Правила, услови и инструкции за натпревар во раскажување
Обврска на родителот или старателот е внимателно да ги прочита и да ги дискутира заедно со своето дете подолу наведените работи.
1. Подобност
На натпреварот може да учествуваат ученици од сите основни училишта на територија на република Северна Македонија.
2. Јазик
Јазик на натпреварот е македонски.
3. Пријавување
Пријавувањето на учесниците го врши родителот или старателот преку онлајн пријава. Учеството во Натпреварот е бесплатно.
По регистрацијата, родителот или старателот може да пристапи до својот профил преку црвената икона со човече („Мој портал“) во главното мени на веб-страницата.
Преку Порталот за родители може да ги пријавува своите деца, да ги прегледува нивните податоци и да доставува снимки од раскажувањето.
Доставувањето снимки може да го врши и одобрен наставник-ментор, доколку за тоа има овластување од родителот или старателот.
4. Времетраење на натпреварот
Натпреварот е составен од два дела:
- Првиот дел, со времетраење од 12 месеци, е дел во кој учесниците читаат книги, ги раскажуваат пред врсници додека родителот ги снима со мобилен и потоа ги доставуваат снимките.
- Вториот дел наречен суперфинале е настан кој се реализира со физичко присуство, пред публика и жири комисија. Во суперфиналето учествуваат учесници со најголем број прочитани книги.
Вкупното времетраење на циклусот е 12 месеци. Датумот на суперфиналето е 11 јуни 2027 г.
5. Обука за јавен говор
За да им помогне на децата подобро да се подготват за својот настап, Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ обезбедува бесплатен пристап до онлајн курсот „Јавно говорење“.
По одобрувањето на пријавата, родителот или старателот добива известување по e-mail со инструкции за пристап до курсот.
Курсот е однапред снимен и може да се следи преку компјутер, таблет или мобилен телефон, во време што најмногу му одговара на семејството.
Пристапот до курсот е достапен и преку Порталот за родители, во делот за обука.
Целта е секое дете да научи како самоуверено, јасно и интересно да ја раскаже прочитаната книга пред публика.
6. Избор на книги за читање
Учесникот има голема слобода во изборот на книгите што ќе ги чита и раскажува на Натпреварот.
Исклучок се книгите што се дел од официјалната задолжителна лектира. Со нив не може да се учествува на Натпреварот, без оглед на одделението што го посетува ученикот.
Затоа, пред детето да започне со читање, подготовка или снимање, задолжително проверете дали избраната книга се наоѓа на листата на книги што не може да се раскажуваат:
https://fgm.org.mk/lektiri-koi-ne-moze-da-se-raskazuvaat/
Доколку книгата се наоѓа на оваа листа, потребно е да се избере друга книга.
7. Обезбедување книги за читање
За учествување на овој натпревар купувањето книги не е задолжително. Учесникот може да ја позајми од другар или роднина, да ја изнајми од библиотека или, ако тоа родителите го одобрат, да купи. За да научите како да откриете дали некоја книга е достапна за изнајмување во некоја од библиотеките, погледнете го ова видео.
Со цел да ги поттикне децата не само на читање туку и на создавање сопствена библиотека, фондацијата во соработка со издавачките куќи ќе им обезбеди картички со кои ќе може да си купат книги со попуст кој ќе важи за сето времетраење на натпреварот.
8. Подготовка за раскажување
Откако ќе ја прочита книгата, учесникот се подготвува за раскажување. Раскажувањето ќе биде исклучиво усмено, временски ограничено на 3 минути и треба да ги содржи следниве елементи:
- ПРЕТСТАВУВАЊЕ
Претстави се со твоето име и наведи го насловот на книгата. - КУС ОПИС НА КНИГАТА
За што се зборува во книгата (во една реченица)? - ГЛАВНИ ЈУНАЦИ
Кои се главните јунаци во книгата?
- ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ
Кога и каде се случуваат настаните опишани во книгата? - РАСКАЖУВАЊЕ ЕДЕН НАСТАН
Одбери една случка од книгата која ти оставила најсилен впечаток*. Раскажи ја таа случка и, кога ќе дојдеш до најинтересниот односно највозбудливиот дел остави ја публиката во неизвесност, завршувајќи со зборовите: „Ако сакате да дознаете како продолжува приказната, прочитајте ја книгата „НАСЛОВ НА КНИГАТА“ од „ИМЕ НА АВТОРОТ“
Важно*: На линковите:
- https://fgm.org.mk/category/knigi/raskazuvaci-1-5/
- https://fgm.org.mk/category/knigi/raskazuvaci-6-9/
може да ги погледнеш сите претходно доставени снимки од другите натпреварувачи. Пред да се подготвиш за чекорот 4, провери некој друг натпреварувач да не ја има одбрано истата случка од книгата која и ти сакаш да ја раскажеш. Во тој случај одбери друга случка од истата книга.
9. Подготовка за снимање
Со оглед на тоа што учесниците треба да достават снимка од раскажувањето на книгата која ја прочитале, потребно е тој настап претходно да се подготви. Колку е подобра подготовката, толку ќе биде подобар крајниот резултат. Оваа подготовка најдобро е секој натпреварувач да ја прави кога е сам во соба (или било која просторија), снимајќи си се со помош на предната камера од мобилниот телефон. Овие снимки не се доставуваат никому а му служат на натпреварувачот да ги утврди и елиминира слабостите во неговиот настап.
10. Поканување публика
Кога учесникот ќе биде подготвен, следен чекор е да покани публика пред која ќе ја раскаже книгата. Најдобро е тоа да бидат врсници – може да бидат соученици, другари или другарки од соседството, но може да бидат и членови на семејството.
11. Снимање

По подготовката за раскажувањето и обезбедувањето публика (доволни се 2-3 лица), родителот го снима настапот на своето дете пред публиката.
Ако детето има свој мобилен, најдобро е да го снима со неговиот/нејзиниот мобилен.
Снимањето треба да се направи на тивка локација, по можност на дневна светлина. Раскажувањето се прави усмено, во стоечка позиција.
При снимањето треба да се внимава:
- положбата на камерата да биде во легната позиција,
- мобилниот да се држи во стабилна позиција, со две раце, без движење,
- раскажувањето да заврши така што детето ќе ја покаже насловната страна од книгата,
- детето да ѝ се обраќа на публиката односно да гледа кон неа а не кон мобилниот.
За да се заштити приватноста на публиката најдобро решение е родителот да седи зад публиката и на тој начин ќе ја сними публиката од зад грб.
По завршување на снимањето потребно е да се направи фотографија (исто така во легната позиција т.е. landscape формат) која во левата половина го прикажува детето а во десната е насловната страна од книгата. Книгата треба да е во преден план и во висина на лицето, односно како на сликава.

12. Доставување на снимката
Снимката од раскажувањето се доставува преку Порталот за родители или, доколку родителот дал соодветно овластување, преку Порталот за наставници од страна на одобрен ментор.
За пристап до својот портал, родителите и наставниците треба да кликнат на црвената икона со човече („Мој портал“) во главното мени на веб-страницата на Фондацијата. По најавувањето, системот автоматски ги насочува кон соодветниот портал, од каде што можат да ги доставуваат снимките.
Детето нема посебна корисничка сметка и не ја доставува снимката самостојно.
При доставувањето потребно е да се внесат податоци за книгата и да се приложат:
- линк до снимката поставена на YouTube;
- фотографија на детето (според примерот на сликата), согласно условите на Натпреварот;
- останатите задолжителни податоци што ги бара Порталот.
Снимката на YouTube треба да биде поставена најмалку како Unlisted. Може да биде и Public, но не смее да биде Private, бидејќи во тој случај Фондацијата нема да може да ја прегледа.
По доставувањето, снимката ја прегледува Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ.
Доколку се потребни корекции, родителот или менторот што ја доставил снимката ќе добие известување со насоки што треба да се корегира.
Доколку снимката ги исполнува условите, таа ќе биде одобрена и објавена на веб-страницата на Фондацијата, а родителот и/или менторот ќе добијат известување со директен линк до објавената снимка.
Еден учесник може да има најмногу 4 успешни снимки во кој било период од 30 дена, без оглед дали снимките ги доставил родителот или овластен ментор.
Пред подготовката и снимањето, задолжително проверете дали избраната книга може да се користи на Натпреварот:
Напатствија:
- Како да креирате свој YouTube канал
- Како да поставите свои видеа на вашиот YouTube канал преку мобилен
13. Објавување на снимките
По доставувањето на снимките, тие се прегледуваат и по одобрувањето се објавуваат на веб страницата на фондацијата:
- Раскажувачи 1-5 (за натпреварувачи од 1 до 5 одделение, и
- Раскажувачи 6-9 (за натпреварувачи од 6 до 9 одделение)
- и на Facebook страницата на натпреварот https://www.facebook.com/natprevarvoraskazuvanje
14. Споделување на снимките на социјални мрежи
По одобрувањето и објавувањето на снимката на веб-страницата на Фондацијата, родителите можат, доколку сакаат, да ја споделат со семејството, пријателите и на социјалните мрежи.
Споделувањето е целосно доброволно.
Неговата цел е да му овозможи на детето да се гордее со својот труд и постигнување, а воедно и да ги охрабри другите деца да читаат, раскажуваат и да се вклучат во Натпреварот.
Снимката може да се сподели директно од страницата на која е објавена, преку достапните копчиња за споделување, или со копирање на линкот до снимката.
Доколку сакате, при споделувањето можете да напишете своја порака. На пример:
„Горди сме на [Име на дете], кое ја раскажа книгата „[Име на книга]“ од [Автор] во рамки на Натпреварот во раскажување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ.
Погледнете ја снимката и, ако познавате дете кое сака книги и раскажување, споделете му ја информацијата за Натпреварот.“
Повеќе информации за Натпреварот и пријавувањето се достапни на: fgm.org.mk
15. Финален настап
За секоја прочитана и раскажана книга и со доставена снимка, секој натпреварувач добива по еден поен. Првите 30 натпреварувачите со најголем број прочитани книги од секоја категорија ќе учествуваат во суперфинале, односно ќе имаат настап во живо пред публика а настапот ќе го оценува стручна жири комисија.
16. Приватност на податоци
Сите податоци кои родителот или старателот ќе ги достави при пријавувањето ќе се третираат како деловна тајна и нема да бидат доставени на трети лица или организации. Доставените податоци ќе бидат употребени исклучиво за потребите на организирање на натпреварот.
17. Поврзаност со други активности
Учествувањето на натпреварот за раскажување ќе се смета како основен предуслов за запишување на натпреварувачите на Академијата за идни лидери „Ѓорѓи Марјановиќ“. Школувањето на оваа академија ќе биде бесплатно за сите учесници.