Опис
ПРЕДГОВОР НА АВТОРОТ
На секој автор еднаш му доаѓа моментот кога ќе почувствува потреба да си ги среди и доврши работите, а остатокот од животот да му остане слободен за други задачи. Оваа книга треба да претставува довршување на правнофилозофските трудови на авторот.
Означена е како трето издание на „Основите на филозофијата на правото“. Второто издание се појави 1922 година како просто препечатување на првото. Врз него, како и врз првото, стоеше 1914, како година на издавањето. Уште тогаш се појави потреба од ново издание, но преработката беше невозможна, иако веќе се признаваше нужноста од темелно преиначување на книгата по преломните настани на војната и револуцијата. Анте-датирањето на новото издание требаше да покаже дека вака обликуваната книга не ги изразува ставовите на авторот во времето на нејзината појава.
Преработкава што сега стои пред читателот се темели врз повторно пишување на целата книга. Таа е многу повеќе нова книга одошто ново издание. Некои поглавја од Општиот (§§ 11-14) и целиот Посебен дел (§§ 16-29) се новододадени. Во тој Посебен дел авторот не си поставува задача да ги исцрпе сите аспекти на предметите, туку само да ги начне од гледишта поставени во Општиот дел и така да ги испита врз примерот на Општиот дел. Притоа, филозофијата на државата е сепак издвоена, колку што таа воопшто може да се издвои, од филозофијата на правото. И деловите обработувани во старата книга доживеаја разновидни измени. По нешто е исправено, на пример, на правдата ѝ е дадено посамостојно значење наспрема целесообразноста на правото. Друго, да речеме, излагањето за проблемот на слободата на волјата, беше изоставено, не затоа што на авторот му се чинеше неточно, туку зашто во тој контекст не му се гледаше неопходно. Многу работи за кои порано беше потребно опширно излагање, можеа да бидат скратени. Беа изменети некои изрази, а можеби и целата интонација на книгата, бидејќи она што звучело природно во устата на помлад човек, би изгледало неприродно во устата на човек што е постар речиси дваесет години. Можно е старата книга некому повеќе да му се допаѓа одошто новата. Но, ни старата книга не исчезна од светов, па новата ќе застане покрај неа, а не на нејзиното место.
И сега како и порано, меѓутоа, авторот се држи за истиот начин на мислење: за оној рационализам кој “сака да остане во ноќта што се нарекува просветителство” (Ларенц) и за оној релативизам, “кој, токму како ненаучен, се уништува самиот себеси” (Зауер). Тој не учествува во ирационалната моментна мода. Се разбира, рационализмот застапуван во оваа книга не верува дека светот, поделен со разумот, испаѓа без остаток. Но, тој својата задача ја гледа во рационалното откривање на крајните противречности, а не во нивното ирационално замаглување. На релативизмот авторот му придава уште поголемо значење во сегашнината одошто во времето кога книгава се појави за прв пат. Зашто релативизмот е мисловна претпоставка на демократијата: таа одбива да се поистовети со определено политичко сфаќање и е готова дури водството во државата да му го препушти на секое политичко сфаќање што успеало да го придобие мнозинството, зашто таа не познава еднозначен критериум за исправноста на политичките погледи и не ја признава можноста од стојалиште над партиите. Релативизмот со своето учење дека ниедно политичко сфаќање не може да се докаже, ниту пак да се побие, е подобен да му се спротистави на она самооправдување вообичаено кај нас во политичките борби, што кај противникот гледа само глупост и злонамера: ако ниедно партиско сфаќање не може да се докаже, тогаш секое сфаќање може да се побива од стојалиште на едно друго противставено сфаќање; но, ако ниедно не може побие, тогаш секое треба да се почитува и од стојалиште на противничкото сфаќање. На тој начин релативизмот едновремено нè учи на решителност во сопствениот и на правда спрема туѓиот став.
Оваа филозофија на правото, како скромен придонес, 1914 година спаѓаше во низата од оние трудови, кои по децениски прекин, за време на кој само Рудолф Штамлер го држеше кренат правнофилозофскиот бајрак, одново се зафатија со правнофилозофска работа. Оттогаш се јави непрегледна литература. Авторот изјавува дека е некабожен во книгава да излезе на крај со таа литература. Соочен со богатите библиографски наводи во другите учебници (Штамлер, Зауер), тој смета дека е и излишно во целост да ја наведува.
Тој повеќе би сакал на студентите да им го приближи она како отколку она што, помалу да ги врзе за резултатите отколку да ги наведе на правнофилозофско размислување. На оној што се стреми кон истите цели, а особено на пријателот, кого најрадо си го замислувал како свој читател, му ја довикнува онаа Хорациева:
Vive, vale. Si quid novisti rectius istis,
Candidus imperti; si non, his utere mecum.*
Радбрух
* „Збогум, збогум! Ако дознаеш за нешто подобро од мене, јави братски: ако не – храни се и од ова со мене.“ (Хорациј, Писма, 1, 6, 67)
Осврти