Search
Close this search box.

Зачувување и промоција на македонскиот јазик

Скопје, 27.12.2023 – Денес, на 27.12.2023 година, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Фондација Ѓорѓи Марјановиќ потпишаа Меморандум за соработка која ќе се фокусира на подготовка и реализација на проекти во област на македонскиот јазик.

Согласно Меморандумот, страните се согласија да соработуваат заедно на развој и имплементација на проекти од заеднички интерес, кои вклучуваат реализација на курсеви за македонски јазик за странци и деца на нашите иселеници, маркетинг активности за промоција на македонскиот јазик, поттикнување на младите за изучување на македонскиот јазик, како и активности за поттикнување на љубовта кон читањето кај младите.

„Идејата за соработка меѓу Филолошкиот факултет „Блаже Конески” и Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ” се темели на споделениот интерес за негување и промоција на македонскиот јазик, како и долгорочната цел за подигнување на нивото на читателската култура кај децата и младите, како поттик за развој на нивните интелектуални и творечки потенцијали. Се надеваме дека во нашата соработка ќе се придружат и други партнери кои ја споделуваат грижата за овие области од витално значење за општеството.“ – изјави д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

„Македонскиот јазик е дел од нашиот идентитет и наше најголемо богатство. Верувајќи дека заедно сме посилни, ги здружуваме силите за да го зачуваме јазикот, помагајќи им на децата на нашите иселеници родени во дијаспората да го научат македонскиот јазик.“ – изјави Александар Марјановиќ, извршен директор на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ и додаде – „Освен тоа, се согласивме дека децата имаат сериозни потешкотии со читањето и се согласивме да преземеме сериозни чекори во решавањето на овој проблем.“

За повеќе информации, контактирајте ги претставниците на страните:

За Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ:
Александар Марјановиќ, извршен директор
Е-пошта: aleksandar.marjanovik@fgm.org.mk
Веб страна: www.fgm.org.mk

За Филолошкиот факултет Блаже Конески:
Владимир Мартиновски, декан
Е-пошта: martinovski@gmail
Веб страна: https://flf.ukim.mk/