Search
Close this search box.

Планинарење со благородна цел

Скопје, 21.02.2024Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ и Федерацијата за планинарство на Северна Македонија со задоволство објавуваат дека на ден 21 февруари 2024 година потпишаа Меморандум за соработка. Овој меморандум има за цел воспоставување на соработка помеѓу двете организации во областите на креирање и промовирање на планинарската култура, развој на еколошката свест, стимулирање на здрави навики кај младите луѓе и поддршка на децата без родител(и).

Според договорот, активностите ќе се фокусираат на организација и имплементација на еднодневни планинарски тури во Македонија, со акцент на најживописните планини и предели. Овие тури ќе бидат од рекреативен и едукативен карактер, промовирајќи грижа за околината и активен начин на живот.

Според Меморандумот, Федерацијата за планинарство ќе биде одговорна за подготовка на календар на тури, обезбедување искусни, сертифицирани планинарски водичи и медицинско осигурување. Сите заинтересирани учесници ќе имаат можност за приклучување на турите преку донирање симболичен финансиски износ а сите обезбедени средства ќе бидат употребени за школување на деца без родители и за други едукативни проекти на Фондацијата, вклучувајќи теми од област на грижа за околината и безбедност при планинарски активности.

Оваа соработка претставува важен чекор напред во поддршката на активниот начин на живот, заштитата на животната средина и поддршката на децата без родител(и). Веруваме дека заедничките напори на двете организации ќе допринесат кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и зачувување на природните богатства на нашата земја.

За повеќе информации, контактирајте ги претставниците на страните:

Зоран Читкушев
претседател на Федерацијата за планинарство на Северна Македонија
citkusz@yahoo.com
веб страна: www.fpsm.org.mk

Александар Марјановиќ
директор на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ
aleksandar.marjanovik@fgm.org.mk
веб страна: www.fgm.org.mk