Скопје, 2 април 2002 – Денеска во Скопје почина Ѓорѓи Марјановиќ, истакнат интелектуалец, професор по кривично право на Правниот факултет во Скопје.
Ѓорѓи Марјановиќ е роден во Стара Моравица, Србија, на 6 мај 1939 година.
Марјановиќ дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1962. Магистрирал на постдипломските студии по казнено-правни науки на Правниот факултет во Загреб во 1968 со тезата: “Правните последици на осудата”.
Докторирал на Правниот факултет во Скопје во 1973 со тезата “Правната положба на осуденикот по издржаната казна”. Сиот работен век, освен приправничкиот стаж (1962-1964) во Основниот суд-Скопје II, го поминал на Правниот факултет во Скопје: асистент (1965-1974); доцент (1974-1979); вонреден професор (1979-1985) и редовен професор (1985-2001).
За време на комунизмот професионално се ангажирал за слобода на уверувањето, совеста, мислата и нејзиното јавно изразување, покренувајќи го прашањето за укинување на некои тогаш мошне проблематични инкриминации:
- на XXI советување на Југословенското здружение за кривично право и криминологија (Струга, 24-25 октомври 1983) во уводниот реферат побарал укинување на фамозниот “деликт на мислење”, содржан во чл. 133 КЗ СФРЈ, за што бил изложен на остри критики од страна на комунистичкиот естаблишмент и партиски казнет, по што самиот истапил од Сојузот на комунистите на Југославија;
- се залагал за посебен третман на политичките затвореници во пенитенцијарните установи на СФРЈ;
- се залагал за слобода на совеста во врска со инкриминацијата-Одбивање прием и употреба на оружјето (чл. 202 КЗ СФРЈ) од страна на припадниците на некои верски заедници.
Марјановиќ е член на Форумот за човекови права на Македонија од неговото основање.
По воведувањето на повеќепартискиот систем ја основа и е избран за претседател на првата опозициона партија во Македонија – Лига за демократија (од 21 ноември 1989 година, кога ја напишал нејзината политичка платформа). На чело на партијата е до 2006 година, кога по парламентарните избори, се повлекува од функцијата претседател на Лигата за демократија.
Познат е по своите колумни во „Дневник“, а по локалните избори 2005 година е советник во Советот на град Скопје.