Опис
НАМЕСТО ПРЕДГОВОР
Мојот добар пријател Бранко Секулоски побара од мене да кажам некој збор наместо вовед за оваа книшка и… тоа не смеев да го одбијам.
Ѓорѓи Марјановиќ ѝ е многу подобро познат на македонската јавност со својот литерарен придонес, отколку со стручните работи (учебници и други публикации). Ова е нормално, зашто не сме сите правници, ама сите љубиме да читаме. А ако она што ни е понудено е уште и писмено напишано, духовито, допадливо… дотолку подобро. Затоа е Ѓорѓи Марјановиќ толку популарен… ама и не само затоа. Извонреден јазик, извонреден стил… сето тоа привлекува. Кога станува збор за Ѓорѓи, има и други работи поради кои е тој толку популарен: ниту пишува, ниту говори „во ракавици“.
Со судијата Бранко Секулоски се запознавме при промоцијата на второто издание на „Стручен труд“. Веднаш ми се допадна тоа што и кај него насетив дека има фотографска меморија за собитијата за кои говори (за ова малку повеќе подоцна).
Втората средба со Бранко беше во рамките на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, каде членуваме двајцата од основањето. Тука веќе видов и дека сме истомисленици за практично сите работи; не само оние што се однесуваат на Фондацијата и нејзиното работење. Така и почна нашето пријателство.
***
Ова дело на Бранко Секуловски е вистинско дополнение кон опусот на Марјановиќ. Добар дел од настаните опишани тука ми е познат (на еден или на друг начин ми бил прераскажуван, или од Ѓорѓи или од Бранко). Читајќи ги „Разговорите“ морам да констатирам дека сум имал премногу високо мислење за сопствената меморија: меморијата на Бранко е супериорна во однос на мојата. Имам само едно оправдание за ова: нормално е Бранко да има подобра меморија од мојата. Имено, постар е четири години, па секако ќе помни повеќе од мене! Така, нели?
Бранко пишува и прераскажува убаво. Од сопствено искуство знам дека секогаш кога требаше да пренесам некој настан за Ѓорѓи, тоа одеше лесно. Само ќе го замислев муабетот со Ѓорѓи и прстите самите се движеа по тастатурата… речиси како Ѓорѓи да ми диктираше како течел настанот! Претполагам дека и кај Бранко работите одат некако слично. Сепак, има една разлика: од текстовите на Бранко извира огромна љубов и почит кон својот пријател и ментор. Ова се гледа од практично секој напишан пасус. Мојата блискост со Ѓорѓи беше голема, ама мене не ми бил ментор (барем не во онаа смисла како што му бил на Бранко), па затоа настаните раскажани преку „моето перо“ звучат понеформално и без оние силни емоции кои просто зрачат од текстот на Бране!
Добро… ние даскалите лесно знаеме да се „залауфаме“, ама јас сум барем свесен за тоа и од тука, натаму, му го препуштам зборот на Бранко…
Владимир Петрушевски Фили
16 мај 2024
Осврти