Search
Close this search box.

Заедно за подобра иднина на децата без родители

Скопје, 15 ноември 2023 – Денес, на 15 ноември, извршниот директор на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, господин Александар Марјановиќ, одржа средба со Јованка Тренчевска, министерката за труд и социјална политика. На средбата се разговараше за соработката помеѓу Министерството и Фондацијата, со цел спроведување на активности за поддршка на децата без родители, сместени во згрижувачки семејства и децата на самохрани родители.

Во текот на средбата, министерката Тренчевска и г-дин Марјановиќ изразија заеднички оптимизам и ангажман за изработка на политики што ќе поддржат процесот на деинституционализација и ќе обезбедат подобри услови за децата. Од посебно значење е истакнувањето на принципите кои ги заговара Министерството, вклучувајќи работење со секое дете поединечно, образование, стекнување на вештини и знаења.

„Процесот на деинституционализација, работењето со секое дете поединечно, овозможувањето на услови за образование, стекнување вештини и знаења се клучни темели врз кои се креираат политиките за детска заштита во Министерството за труд и социјална политика“, изјави министерката Тренчевска.

Во исто време, г-дин Марјановиќ најави дека Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ го формира Фондот за школување. Преку овој Фонд, со помош на донации од компании и поединци, се планира обезбедување на компјутери, помош во школување и менторска поддршка за децата без родители. Целта е да се овозможи овие деца да се осамостојат и да си обезбедат пристојни услови за живот во својата земја.

„Една кинеска мудрост вели – На гладниот дај му риба и ќе го нахраниш за еден ден. Научи го да лови и ќе го нахраниш за цел живот. Во овој дух Фондацијата ќе се обиде да им помогне на децата, учејќи ги на вистински вредности во животот“, изјави г-дин Марјановиќ.

Со поддршка на Министерството за труд и социјална политика, Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ наскоро ќе ги започне своите активности, кои имаат цел да им помогнат во обезбедување перспективна иднина базирана врз знаење и вештини.