Search
Close this search box.

Лига за демократија: ПРОГРАМА

ПРОГРАМА

  • настојувајќи Македонија да стане пристојно место за живеење, што ќе рече – правна држава, сфатена како инструмент за заштита на човекот и неговите слободи и права, како инструмент за унапредување на развитокот на сите негови природни сили, но и како инструмент за самоограничување на власта,

 

  • свесна за фактот дека нема правна држава без демократија, ниту пак демократија без правна држава,

 

  • свесна за фактот дека на Македонија í се потребни коренити социјални и економски промени, јасна и непречекорливо изведена поделба на власта, развој на вистински парламентарен систем, одговорни демократски јавни институции должни да даваат јавен отчет за својата работа, вистинска пазарна економија, децентрализација на моќта, одговорна национална политика и нова, достоинствена надворешна политика раководена од најсуштествените интереси на земјата,

 

  • свесна за фактот дека меѓу Македонците нема да има ни мир ни прошка се додека не се поправат најболните зла што ги причинија припадниците на т.н. комунистички режим во текот на нивното речиси полувековно неограничено владеење во земјата,

 

Лигата за демократија (во натамошниот текст: ЛД) со оваа програма ги прокламира основните начела и определни кон кои ќе се придржува во својата политичка дејност, приоритетните цели што ги согледува во сегашниов историски миг и патиштата за нивното оживотворување, демократски правни како и посебните цели врз планот на негувањето на свеста за самобитноста на македонскиот народ и нејзината заштита.

I. ОСНОВНИ НАЧЕЛА

  1. Човекот е најголемата вредност на општеството. Не постои човекот заради државата, туку државата заради човекот. Неговото достоинство мора да биде неприкосновено. Ниедна уставна, законска или подзаконска норма не смее да го тера да ја ведне главата пред власта, да ја затвора устата пред моќта. Човекот е мера на сите нешта, а не државата.
  2. Сите луѓе се еднакви пред законот. Противправна е секаква национална, расна, верска и сексуална дискриминација. Криминално е и казниво секакво пропагирање национална, расна, верска и сексуална омраза, раздор и нетрпеливост.
  3. Уставните одредби за основните права и слободи на човекот и граѓанинот се норми од повисок ранг од сите други норми на Уставот. Тие се неговото јадро и критериум за оценување на сите други уставни одредби.
  4. Основите на уставното уредување не смее да бидат предмет на самоволни експерименти на власта. ЛД ќе ги смета за правно непостоечки уставните промени до кои дошло поради внатрешна или надворешна присилба. Кон уставни промени се пристапува само по темелно преиспитување на важечката регулатива и на добрите односно лошите страни на онаа што сака да се вгради во Уставот.
  5. За да се обезбеди човекот од злоупотребите на власта, моќта на државата се ограничува преку поделба на власта на законодавна, судска и извршна.
  6. Законодавната власт, олицетворена во парламентот, се образува на слободни и фер избори. Во изборниот натпревар може да учествуваат сите полнолетни граѓани било како поединци (независни кандидати) било како политички партии организирани врз граѓанска основа и лојални спрема македонската држава.
  7. Немаат и не смее да имаат легитимитет партиите што проповедаат човекомразие во вид на национална, расна, верска, класна, сексуална омраза, раздор или нетрпеливост или имаат за цел отцепување на дел од македонската земја во полза на друга држава. 
  8. Парламентот ја именува и разрешува извршната власт. Претседателот на Републиката е должен да му го довери мандатот за формирање влада на лидерот на партијата што на изборите освоила најголем број места во парламентот. Ако овој не успее да формира влада, Претседателот ќе му го понуди мандатот на вториот по ред според бројот на освоените гласови. Итн. 
  9. Парламентот ги именува судиите на сите судови во земјата. Судиската функција е трајна: редовно престанува на 70-годишна возраст на судијата, а вонредно и порано, доколку тој поради болест стане неспособен да ја извршува или доколку, преку извршување кривично дело, се покаже недостоен за неа. Не секое кривично дело го има за последица овој ефект (небрежен сообраќаен деликт, на пример). Судијата не смее да биде член на политичка партија. Судијата може да биде разрешен од страна на парламентот доколку се утврди дека за судија бил избран како член (функционер) на некоја политичка партија. 
  10. Приватната сопственост на граѓанинот, стекната на законит начин, е недопирлива. Не е стекната на законит начин сопственоста врз основа на очигледно несправедливи закони, сопственоста за која сторителот не платил пазарна противвредност, како и сопственоста врз имот што имал сопственик од кого тој имот бил конфискуван, национализиран или експроприран врз основа на идеологизираните закони на поранешниот режим. Во посебна законска постапка да се преиспита законодавството и постапката за приватизација на некогашниот т.н. “општествен имот” и нејзино укинување во сите случаи кога до неа дошло на криминален начин.
  11. Со посебни закони ќе се регулира поништувањето на сите осуди донесени врз основа на идеологизираните комунистички кривични закони (за дела на контрареволуционерно загрозување на општественото уредување, непријателска пропаганда, здружување заради непријателска дејност, како и цела низа кривични дела во врска со противењето на насилното влегување во т.н. селски работни задруги, задолжителниот откуп на селскостопански производи, недозволеното производство и трговија и слични дела). Осудите врз основа на овие законски одредби ќе се сметаат за непостоечки (небаре до нив никогаш и не дошло), а осудените ќе имаат законско право да се декларираат за неосудувани граѓани, за лица што никогаш не дошле во судир со законите на земјата. Овие граѓани (односно нивните наследници) ќе може од државата да побараат и да добијат обештетување во смисла на законските одредби за надомест на штета на лица неоправдано осудени и неосновано лишени од слобода. 
  12. ЛД се залага за целосно враќање на национализираните земјишни поседи и друг вид имот на верските заедници, како и на одземените светилишта
  13. Со посебни закони ќе се регулира враќањето на национализираните имоти (земјата, индустриските погони, дуќаните, аптеките или друг имот) на нивните стари сопственици. Доколку не е можно или од стопанска гледна точка не е целесообразно физичко враќање, на сопствениците на национализираните добра (или на нивните наследници) да им се исплати справедлива надомест според нивната тогашна вредност и тоа во пари или акции на фирмите во кои се внесени тие добра. 
  14. Со посебни закони се регулира начинот и постапката за спречување на монополите врз кое и да е подрачје на општествено-економскиот живот, а особено во доменот на јавното информирање. 
  15. Приватната иницијатива и претприемчивот ќе се поттикнува и охрабрува во сите сфери на економскиот и секаков друг вид живот на земјата со обмислени даночни олеснувања. Заради смалување на безработицата, посебно ќе се води сметка за давање даночни олеснувања на сопствениците на нови (но и на постојните) фирми за секое новосоздадено работно место. Оданочувањето мора да се врши според објективизирани мерила, што ќе создадат чувство на правна сигурност кај обврзниците. Приватната иницијатива и претприемчивост се темел за едно здраво и просперитетно стопанство и не смее да се ограничуваат или потиснуваат ниту пак да се привилегираат поради ваквата или онаква политичка припадност на нивниот носител. 
  16. Македонската држава, како наследничка на Југославија, го наследи и долгот спрема старите девизни штедачи и должна е да им го врати исто како што редовно ги отплатува наследените стари долгови кон странство. 
  17. Во посебна законска постапка да се преиспита сопственоста (движниот и недвижниот имот) на партиите наследнички на поранешната единствена владејачка парија, па, доколку се утврди дека таа не е заеднички плод на нивното членство, ќе се одземе во полза на државата. 
  18. Државните расходи мора да се движат во рамките на државните приходи. Државните расходи не смее да се покриваат со средства добиени како меѓународни заеми. Укинување на сите неумерени заштитни царини како извор на буџетски средства и намалување на најниско можно ниво на царините на еколошки поприфатливи возила од постојните. Посебно високи царини за секој вид луксузна потрошувачка. Сите јавни набавки се вршат преку тендери. Криминално е и казниво вршењето јавни набавки без тендер. Парламентот ќе врши увид во сите јавни набавки, како и на повикување на политичка, казнена и секаква друга одговорност на соодветниот министер и на лицата што ги повредиле законските одредби за јавните набавки.

II. ПРИОРИТЕТНИ ЦЕЛИ

  1. Политички партии. – Сообразување на законот за политичките парти, како и на целокупното изборно законодаство, со релугативата на Европската унија. Неменување на пропорционалниот изборен систем како најсоодветен за мала држава на премин од социјализам кон слободна правна држава. Донесување закон за финансирање на политичките партии во зависност од бројот нивните членови што плаќаат членарина. Донесување регулатива за справедлива надомест на изборните трошоци во зависност од бројот на освоените гласови за народното собрание. Законско регулирање на еднаквоста на пристапот кон средствата за јавно информирање што имаат третман на национални институции. Законско разбивање на монополската позиција на сите “државни” новинско-издавачки куќи. Законска забрана на какво и да е буџетско финансирање само на определени медиуми и спречување партијата на власт да ги контролира медиумските дејности.
  2. Рационализација и поевтинување на државната управа. – ЛД се залага за помала и поефикасна влада од досегашната, за укинување, пренамена или приватизација на сите непотребни владини служби и државни органи. Преку соодветни програми да се отстрани вишокот администрација во државните служби и тие суштествено да се департизираат и професионализираат.
  3. Цивилен сервис. – Државните службеници го сочинуваат телото на т.н. граѓански сервис и тие се неменливи во случај на каква и да е политичка промена во земјата. Хиерархијата на државните службеници е самостојна и не зависи од политичките односи на власта во земјата.
  4. Малцинства во државната управа. – ЛД се залага за доследна примена на принципот на справедлива застапеност на малцинствата во државната управа, но без штета за нејзината професионалност.
  5. Борба против функционерските и пратеничките привилегии. – ЛД се залага за сведување на најмала можна мера на функционерските и пратеничките привилегии. Нив треба да ги има само во врска со извршувањето на функциите. Во таа смисла ЛД смета дека треба да се продаде најмалу 80% од расположивите службени леки коли наменети за репрезентација и на сите репрезентативни објекти (летувалишта, одморалишта, ловишта, ловечки домови, затворени клубови и слично). Во случај ова да не неизводливо или тешко изводливо, од тој и таков фонд на сопственост да се формираат доходовни сервиси што ќе служат – под исти услови – како за државните потреби, така и за потребите на граѓанството.
  6. Борба против национални мистификации. – Исфрлање на сите идеолошки мистификации наметнати од страна на поранешниот режим (но и од страна на меѓународната заедница) во врска со положбата на малцинствата: нивното означување како “националност” наместо “етничка група”, нивното означување како “заедница” наместо “малцинство”, означување на нивната припадност во сообразност со вековната македонска јазичка практика, напуштање на измислените категории како што се “право на знаме на националност” итн. ПО однос на положбата на малцинствата во државата – ништо помалу, но и ништо повеќе од она што го предвидуваат меѓународните конвенции. 
  7. Борба против криминалот. – Енергична борба против сите видови престапништво, а особено против организираниот криминал и “криминалот со бели крагни” (криминалот на носителите на власта). Казните за прекршоци може да бидат само парични.
  8. Борба за востановување социјална држава. – Водење конзистентна социјална политика со посебна грижа за младината, хендикепираните и старите луѓе.
  9. Борба против безработицата. – Помеѓу другото и јавни, пред сî еколошки мотивирани работи (пошумување на голините, регулација на пороите и водоплавните реки, чистење на реките, езерата и шумите од натрупаните отпадоци и сл.) како едно од средствата за ублажување на безработицата.
  10. Чествувања. – Со посебен закон да се уреди прашањето за чествување во земјата: кои денови ќе се сметаат за државни празници и каква е постапката за нивното формално одбележување. Изречно да се забрани и да се прогласи за казниво јавното и приватното чествување на празниците на странски држави, истакнувањето на нивните државни симболи, интонирањето на нивните химни.
  11. Преименувања. – Парламентот да го преиспита прашањето за (пре)именувањето на населените места, улиците, плоштадите, институциите, производствените и секаков друг вид економски фирми и притоа да се отстранат сите имиња на властодршците од поранешниот режим.
  12. Државните симболи. – Да се измени државното знаме со кое на брзина и под притисок од странство беше изменето првото знаме на суверена Македонија. ЛД беше и останува за тробојка составена од националните бои на оваа земја: црното (што го симболизира нашето мачно минато), црвеното (крвта пролеана за слободата и самостојноста) и белото (надежта во подобра иднина). Да се почитува Уставот на Република Македонија и под итно да се измени постојниот (географски) грб на земјата: традиционалниот земски грб со крунисан златен лав врз црвен штит треба да стане државен грб, што ќе смее да се истакнува само врз државите институции. Во законот за грбот изречно да се исклучи употребата на кој и да е државен грб (македонскиот или странски) како симбол на која и да е политичка партија.
  13. Автономија на универзитетот. – Законско гарантирање на автономијата на Универзитетите, што, како институции од национален интерес, а заради обезбедување европско рамниште на науката и образованието, може да бидат основани само со закон. Универзитетскиот наставник редовно се повлекува од работата со навршени 70 години од животот. Водејќи сметка за заслугите на Црквата во одржувањето на македонското национално битие, македонскиот богословски факултет да биде вклучен и да се финансира како рамноправен член на Универзитетот С.в Кирил и Методиј во Скопје.
  14. Обмислена демографска и популациона политика. – преку обезбедување законски повластици за вработената жена што сака да има повеќе деца и да им се посвети на нивното одгледување и воспитување како превосходно социјални функции: платено тримесечно предпородилно и едногодишно попородилно отсуство, полуплатено отсуство заради одгледување и воспитување на детото до третата година од животот, неплатено отсуство потоа, до навршување седумгодишна возраст на детето. Со оглед на тоа што на европска Македонија и одговара модел на семејство со најмногу три деца, законски да се регулира дека четвртото (и секое натамошно) дете во секој поглед ги оптоварува родителите, а не државата. Ќе се обезбедуваат начини и средства за опстанокот и развитокот на селото и помалите места во функција на поправање на популационата структура на земјата. Од една страна, со даночни и други олеснувања (кредити) ќе им се помага на луѓето што сакаат да се вратат на село за да живеат и стопанисуваат, а, од друга страна ќе се попречува натамошниот механички прилив на селското население во градовите. Идеал на земјата треба да биде: селото да се урбанизира, а не обратното – градовите да се претвораат во големи села.
  15. Имиграциона политика. – Строго рестриктивна имиграциона политика според европски мерила. Поништување на сите нерегуларно стекнати државјанства.
  16. Индустрија. – Преструктуирање и рационализирање на разместувањето на индустријата, со посебна грижа за рамномерен развој на недоволно развиените подрачја и за зачувување на животната средина.
  17. Заштита на обработливото земјиште. – Заштита на обработливото земјиште од неговото неразумно и недомаќинско претворање во градежно. Заштита на шумите, водите и воздухот. Кревање на еколошката свест на населението. 
  18. Екологија. – Строга контрола над загадувачите на човековата животна средина. Производствените загадувачи дополнително ќе се оданочуваат, а непридржувањето кон пропишаните стандарди за заштита на средината поострено ќе се санционира. Строго штедење на сировините и природните богатства. Постепено приспособување на земјата и нејзиниот возен парк кон европските стандарди (преку намалување на цената на безоловниот бензин, преку забрана на натамошно внесување во земјата возила неоспособени да се движат на безоловен бензин, со исклучување од сообраќајот на стари возила што се јавуваат како значително поголеми загадувачи од редовните и сл.). Со закон ќе се забрани увозот на нечисти технологии, како и внесувањето, превозот и складирањето штетни отпадоци од каков и да е вид на територијата на Македонија односно преку неа.

III. ЗА МАКЕДОНСКИТЕ РАБОТИ

  1. Враќање на самопочитта на македонската држава (загубена со неразумните отстапки во врска со името – ПЈРМ) преку најстриктно придржување кон начелото на заемност (реципроцитет) во меѓудржавните односи со сите земји на светот, па, според тоа, и со нашите соседи.
  2. На секој дискриминаторски акт по однос на македонската држава и обележјата на нејзиниот суверенитет (нејзиното име, знаме, грб и химна), по однос на македонскиот јазик, македонските граѓани и слободата на нивното движење, донесување закони и подзаконски акти со соодветен, наполно симетричен одговор на сите тие практики.
  3. Полн реципроцитет по однос на издавањето на визите, постапката за нивното издавање и чинењето на визите.
  4. Постојана и енергична грижа за зачувувањето на националниот идентитет на македонското малцинство во соседните земји, втемелена врз европските принципи и стандарди. Редовно (еднаш годишно) издавање бела книга за состојбата со правата на нашето малцинство во сите земји каде што го има.
  5. Посебна грижа за нашето иселеништво и печалбарство, со настојување да се создаваат услови за неговото враќање во земјата.
  6. Засилена заштита на културно-уметничкото и историско наследство, како и настојување за легално враќање во земјата на она што е недомаќински отуѓено или просто одземено за време на комунистичкиот режим.

IV. ПАТИШТА ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРОКЛАМИРАНИВЕ ЦЕЛИ

  1. Вообичаената постапка за измени и дополнувања на Уставот и законите со најстрикно почитување на начелото на еднаквост на граѓаните пред законот без какво и да е привилегирање врз национална, расна, верска, политичка и друга припадност.
  2. Во случај на недоумица по однос на определен социјален проблем и патиштата за неговото решавање мора да важи начелото на слободата: помеѓу ограничувањето и слободата, законот мора да се определи за слободата.