америка се сепак само периодична појава, која се случува еднаш во десетина-дваесет години.

Ќе ги преживееме ние и Клинтон и Клинтоница. И пак (како за времето на г. Буш) ќе добиваме долги и љубезни писма насловени до претседателот на Република Македонија! Во тоа може да бидете сигурни!

###

Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ не се продаваат на „традиционален“ начин туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од нашите стратешки определби.

Инструкции за нарачување

За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај во горниот десен агол и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ а ние книгите заедно со автограмот од авторот ќе ги доставиме на Вашата домашна адреса.

Забелешка: Можете да донирате износ по ваш избор но не помал од 1500 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, ве молиме контактирајте нé претходно.