Опис
П р е д г о в о р
(со сеќавања од некои настани)
Книгава е, како што кажува самиот наслов, збирка од колумни на Ѓорѓи Марјановиќ, објавувани во „Дневник“, во периодот од 1998 до 2006 година.
Со оглед на тоа што многумина автори ги објавувале своите собрани колумни (вклучително и авторот на овој предговор), треба да се каже дека битен момент е тоа што автор на овие колумни е, токму, Ѓорѓи Марјановиќ. Прославениот и популарен професор по кривично право од Правниот факултет „Јустинијан Први“, во Скопје. Стана славен во 80-тите години, во ек на борбата против „вербалниот деликт“, кој е, всушност (како што елаборира Марјановиќ) деликт на мислењето! А деликт е поради тоа што неговите тогашни опоненти (најголем дел од нив, и самите, универзитетски професори) сметале дека се работи за деликт. Како што Димитар Димитров ќе каже десетина години подоцна, ова е судир на мислечки субјект и неговите опоненти, кого тие сакаат да го претворат во објект на немислечки субјекти!
Поради претходно реченото, јас претежно ќе зборувам за авторот. Не би сакал да попаѓам во таа стапица, да им објаснувам на другите „што сакал авторот да каже“! За своите колумни тој кажал тоа што треба да се каже. А не е мое да им објаснувам на другите што и како треба да разберат! Затоа, јас ќе се обидам да ви го доближам изворниот (а не прераскажаниот!) Марјановиќ.
Ѓорѓи Марјановиќ е, апсолутно, неприродна појава! Висок, стамен, елегантен, не само елоквентен туку и без влакна на јазикот (односно, без пликови на прстите, кога станува збор за пишување, односно типкање). Говори и пишува до перверзија писмено и убаво. Згора на сè, тој е и полиглот. Впрочем, не случајно неговите подоцнежни несудени опоненти се подмочуваат од страв, немајќи храброст да излезат на дуел со него и измислувајќи најневозможни изговори, за да не се сретнат пред некоја од камерите на телевизиите во Македонија. Зашто, колку што е Ѓорѓи добар и хуман, толку е и бескомпромисен кога ќе се соочи со глупоста. А глупавите, да го парафразираме ВИБ, често пати не се толку глупави за да не знаат дека се глупави! Следствено, знаат дека не смеат да се појават на дуел и дека не смеат да ги вкрстат копјата со еден ваков рицар… Така, на дуелите (што тоа не беа!), обично единствен соговорник на Ѓорѓи е водителот на емисијата! Во неколку наврати, водител (водителка) е една жена, достојна за почит според сите можни критериуми: Оливера Трајковска…
Ѓорѓи Марјановиќ се појавува во јавноста (доколку се исклучи неговата борба против вербалниот деликт и немислечките субјекти) во 1989 година. Тогаш почнуваат скромните први чекори на плурализмот во Југославија и Македонија. Плурализмот во македонската политика започнува со тогашниот прв човек на СКМ, Петар Гошев, а во јавниот живот – со Ѓорѓи Марјановиќ, преку неговите чести јавувања на страниците на „Нова Македонија“. Критичари и критизери имаше безброј, понекогаш само поради чисто формални работи. На пример, дали обраќањето со господин или госпоѓа има право на живот во СРМ. Еве еден пример во кој Ѓорѓи, на страниците на НМ, му одговара некому:
„Почитуваниот……, освен што за ништо не се сложува со мене, ме удостои и со текст во кој 27 (и со букви, дваесет и седум) пати ме нарекува „господин“. Бидејќи од содржината на дописот јасно се гледа ориентацијата на ……, а водејќи сметка за тоа во кој контекст кај нас сè уште се употребува зборот господин, неговото обраќање не можам да го сфатам никако поинаку освен како балканска неумереност во пцуењето!“.
По (речиси) оргазмичкото одушевување што ме обзеде, во тој момент се случи уште нешто: искрено посакав да се сретнам со човекот што, на извесен начин, ми стана идол и што многу пати суверено ја демонстрираше супериорноста на умот над мускулите. Интересно, првата средба (на падините на Водно) беше сосема случајна… некаде во мај 1990. Сите останати средби, пак, беа многу намерни. Се гледавме на состаноци на Извршниот одбор на Лигата за демократија и/или кај него, односно кај мене, дома.
###
Предавалните, односно амфитеатрите, на Правниот факултет во Скопје се секогаш преполни, независно од тоа дали Ѓорѓи држи предавања по кривично право или учествува на некоја трибина. Впрочем, еве малку реминисценции од последното:
Кога отидов на трибината: СМРТНА КАЗНА – ДА ИЛИ НЕ? (одржана пролетта 1991 год., во големиот амфитеатар на Правниот факултет во Скопје), морав да седам на скалите, зашто салата беше исполнета до последното место (оние што дојдоа уште подоцна, мораа да стојат). Клучни зборови во муабетите на сите присутни беа „Марјановиќ“ и „Лига“. Според суратите (стегнато-намуртени или ведро-насмеани) можеше веднаш и да се види кој е на која страна. На намуртените, очигледно, не им се допаѓаше густината на посетеноста на трибината, особено што тука луѓето дошле по своја желба.
Марјановиќ првин објасни дека на дилемата не може да се даде еднозначен одговор; и во светот е ова прашање различно решено, во различни држави. Во Европската Унија смртната казна е укината. Во САД, веќе зависи од конкретната држава во федерацијата: некаде има, некаде не. Тој самиот во еден период бил приврзеник на идејата за смртна казна, ама го променил мислењето во моментот кога бил поканет да присуствува на егзекуција (како експерт, кривичар) и сфатил дека тоа не може да го стори. Рече дека би било неморално тој да се залага „за“, а да не може да присуствува на чинот.
– Ако вашиот одговор е „не“ на смртната казна, законодавецот сè уште има на располагање средства што по својата суровост може да се споредуваат со неа. На некои места, на пример, врз непоправливите криминалци се применува следнава метода. Се врши, т.н. „мала трепанација“. Имено, се прави дупка во черепот и се интервенира директно во мозокот на осудениот, така што се уништува центарот што е одговорен за злосторничко поведение. Резултатот е едно кротко добиточе, што не претставува никаква закана за општеството. Лично, не мислам дека ова би била пожелната алтернатива за смртната казна.
И само што заврши со своето словопоучение, крена рака една дама (на која српот и чеканот и беа врежани на челото) и без формално да добие збор, стана и „со очи што ригаа пламен“ (како што би рекол македонскиот поет над поетите), му се обрати директно на Ѓорѓи:
– Кажете ми, кога вие би биле осуден за такво злосторство, што би одбрале: дали…
– Скраја да е, што Ви паѓа на ум – со смеење ги крена рацете Марјановиќ, а веднаш потоа смеата се разлеа и врз публиката.
– Не, јас инсистирам да ми одговорите! Што би одбрале: смртна казна или мала трепанација? – беше непопустлива жетвароковачката.
Сега Марјановиќ малку ја испули, па рече:
– Ме ставате во непријатна ситуација. Јас, навистина, би сакал да Ви одговорам, ама се сметам себеси за еден пристоен господин… а освен тоа, тука има многу дами. Не би можел баш директно… ама, се плашам дека изборот што ми го нудите многу прилега на онаа народната… знаете, за…
– Змијата и магарето! – ревна некој во салата и повторно се разлеа салва од смеење.
– Да, да… токму на тоа мислев. Ама, кога веќе инсистирате, ќе одговорам. Еве, би одбрал на пример… би одбрал мала трепанација. Нема голема разлика: во едниот случај вие го убивате телото, а во вториот му ја земате душата на човека – тој веќе не е истата личност. Ама јас сум кривичар и знам дека улогата на казната е да делува превентивно и воспитно. Затоа, би одбрал мала трепанација. Не за друго, туку во таков случај, жена ми би можела на моите немирни деца да им каже: „Гледаш? Ако не бидеш добар, ќе завршиш ене онака!“.
И на смеењето и аплаузите им немаше крај, со исклучок на неколкуте десетици намуртени. Трибината заврши, а едни од намуртените, минувајќи покрај мене беа достатно гласни за да ги слушнам: „Не требаше да му дозволиме да зборува! Требаше веднаш некој да го прекине. Не требаше да се дозволи да дојде до оваа трибина. Тој само си направи реклама. Требаше…“ и одминаа.
Каква штета, помислив пакосно, што ви пропадна монополот. Колку убаво би било пак да се врати?
А петнаесетина години подоцна, Господ ми докажа дека некои работи не треба да се кажуваат ни на мајтап. Сега знам, ама е премногу доцна…
Владимир Петрушевски Фили
Осврти