Search
Close this search box.

СКАЗНА ЗА ВОЛКОТ И ЈАГНЕТО

15.07.1998
Не мора на долго да ја раскажувам приказната за волкот и јагнето што му ја матело водата, иако пиело низводно (што ќе рече – било подолу од него), зашто одвај да има некој да не ја знае. Кога силниот сака да му наштети на слабиот, нема место за логика. Односно има место само за логика на силата. Деновиве неколку пати се присеќавам на оваа приказна.

Првин читајќи го интервјуто на г. Иван Костов, претседателот на владата на Република Бугарија. Да умрев еден ден пред саботата немаше да дознам дека тоа ние Македонците сме ја направиле збрката со јазикот. Знаев само дека Претседателот Глигоров се врати од една официјална посета на Бугарија со несвршена работа: бугарската страна одби да ги потпише подготвените документи зашто се противеше на клаузулата што вели дека тие се парафираат на бугарски и македонски јазик.
Колку што знам, г. Глигоров (ниту кој и да е во Македонија) нема ништо против бугарскиот јазик и тој секако би ги потпишал документите на бугарски и македонски јазик. Тоа секому му е јасно (освен на бугарските политичари, изгледа).

Ако документите сепак не беа потпишани, тоа очигледно се случи затоа што на другата страна ѝ пречеше нешто во формулата “бугарски и македонски јазик”. Таа друга страна имаше (и се уште има) нешто против македонскиот јазик. Дека Бугарите имаат свој јазик изгледа наполно нормално и на тоа никој не се чуди. Она што за бугарските раководители е наполно неразбирливо како тоа и ние Македонците да имаме свој јазик. А таа мала вистина мора да биде алфа и омега на “јазичкиот спор”.

Ама јазиците биле слични! Па што! Српскиот и хрватскиот се уште послични, па никому не му паѓа на памет да го негира едниот или другиот. Еднаш во авион ѕиркав во весникот што го читаше една дама покрај мене и сè разбирав, иако тој јазик никогаш не сум го учел. Во еден момент ѝ го кажав тоа на мојата сопатничка, таа се насмеа и рече: “Јазикот е холандски, само немојте на некој Холаѓанец да му кажете дека неговиот јазик многу ви личи на германскиот! Многу се лутат на тоа потсетување!”. Такви примери лингвистите може да ви набројуваат до бескрај. Сличноста помеѓу македонскиот и бугарскиот не е, значи, некаква планетарна новост. И Бугарите никогаш нема да станат Европејци, ако ова не можат (или не сакаат, сеедно) да го разберат.

Патем речено и јас лично сум жртва на “јазичкиот спор”: преклани колегите од софискиот Правен факултет ме поканија да појдам на прослава на 100-годишнината на бугарскиот Наказателен кодекс од 1896 година. Требаше да кажам некој поздравен збор, го кажав (и го напишав). Требаше да дадам свој прилог за Зборникот што по тој повод требаше да се објави, го дадов (во писмена форма). Оттогаш поминаа две години, а колегите од Софија или не го објавија ветениот зборник или не можеа да ги објават моите поздравни зборови и мојата статија за новото македонско казнено право: да ги објават онака како што беа напишани, на секој бугарски читател ќе му беше јасно дека е тоа друг јазик, да ги преведат – не можеа, зашто, според бугарската доктрина, не е можно преведување од еден јазик на самиот себе. Ова е само друг начин политички да се каже дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, а македонскиот народ – дел од бугарскиот. И после Костов ќе ве мавтосува дека тие немале претензии спрема нас!

Бугарите сега чекаат да победи македонската опозиција, па тогаш да се потпишат документите (само на бугарски јазик?). Се плашам дека и тогаш ќе бидат страшно разочарани: никој во опозицијата (ни ВМРО ниту свети ВМРО) нема намера да се откаже од македонскиот јазик. Тоа барем е сигурно!
Втор повод да се потсетам на приказната за волкот и јагнето беше едно друго интервју, овој пат на г. Теодорос Пангалос, шефот на грчката дипломатија: според него, тие верно претерале со националистичката еуфорија создавана против “северниот сосед”, но и ние сме претерале инсистирајќи врз сопственото име (!?).

Значи, отцепувајќи се од СФРЈ и земајќи си го како суверена држава своето уставно име со кое и дотогаш се служевме (а кое на Грците педесетина години воопшто не им пречеше), ние, според логиката на волкот, сме претерале. Сега предлага да сме се викале: “Република Македонија – Скопје”, при тоа заборавајќи дека неговата земја веќе еднаш ја отфрли таа варијанта. Тогаш не сакаа во нашето име да фигурира ниту зборот “Македонија” ниту каква и да е изведенка од него. И сега, ние сме претерале!

Пишувајќи му пред неколку дена на г. Даниел Таршис, Генералниот секретар на Советот на Европа, во врска со вавилонската збрка со нашето име во неговата институција, си зедов слобода да го употребам познатиот аргументум ад абсурдум: “(…) барем еднаш во својата историја секоја земја била дел од некое друго царство. Нормално ли е, на пример, некој да започне да ја означува Франција како ‘поранешна римска провинција Галија’? Или пак Грција како ‘поранешна турска провинција Јунанистан’. Затоа реков и повеќе пати повторив дека (ваквото именување на мојата земја) е нечуена глупост, недостојна за денешниот европски свет. Патем речено, се сеќавате ли на поплаки (слични на грчките!) на Белгија по однос на постоењето на Големото војводство Луксембург?”, што, патем речено, е значително помало од белгиската провинција Луксембург. Само, Белгија и Луксембург не се на Балканот!

На времето, како претседател на Лигата за демократија, им предложив на Грците компромисно решение: ние да се викаме Северна, а нивната покраина Јужна Македонија. Тие не реагираа на мојот предлог, иако сигурно го забележале: беше објавен ин интегрум и во органот на ССРНМ, што атињаните внимателно го студираат. Не би сакал да нагаѓам од што се исплашија. Ваквиот предлог за името нужно укажува на поделеноста на земјата. А поделените земји настојуваат да се обединат (како Источна и Западна Германија, како Северен и Јужен Јемен, како Северен и Јужен Виетнам). Овој пат предлогот го повторувам поради Американците: тие, со својата пословична прагматичност, би можеле да ги убедат Грците дека е тоа О.К.: ете, ние во САД имаме Северна и Јужна Каролина, Северна и Јужна Дакота, па – никому ништо. Наскоро и Македонија ќе стане членка на Европа и во Европската унија ќе има Северна и Јужна Македонија, па – никому ништо!

Третото потсетување на приказната за волкот и јагнето е во врска со резилот што го правиме инсистирајќи како гранична меѓудржавна линија да се обележи линијата што веќе педесет години ја одделува федерална Македонија (како што би рекол Миле Неделковски) од федерална Србија.
Навистина претеравме правејќи им проблеми на волците (пардон! сакав да речам “на соседите”) околу нас!

###


Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок

Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ не се продаваат на „традиционален“ начин.туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од нашите стратешки определби.

Инструкции за нарачување

За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај во горниот десен агол и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ а ние книгите заедно со автограмот од авторот ќе ги доставиме на Вашата домашна адреса.

Забелешка: Можете да донирате износ по ваш избор но не помал од 1500 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, ве молиме контактирајте нé претходно.