Скопје, 18 октомври 2019 – Неодамна основаната фондација „Ѓорѓи Марјановиќ“ започнува со своите активности со промоција на својот прв проект – книгата „Kолумни“ кои професорот Марјановиќ ги пишуваше за дневниот весник „Дневник“ во период од 1998 до 2006 год.
Книгата ќе биде промовирана во свечениот амфитеатар на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, во петок, 18 октомври со почеток во 12:00 часот. Промотори на книгата ќе бидат Владимир Петрушевски Фили, претседател на фондацијата и Бранко Секуловски, судија во пензија. Свои излагања ќе имаат и Александар Дамовски, еден од основачите на Дневник и Александар Марјановиќ, извршен директор на фондацијата.
Книгата содржи 329 колумни, ќе биде објавена во три тома, на над 1000 страници но нема да се продава на „традиционален“ начин, туку ќе се добива со донирање износ по сопствен избор. Приходите кои фондацијата ќе ги обезбедува на овој начин ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, деца на самохрани родители, невработени лица, лица со попреченост и останати ранливи категории. На овој начин фондацијата ќе се обиде на овие лица да им помогне да станат финансиски самостојни со што ќе се постигне Македонија еден ден да им стане пристојно место за живеење за сите.
Скратена електронска верзија од книгата е достапна за преземање веднаш, на адресата: https://bit.ly/10kolumni
За фондацијата
Сето она што Ѓорѓи Марјановиќ го започна во 1984 година со неговата битка за укинување на вербалниот деликт како основен предуслов за развој на демократијата и создавање на повеќепартиски систем во тогашната СФРЈ, и сѐ она што се обидел да го реализира со првата политичка партија во Македонија, Лигата за Демократија, со визија МАКЕДОНИЈА ДА СТАНЕ ПРИСТОЈНО МЕСТО ЗА ЖИВЕЕЊЕ, сега продолжува да го реализира Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, со активности директно поврзани не само со оваа цел, туку и со афинитети по кои јавноста го познава професорот Марјановиќ – неговата љубов кон книгата, музиката, уметноста, планинарењето, неговите способност за дебатирање. Со оглед на тоа што тој на рана возраст ги губи и таткото и подоцна очувот (чие презиме цел живот го носи), во главен фокус на активностите на фондацијата ќе биде помошта за школување и вработувања на деца без родители, деца на самохрани родители но и останати ранливи категории.