Стратешко партнерство на Фондација „Ѓорѓи Марјановиќ“ и СЕТЕК за дигитална инклузија на младите без родителска грижа

СКОПЈЕ, 24.02.2026 – Со цел да се премости дигиталниот јаз за најранливите категории млади лица, Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ и компанијата СЕТЕК денес потпишаа Меморандум за стратешко партнерство. Оваа соработка воспоставува долгорочен систем за обезбедување, сервисирање и донирање компјутерска опрема наменета за деца без родителска грижа и млади во социјален ризик.

Преку ова партнерство, СЕТЕК ја става на располагање својата малопродажна мрежа низ Македонија како официјални точки за прием на донации (drop-off локации). Дополнително, техничкиот тим на СЕТЕК ќе врши професионална проверка, сервис и подготовка на опремата, со што се гарантира дека секое дете ќе добие функционална алатка за учење и работа.

По потпишувањето, од Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ појаснија дека овие ресурси ќе бидат директно ставени во функција на нивните постоечки програми – „Фондот за школување“ и „Патека до самостојност“. Процесот на селекција на корисниците се спроведува со максимална транспарентност, во тесна координација со ЈУ Детски дом „11 Октомври“ и со поддршка и одобрување од Министерството за социјална политика, демографија и млади. На овој начин се осигурува дека опремата ќе стигне до оние на кои им е најпотребна, дополнета со соодветни обуки за нивен понатамошен кариерен развој.

„Компјутерот за овие деца не е луксуз, туку прозорец кон светот и основно право на образование во 21 век,“ истакна Александар Марјановиќ, извршен директор на Фондацијата. Тој додаде дека со логистичката поддршка од СЕТЕК, Фондацијата сега може целосно да се фокусира на претворање на тие машини во реална шанса за подобар живот, осигурувајќи дека секој младинец ќе ја напушти установата за грижа со функционална алатка и вештина во своите раце.

На ова се надоврза и Снежана Кимовска, представник на СЕТЕК, која потенцираше дека како пазарен лидер во областа на технологијата, нивна должност е да бидат логистички мост за заедницата.

„Дигиталната исклученост денес значи ограничена иднина. Затоа ова партнерство со СЕТЕК е многу повеќе од донација на опрема — тоа е инвестиција во потенцијалот на младите луѓе. Преку програмата ‘Патека до самостојност’ создаваме услови технологијата да стане мост кон образование, вработување и достоинствен самостоен живот.“, изјави Кимовска. Таа понатаму објасни дека со ставањето на сервисните капацитети и продажните салони во служба на оваа мисија, СЕТЕК сака да им овозможи на граѓаните и компаниите сигурен начин нивните донации да стигнат до оние на кои им се најпотребни.

Партнерството предвидува и заеднички кампањи за подигнување на јавната свест и поттикнување на корпоративната филантропија, со фокус на создавање реални можности за вработливост на младите по напуштање на системот за грижа.