Search
Close this search box.

Како читањето гради идни лидерски вештини кај децата

Добрите лидери не се раѓаат, туку се создаваат.

Најчесто велат дека оној кој има желба и силна волја, може да стане ефективен лидер, а сите знаеме дека добрите лидери се создаваат преку долг процес на себеспознавање, учење и искуство. Заедничко помеѓу луѓе како Абрахам Линколн, Кралицата Елизабета, Стив Џобс и Барак Обама е покрај тоа што биле беспрекорни лидери е и тоа што читале книги од мали нозе.

Студиите покажуваат дека читањето е клучен фактор во создавање на лидерски вештини. Почнувајќи од училиште, докажано е дека “Учениците кои читале многу и често биле поуспешни од оние кои читале ретко” (Guthrie, 2008; Atwell, 2007). Тоа не доведува да се запрашаме, кои се клучните вештините потребни за нашите идни лидери и како тие се градат кога децата читаат?

Комуникациските вештини и вокабуларот се вештини кои се развиваат најмногу преку читање. Бидејќи лидерите се полни со најразлични идеи, кои многупати знаат да бидат комплексни, читањето помага да ги изразат своите мисли подобро и поконцизно. Студиите сугерираат дека читањето може да ја подобри интелигенцијата и да доведе до иновации и увид.

Читањето ни овозможува да се ставиме во кожата на другиот и да сфатиме како тој го доживува светот околу него. Ова е една од најпотребните вештини кај секој лидер, емпатија – способност на личноста да ја препознае емоцијата што друга личност ја изразува преку своето однесување или говор. Можноста да ги распознае емоциите на луѓето и да сфати што е тоа што ги мотивира, ќе му помогне на лидерот да ја зголеми продуктивноста и севкупната сатисфакција во рамките на тимот.

Знаењето е моќ. Лидерите се луѓе кои се сметаат за моќни и тоа е бидејќи се полни со знаење, искуство и голема самодоверба. Преку читање на различни текстови, како што расте знањето така расте и самодовербата. Кога лидерот ќе покаже самодоверба, луѓето се подложни да му веруваат и да ги почитуваат одлуките кои ги носи. Дејвид ДеСтено соодветно има напишано во својата статија во Harvard Business Review „Довербата е толку примамлива што честопати сме подготвени да му веруваме на секој што ја изразува.

Затоа поттикнете ги вашите деца, дозволете им да пропатуваат во „Aвантурите на Хаклбери Фин” или пак да ја почувствуваат тагата но и радоста на „Хајди”, затоа што тоа ќе биде од големо значење, какви се вештини ќе развијат нашите идни лидери.

Милица Крстева
студент по психологија

Референци