(Прилози за историјата на Лигата за демократија)
Кумановци први започнаа да го слават 21 ноември како ден на Лигата за демократија: тоа е денот кога беше сочинет нејзиниот прв пишан документ – политичката платформа.
Иако одамна мислев да го сочинам тој документ, очигледно ништо не бидува без Божји поттик: една вечер на 21 ноември 1989 година (Свети Рангел), на враќање од барем три славски визити, внедоапица седнав и во еден здив (на искап, би рекле) напишав на еден лист хартија:
ЛИГА ЗА ДЕМОКРАТИЈА
Политичка платформа
- Во смисла на член 167 од Уставот на СФРЈ, а со цел да создадеме посовршено и посправедливо општествено-политичко уредување и да направиме од нашата заедничка татковина пристојно место за живеење во кое граѓанинот ќе ги ужива благодетите на извојуваната слобода и сите свои неотуѓиви природни права на човек и граѓанин, со целосно чувство на правна сигурност што му ја обезбедува владеењето на правото и исклучувањето на секакво индивидуално или групно самоволие што сака да си приграби за себе неконтролирано вршење на власта, со можност да ги стави во дејство сите свои телесни и умствени способности заради создавање добра од секаков вид за себе, за своите блиски, а со тоа и за општеството како целост, ние (долупотпишаните) се организираме во Лига за демократија.
- Лигата за демократија е општествено-политичка организација на сите оние што се незадоволни со состојбите во земјата, со лошото устројство на нејзиниот државен организам, со катастрофалните резултати од речиси полвековното политичко едноумие, а веруваат дека имаат сили и способности да придонесат за менување на работите на подобро.
- Лигата за демократија верува во можноста за остварување на своите цели преку реформи на постојниот систем тргнувајќи од сериозно сфаќање на одредбите за слободите, правата и должностите на човекот и граѓанинот (Глава ИИИ од Уставот на СФРЈ), во искрено уверување дека тие не се гол украс на уставната повелба на земјата.
- Лигата за демократија, значи, ќе настојува нашата заедничка татковина да ја изградува како правна држава во која што она што е право за еден мора да биде право за сите, држава во која нема да има историски предодредени авангарди, снабдени со повеќе права од другите општествени и политички субјекти.
- Лигата за демократија се залага за плуралистички пристап кон менувањето на Уставот на земјата (односно кон евентуалното донесување нов Устав) во кој ќе земат учество сите постојни, но и сите новосоздадени општествено-политички организации и други здруженија на граѓаните.
- Лигата за демократија е готова, за почеток, да ги прифати постојните законски услови за своето дејствување, однапред истакнувајќи дека ги смета за непримерени на својата визија за една вистинска правна држава, па во таа смисла ќе се залага како за своја првенствена цел за менување на законската регулатива за политичкото здружување на граѓаните и за изборниот систем на земјата.
Во Скопје, на ден 21 ноември 1989 година.
Во продолжение (на десната страна од листот) беа испишани црти на кои ќе се потпишат луѓето што се согласуваат со платформата, станувајќи на тој начин иницијатори за нејзиното основање.
Иако има многу луѓе што ме сметаат за изразен егоцентрик, многумина веројатно ќе се изненадат од фактот дека јас се потпишав на второто место. Првото го резервирав за мојот школски другар, филозофот д-р Димитар Димитров, когошто сакав да го убедам да прифати да биде лидер на партијата: искрено зборувајќи, бев наполно свесен за тоа дека (без оглед на мојата општопозната македонска припадност) со српското презиме не бев особено погодна личност за да стојам на чело на една македонска политичка партија.
На мое големо изненадување, д-р Димитров, откако со интересирање го прочита краткиот текст (и наполно се согласи со концептот на политичката платформа), си го задржа правото да размисли за понудата, но платформата никогаш не ја потпиша ниту пак стана член на Лигата за демократија. Многу години подоцна ми призна дека му било страв тоа да го стори, во што, добро познавајќи го, одвај можев (и одвај можам) да верувам. Со оглед на неговиот подоцнежен политички развиток се чини многу поверојатно дека му пречеше отсуството на каква и да е “национална нишка” во платформава, а особено автономистичката позиција на Лигата за демократија по националното прашање.
Втор човек што сакав да го имам во Лигата за демократија беше професор д-р Славко Милосавлевски. Се погоди така што обајцата бевме поканети да учествуваме (на 23 и 24 ноември 1989) на симпозиумот “Социјализем ин демокрација”, што го организираше Факултетот за социологија, политички науки и новинарство во Љубљана. Во авионот седевме еден покрај друг и јас му ја дадов платформата, нудејќи му да ја потпише. Ја прочита со интересирање, а потоа, зачудено ми ја врати со зборовите дека тој тоа не може да го стори зашто бил “комунист”.
– Ти, комунист? се изненадив. Колку што знам тебе одамна те исклучија од таа партија!
– Не сум член, рече, но комунист сум.
Од неговата десна страна, покрај прозорецот, седеше Латинка Перовиќ. Славко во еден момент се сврте кон неа и пријателски шегувајќи се í рече:
“Знаш Латинка, Ѓорѓи формира прву опозициону партију у Македонији. Засада његова партија има само два члана: њега и професора Димитра Димитрова.”
Иако, последново воопшто не беше точно, ме заболе неговата шега и никогаш не му ја заборавив: кога подоцна и самиот ја формираше Социјал-демократската партија и ми понуди соработка, јас, сеќавајќи се на неа (а особено на неговиот “комунизам”), ја одбив понудата.
Во Љубљана зборував на тема “За некои прванодржавни претпоставки на уставноста и законитоста” (излагањето беше објавено во публикацијата ШТУДИЈСКИ ДНЕВИ – СОЦИЈАЛИЗЕМ ИН ДЕМОКРАЦИЈА, Љубљана 1989), а таму, меѓу другото, реков: ако е секој политички плурализам на интереси – политички плурализам, тогаш повеќепартискиот систем, како форма на неговото пројавување, е неминовност.
На собиров истапи и нашиот познат “кардељолог” (и мој некогашен пријател по есперантска линија) – д-р Димитар Мирчев зборувајќи на тема: “Југословенските комунисти помеѓу Сцилата и Харобдата на повеќепартизмот и социјалистичката демократија”. Од неговото излагање бликаше длабока и искрена приврзаност кон “ликот и делото” на Едвард Кардељ и ова предизвика една чудна интервенција. На говорницата (без да бара збор!) излезе некој Словенец (што на сите присутни, освен на нас гостите од страна, им беше познат) и на општо и бурно одобрување извика:
– Господ Мирчев, Кардељ је мртав! Пустимо мртве људе на миру!
Подоцна др Мирчев, како осведочен опозиционер, заврши на амбасадорско место во Љубљана, додека осведочениот комунист др Милосавлевски, за своите заслуги за поставување на темелите на социјалдемократијата во Македонија стана прв македонски амбасадор во Белград.
Инаку, политичката платформа на Лигата за демократија наскоро беше објавена во МЛАД БОРЕЦ (бр. 1668/29.12.1989) на Никола Младенов. Под текстот беше отпечатен и формулар на пристапната изјава, забелешка за тоа дека пристапните изјави треба да се испраќаат на адреса на редакцијата на МЛАД БОРЕЦ, со тоа што Иницијативниот одбор за формирање на Лигата за демократија дополнително ќе го објави датумот за свикување на Основачкото собрание. Под сето тоа самата редакција ја беше смислила пропагандната порака:
БИДЕТЕ И ВИЕ ЧЛЕН НА ПРВАТА ЛИГА ЗА ДЕМОКРАТИЈА!
На адреса на МЛАД БОРЕЦ пристигнуваа и првите пристапници. Образовната структура и рамништето на луѓето што ни пристапуваа беше такво што младите новинари во редакцијата се шегуваа дека може веднаш да формираме влада во сенка.
Тоа не направивме, но затоа, за неколку дена имавме голем список на членови на
Иницијативниот одбор за формирање на Лигата за демократија:
- Ѓорѓи Марјановиќ (универзитетски професор),
- Стево Ацевски (режисер),
- Богомил Ѓузел (поет),
- Дејан Пендев (бизнисмен),
- Ѓоко Филиповски (економист)
- Киро Алексов (фармацевт)
- Пенчо Трипчев (правник)
- Ѓорѓи Аврамчев (бизнисмен)
- Александар Тортевски (адвокат),
- Емил Анастасов (правник)
- Милан Банов (новинар)
- Билјана Црвенковска (новинар)
- Миле Неделковски (писател)
- Радован Чесмаџиски (адвокат)
- Среќко Арсовски (инженер)
- Тома Грчев (технолог)
- Митре Караѓозовски (службеник)
II. ЗА ИМЕТО НА ЛИГАТА ЗА ДЕМОКРАТИЈАТА
Инаку, во јавноста, а особено меѓу симпатизерите, често се поставува(ше) прашањето зошто веднаш не се нарековме Демократска партија (како што сакавме), туку Лига за демократија. Ова, се разбира, не беше без причина. Во моментот кога решивме да се јавиме на политичката сцена во Македонија не постоеше закон за политичките партии, па, според тоа, и да сакавме не можевме да се наречеме партија и притоа да го почитуваме законот.
Во мошне опширниот чл. 2 од Законот за општествените организации и здруженијата на граѓаните, во кој се определуваше за што сî граѓаните може да се здружуваат, стоеше, меѓу другото, дека тоа можело да биде и заради “развивање на сите облици на социјалистичката самоуправна демократија”. Во оваа одредба ја пронајдовме потребната законска основа за регистрирање на партијата, но, наедно, и нејзиното име.
Според законот, значи, имаме право да направиме “сојуз за развивање на социјалистичката самоуправна демократија”. Од оваа синтагма првин отпадна бесмислениот идеолошки атрибут “социјалистичка”: демократија е демократија и неа или ја има или ја нема. Таа не може да биде капиталистичка или социјалистичка или комунистичка. Од друга страна, изразот “самоуправна демократија” се чинеше непотребна тавтологија: демократија и самоуправување, според мене, беа синоними. Едниот грчки, што значи владеење на народот, другиот словенски – управување, владеење на народот сам со себе, што се сведува на исто. Затоа од синтагмата “сојуз за развивање на самоуправна демократија” мораше да отпадне и придавката “самоуправна”. Остана значи: “сојуз за развивање на демократија”. Ако правиме сојуз за демократија, очигледно сме незадоволни од состојбата на демократијата кај нас, па се подразбираше (и без да се каже) дека е тоа организација што треба да придонесе за развивање на демократијата. Го исфрливме, значи, и “развивањето” и така остана “сојуз за демократија”. СКМ беше сојуз, оттаму -и ние ќе бидеме сојуз, што ќе рече: еднакви со него. Но, од Ленин наваму зборот “сојуз” се врзува само и единствено за социјалистички здружувања и тоа никако не ми се допаѓаше. Во еден момент се сетив дека СК на француски се преведува како ” Ligue des Communistes ” и тоа го реши прашањето за називот: ќе се викаме “Лига за демократија”. Ем е сојуз, ем не е сојуз, а башка, во свеста на народот, зборот “лига” се врзува за (спортски) натпревари, а тоа е смислата на нашето политичко организирање.
Какви беа шансите на Лигата? За ова (на 25.11.1989) му пишував на еден пријател (српскиот поет Милован Данојлиќ) во Франција:
“(…) Од комунистите може да се очекува само онолку слобода колку што на тоа ќе ги присилат околностите. А тие во моментов немилосрдно ги притискаат и тоа е, се разбира, прилика да се направи обид да се избори демократија. Колку само бевте во право кога (на почетокот од нашето дружење) зборувавте дека не очекувате никакво подобрување на нештата сî досека нешто суштествено не се измени во главното дувло на комунизмот (СССР). Тогаш мислев дека не сте во право, дека тој процес кај нас ќе оди побргу и дека ни малу не зависи од Русите. Но, фала му на Господа, како полека на сî да му се ближи крајот. Или, подобро речено, како полека да наближуваме до почетокот.
Како прилог Ви испраќам нацрт на еден обид и ние во Македонија да дадеме свој придонес кон тој почеток. Засега е тешко да се прогнозира што ќе произлезе од сето тоа. Луѓето трпат во страв дека и од ова може да биде потешко. Можеби се и во право. Инаку, и Скопје има подружница на УЈДИ. Иако сметам дека нивната дејност е корисна, тоа сепак не е тоа. Демократско просветителство може да се врши и преку печат, преку книги. За демократија е сепак потребна организирана сила.”
Недолго по составувањето на политичката платформа (една недела, не повеќе) во МЛАД БОРЕЦ (бр. 1669/31.01.1990) беа објавени и Нацрт-програмата и нацрт-статутот на Лигата за демократија.
III. ПРВИТЕ ДОКУМЕНТИ НА ЛИГАТА ЗА ДЕМОКРАТИЈАТА
НАЦРТ-ПРОГРАМА
НА ЛИГАТА ЗА ДЕМОКРАТИЈА
Во настојување да изгради правна држава како инструмент за заштита на човекот и неговите слободи и права, како и за унапредување на развитокот на сите негови природни сили, а свесна за фактот дека нема правна држава без демократија, ниту пак демократија без правна држава, Лигата за демократија со оваа програма ги поставува основните начела за кои ќе се придржува во својата политичка дејност, приоритетните цели што ги согледува во сегашниов историски миг и патиштата за нивното оживотворување, како и посебните цели врз планот на заштитата на самобитноста на македонскиот народ во рамките на нашата заедничка татковина но и надвор од неа.
I. ОСНОВНИ НАЧЕЛА
1. Човекот е најголемата вредност на општеството. Не постои човекот заради државата, туку државата заради човекот. Неговото човечко достоинство мора да биде неприкосновено. Ниедна уставна, законска или подзаконска норма не смее да го тера да ја ведне главата пред власта, да ја затвора устата пред моќта. Човекот е мерка на сите нешта, не државата. Сите луѓе се еднакви пред законот.
2. Уставните одредби за основните права и слободи на човекот и граѓанинот се норми од повисок ранг од сите други норми на уставот. Тие се негово јадро и критериум за оценување на сите други уставни одредби.
3. За да се обезбеди човекот од злоупотребата на власта, моќта на државата се ограничува преку поделба на власта. Ова начело се остварува преку поделба на власта на законодавна, судска и извршна.
4. Законодавната власт, отелотворена во народното собрание, се образува на слободни, непосредни и тајни избори. Во изборниот натпревар можат да учествуваат сите полнолетни граѓани било како поединци било организирани во политички партии, сојузи и други облици на политичко или интересно здружување, освен оние што проповедаат човекомразие во вид на национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост.
5. Народното собрание ја именува и разрешува извршната власт.
6. Народното собрание ги именува судиите на сите судови во републиката. Сојузното народно собрание ги именува судиите на Сојузниот суд и на Сојузниот уставен суд. Судијската функција е трајна, но не подолго од 70-тата година од животот на судијата. Таа може да престане предвремено само доколку судијата, поради болест, стане неспособен да ја извршува или доколку, преку извршување кривично дело, се покаже недостоен за неа.
7. Се гарантира приватната сопственост на граѓанинот, рамноправна со сите други затечени видови сопственост (државна, општествена, колективна, задружна) и се обезбедува со еднаква правна заштита. Со посебни закони се регулира начинот и постапката за спречување на монополите врз кое и да е подрачје на општествено-економскиот живот.
II. ПРИОРИТЕТНИ ЦЕЛИ
1. Разградба на монополот на денес владејачката партија и забрана на политичко организирање врз т.н. продукционен принцип.
2. Донесување закони за политичкото здружување на граѓаните.
3. Промена на Уставот (републички и сојузен) во материјата на собранискиот систем со напуштање на идејата за собранието како орган на општественото самоуправување и укинување на собраниските собори на здружен труд. Републичките собранија се еднодомни, составени од политичките претставници на народот. Сојузното народно собрание покрај ваков дом има и Собор на републиките (покраините), што ќе ја гарантира рамноправноста на федералните единици.
4. Демократска реинтеграција на Југославија преку изборен механизам за Сојузното народно собрание што ќе ги отстрани постојните и ќе оневозможи идни меѓунационални напнатости и раздори: услов за учество на една партија на изборите за Сојузното народно собрание е таа да има федерална структура (да ја покрива со своите основни организациони единици целата земја). Ова ќе ги задржи национал-шовинистичките партии во рамките на републиката.
5. Донесување закони за финансирање на политичките партии во зависност од нивната бројна застапеност во народните собранија.
6. Рационализација и поевтинување на државната управа со укинување на многубројните парадржавни органи од типот на т.н. самоуправни интересни заедници и судовите на здружениот труд: работните спорови спаѓаат во надлежност на редовните судови.
7. Измена на прекршочното законодавство во смисла на неможност судиите за прекршоци да изрекуваат казни лишување од слобода.
8. Укинување на смртната казна и нејзина замена со трајно (доживотно) лишување од слобода.
9. Водење конзистентна социјална политика со посебна грижа за младината, хендикепираните и старите луѓе.
10. Јавни, пред сî еколошки моривирани работи (пошумување на голините, регулација на пороите и водоплавните реки и сл.) како средство за ублажување на безработицата.
11. Приватизација на неуспешните работни организации преку нивно продавање пред сî на лицата што се вработени во нив, со нивно претворање во акционерски друштва.
12. Законско регулирање на еднаквост во пристапот кон радиото и телевизијата како национални институции. Законско разбивање на монополската позиција на сите републички новинско-издавачки куќи.
13. Законско гарантирање на автономијата на Универзитетот.
14. Обмислена демографска и популациона политика преку обезбедување на опстанокот и развојот на селото и помалите места во функција на поправање на популационата структура на земјата.
15. Преструктурирање и рационализирање на разместувањето на индустријата со посебна грижа за човековата животна средина.
16. Заштита на земјоделското земјиште од негово неразумно претворање во градежно.
17. Заштита на шумите, водите, воздухот.
III. ЗА МАКЕДОНСКИТЕ РАБОТИ
1. СР Македонија е конститутивен елемент на југословенската федерација и секое нејзино негирање е негирање на Југославија како целина.
2. Заради прибавување на важноста на претходниот став, најстриктно придржување кон начелото на реципроцитет (заемност) во меѓудржавните односи со сите земји на светот, па, според тоа, и со нашите соседи.
3. Како одговор на некои странски дискриминаторски законодавни практики во однос спрема македонскиот јазик, донесување републички закон во соодветната материја со формулација што ќе биде наполно симетричен одговор на тие дискриминаторски практики.
4. На студенти од земјите што не го признаваат македонскиот јазик да им се оневозможи студирање на кој и да е југословенски универзитет сî додека тие земји не ги признаваат македонските универзитети.
5. Одговарање на ист начин и со иста мера на сите дискриминаторски постапки на нашите соседи (или, евентуално, други земји) спрема нашите граѓани.
6. Полн реципроцитет во поглед на издавањето на визите, постапката за нивното издавање и чинењето на визите.
7. Посебна грижа за зачувување на националниот идентитет на македонските малцинства во соседните земји, втемелена врз истите принципи и со механизми на меѓудржавно спогодување како што тоа е сторено со нашите малцинства во Австрија и Италија.
8. Посебна грижа за зачувување на националниот идентитет на нашето иселеништво и печалбарство, со посебно настојување да се создаваат услови за неговото враќање во земјата.
9. Настојување за легално враќање во земјата на отуѓеното или просто одземено културно-уметничко и историско наследство.
IV. ПАТИШТА ЗА ОСТВАРУВАЊЕ
НА ПРОКЛАМИРАНИТЕ ЦЕЛИ
1. Вообичаената постапка за измени и дополнувања на Уставот на СФРЈ и Уставот на СРМ.
2. Вообичаената постапка за измени и дополнувања на сојузните и републичките закони.
3. Дезидеологизација на уставните текстови со отстранување на сите одредби што ја привилегираат денес владејачката партија во процедура пред Уставните судови раководејќи се со начелото на справедливост, сфатено како еднакво постапување со еднаквите:
а) На уставно ниво толкувањето мора да биде раководено од вака сфатената еднаквост на граѓаните пред законот;
б) На законско ниво толкувањето на законите мора да биде во согласност со уставот;
в) Во секој случај на недоумица, кога едното толкување води кон ограничување, а другото кон гарантирање на човековата слобода, важи правилото: да биде решено во прилог на слободата, а против ограничувањето.
НАЦРТ-СТАТУТ
НА ЛИГАТА ЗА ДЕМОКРАТИЈА
Член 1
Лигата за демократија (во натамошниот текст: Лигата) е општествено-политичка организација (алтернатива: политичка партија).
Член 2
Лигата има за цел да припомогне Југославија да се преобрази во правна држава од типот на слободна, парламентарна демократија и да учествува, рамноправно со другите политички субјекти, на изборите заради обезбедување сопствено учество во институциите на власта.
Член 3
Дејност на Лигата е од јавен интерес та затоа е јавна, а се одвива на јавни собири, преку средствата за јавно информирање, а особено преку учество во работата на собранихјата на општествено-политичките заедници.
Член 4
Член на Лигата може да биде секој полнолетен граѓанин на Југославија што ја прифаќа нејзината политичка платформа, нејзината програма и овој статут.
Член 5
Зачленувањето во Лигата се врши со давање пристапна изјава во таа смисла.
Член 6
Членувањето во Лигата е доброволно и финансиски необврзувачко: членот нема обврска да плаќа каков и да е членски внос, но затоа може со парични прилози или на друг начин да ја помага Лигата.
Член 7
Членувањето во Лигата не го обврзува членот на каква и да е дејност што би била несообразна со неговиот мироглед, верско убедување или напросто со другите негови животни активности.
Член 8
Зависно од карактерот на личниот ангажман во Лигата, членовите се делат на активисти и симпатизери. Раководната структура на Лигата се регрутира од редот на активистите. Симпатизерите се лица што Лигата ја потпомагаат материјално, финансиски, професионално, советодавно или на друг начин. Со нивна согласност, симпатизерите може да се предлагаат и избираат за почесни и репрезентативни функции, а може да бидат номинирани и за кандидати на Лигата за изборите.
Член 9
Евидентирањето на членството го врши стручната служба според упатство што го донесува републичката Централа на Лигата.
Член 10
Лигата се организира врз територијален принцип.
Член 11
Основна организација на Лигата е Клуб на демократите, што се организира на ниво на месната заедница.
Член 12
Дејноста на Клубовите на демократите од подрачјето на една општина ја координира и општинска централа на Лигата, што ја сочинуваат претседателите на Клубовите на демократите.
Член 13
Дејноста на општинските централи ја координира и раководи републичката централа на Лигата, што ја сочинуваат претседателите на општинските централи на Лигата.
Член 14
Конгресот е највисок орган на Лигата, што се свикува еднаш во четири години, а најмалку три месеци пред одржувањето на изборите.
Член 15
Задача на конгресот е утврдување на предизборната програма за активноста на Лигата, избор на претседател, потпретседател, секретар и благајник на Лигата за следниот четиригодишен период како и номинирање кандидати на Лигата за претстојните избори.
Член 16
Постапката на свикувањето, работата, изборите и номинациите на конгресот се регулираат со посебен деловник, што го изготвува републичката централа на Лигата.
Член 17
Сите избори за раководни функции во Лигата се тајни и со најмалу двајца кандидати. Избран е кандидатот што добил просто мнозинство од гласовите на присутните.
Член 18
Заради политичко дејствување на рамниште на цела Југославија Лигата влегува во сојузи, коалиции и други видови здружување со сродни политички организации од другите републики. Одлука за ова донесува републичката централа на Лигата, а ја потврдува или става вон сила првиот нареден конгрес.
Член 19
Седиштето на Лигата е во Скопје.