Опис
Предговор
Мојава книга, пишувана пред четврт век, како учебник за студентите на Правниот факултет во Скопје, под мошне интересен сплет од околности, а пред сé благодарение на еден од рецензентите, првин се појави под малку старинскиот наслов “Предавања по кривично право – општ дел”. Амбициите не ми беа да создавам некаков нов теоретски систем, туку да му го изложам на читателот системот на нашето постојно кривично право, вардејќи се притоа од чисто правниот позитивизам, толку присутен кај нас.
Настојувајќи да го одбегнам теоретскиот ларпурлартизам, во догматски расправи се впуштав, главно, онаму каде што ќе се убедев дека расчистувањето на постојните недоумици има значење за практичната примена на законите. Насекаде каде што тоа беше можно, се обидував излагањата да ги илустрирам со примери од судската практика. Од друга страна, еден систем што има нешто поголеми амбиции одошто да биде гола егзегеза на постојното, нужно налагаше критичност како спрема кривичното законодавство и практиката што се темели врз него, така и спрема теоријата што се изградува(ше) во врска со нив.
Во меѓувреме, од издание во издание, се убедував дека формата на “предавања” има предности пред повеќе или помалку вкостенетиот “учебник”: предавањата, според природата на работите, не претендираат на конечни вистини: може полесно да го следат оживотворувањето на законите низ судската практика, што редовно се објавува(ше) на страниците од правната периодика и во збирките на судски одлуки; ре-левантните стојалишта во теоријата на кривичното право побезболно се вклопуваат во нивното живо ткиво; авторот може да си дозволи, преку нив, да полемизира со туѓите ставови што му се чинат неприфатливи, или пак, убеден од туѓата аргументација, едноставно да ги измени своите сопствени; предавањата, најпосле, му оставаат на авторот поголема слобода на стилот: тука човек смее да се изразува и колоквијално, некогаш малку патетично, друг пат сликовито, подбивно, па дури и саркастично. На учебникот сево ова му е туѓо.
Шесте досегашни изданија (1978, 1980, 1982, 1988, 1998, 2003, ова е практично седмо), неколкуте критичко-лаудативни прикази, објавени во нашата правна периодика, а пред сé бројните повикувања на моите “Предавања” (од 1988 наваму на мојот учебник) на страниците од стручните и научните трудови на моите колеги, зборуваат за тоа дека книгава (и покрај јазичната бариера) си проби пат до читателот. Сево ова ме раководеше да не менувам ништо во нејзината концепција. Единствените (сосема небитни) новини се изменетиот наслов и академскиот ранг.
На моите задолжителни читатели (студентите) вероројатно нема многу да им се допадне зголемувањето на обемот на книгава. Меѓутоа, ова денес, тешко може да се одбегне: Македонија по осамостојувањето има амбиции да се приклучи кон Европа, а тоа по природата на работите значи дека македонскиот теоретичар мора постојано да води сметка за релевантната европска литература (и јудикатура). Научната коректност (а не просто колегијалната куртоазија, што, патем речено, кај нас и не е којзнае колку распространета појава) обврзува да се земе предвид секое релевантно мислење и секој став што може да придонесе кон расчистување на дилемите во тео-ријата и недоумиците и колебањата во практиката.
Од друга страна, осумте новели (особено оние од 2004 и 2009 година)во македонското кривично право внесеоа значајни новини, што мораше теоретски да се обработат. Со таа (не мала и не беззначајна) работа, по моето пензионирање, се нафати колегата Методија Каневчев. Резултат од неговиот високо професионален труд е ова издание, кое, поради тоа, нужно доби карактер на коавторско дело. Посебно е за одбележување настојувањето на колегата Каневчев да не ја наруши концепцијата на книгата, за која погоре зборував, како и да го негува нејзиниот стил. Колку и да се трудеше книгата да се задржи во досегашниот обем, нејзиниот растеж беше неминовен. Тоа значи дека книгите, и без наша желба, постепено растат. А “голема книга е големо зло”, особено ако е задолжителна литература!
Во Скопје, 2010 година, Ѓ. Марјановиќ
===================================================================
Предговор кон деветтото (изменето и дополнето) издание
Најновото, деветто издание на овој учебник, произлегува од потребата наметната од повеќе причини. Имено, освен тоа што сите примероци од претходното издание веќе беа исцрпени, беше нужно учебникот да кореспондира со измените и дополнувањата во кривичното законодавство во последните пет години, како и потребата тој да се збогати со нови идеи и размислувања, за да биде во тренд со современите научно-теоретски расправи и тенденции сврзани со најзначајните кривично-правни институти.
Новина во ова издание е што за прв пат како коавтор на учебникот се појавува д-р Миодраг Лабовиќ, редовен професор на Факулететот за безбедност – Скопје по предметите Кривично право – Општ и Посебен дел, Криминологија, како и на други сродни предмети од оваа научна област.
Како и во изминатите изданија, така и во ова издание е запазена систематиката во излагањата и континуитетот на генералната определба за полемика со ставовите на референтните домашни и странски автори за актуелни кривично-правни прашања. Нови размислувања, со аргументирани ставови, се внесени во некои негови нови поглавја, како што се: Нови тенденции сврзани со основните елементи на кривичното дело; Правни и практични импликации од воведувањето на проширената конфискација во кривичното законодавство на РМ; Референтни решенија од компаративното кривично право сврзани со проширената конфискација; Правни и практични проблеми сврзани со примената на конфискацијата на имотната корист од трети лица. Едновремено, во нив се содржани практично спроведливи предлози и решенија de lege ferenda за редица кривично-правни институти од Општиот дел на кривичното право..
Во други, веќе постоечки поглавја, се инкорпорирани нови ставови, кои ја збогатуваат кривично-правната мисла за Општиот дел на кривичното право. Тоа особено се однесува на поглавјата во кои се содржани излагања за поимот на политичките кривични дела, теориите за причиност, нужната одбрана, разграничувањето на соизвршителството од поттикнувањето и помагањето, како и проширената конфискацја.
Авторите искрено се надеваат дека и за ова издание на учебникот, отворената и издржана критика од страна на студентите од прв, втор и трет циклус студии, теоретичарите и практичарите, како и на сите други кои се заинтересирани или се занимаваат со кривично-правната проблематика, ќе придонесе за оценката дали и колку ова издание го задржува нивото на квалитет, не само од аспект на збогатување на кривичнио-правната мисла, туку и од аспект на подобрување на практичната примена на кривичното законодавство во нашата земја. Во таа смисла, и натаму опстојуваат нашите надежи, дека објективните и непристрасни читатели ќе понудат конструктивни и аргументирани забелешки, сугестии и предлози, кои секогаш се добредојдени, како неопходен предуслов за развој на науката (во овој случај – науката за Кривичното право), како и на општеството во целина.
Во Скопје, Септември, 2021 година Авторите
Осврти