Доделени сертификати и компјутери на штитениците на детскиот дом 11 Октомври

Скопје, 14.12.2024 година – Во просториите на детскиот дом 11 Октомври денес се одржа свечена церемонија на која беа доделени сертификати за завршена обука и компјутери на првата генерација учесници – децата без родители.

Обуката под наслов „Користење компјутери за безбедно учење на далечина“ ја посетуваа 27 штитеници на детскиот дом. Овие млади луѓе, покрај стекнатите знаења и вештини за безбедно користење на компјутери за учење на далечина, добија и по еден компјутер или лаптоп кои во иднина ќе им служат за натамошно учење и подготовка за самостоен живот.

По завршувањето на обуката, учесниците ќе продолжат со едногодишно изучување на англискиот јазик, кое ќе се одвива на далечина под водство на искусни наставници. Овој проект се реализира со поддршка на Sparkasse и амбасадорите на фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ.

Компјутерите се донација на Edusoft, Synergi, Modirum Platforms, Data Masters, Aucta, Taskforce, CCPP TE-TO AD Skopje и Слаѓана Шошкиќ, фотографиите на Ина Марковиќ за што им изразуваме голема благодарност.

„Пресреќни сме што постојат луѓе како Александар кои искрено се грижат за децата без родители и го прават на дело она што зборуваат. Денес нашите штитенци добија многу повеќе од компјутери – тие добија одлична шанса за подобра иднина!“ – изјави по завршувањето на настанот г-ѓа Розетка Влаховиќ, вд директор на детскиот дом „11 Октомври“.

„Денешниот настан е доказ дека меѓу нас постојат голем број хумани луѓе и организации кои ни помогнаа една идеја да претвориме во реалност. Со нивна помош ја започнуваме трансформацијата на Македонија во пристојно место за живеење, почнувајќи од децата без родители на кои ќе им обезбедуваме компјутери, обуки и ментори.“ – изјави Александар Марјановиќ, извршен директор на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ.