Опис
Проф. Ѓорѓи Марјановиќ студентите бездруго ќе го паметат првенствено по неговите легендарни предавања по Кривично право на Правниот факултет во Скопје, предавања за кои се бараше столче повеќе, и за кои уште долго ќе се раскажуваат легенди и анегдоти. Би рекле, беа повеќе од интересни и провокативни. Неговите испити, исто така, беа своевидни предавања затоа што на истите неретко се отвораше жива расправа за разноразни контроверзни проблеми на казненото право. Во нив учествуваа и тие што полагаа и тие што беа дојдени само да слушаат. Лично бев еден од оние кои дури успеаа да положат испит, иако беа дојдени само да слушаат. Овој настан ми го промени животот; за прв пат развив некаква амбиција. Ушите ми зуеа колку бев возбуден. Професорот нė мотивираше да извлечеме сė од себе. Така беше на додипломски студии, а слично, би рекол и повеќе, на магистерските и докторските студии.
Неговиот академски опус беше завиден и извонредно значаен. Професорот Ѓорѓи Марјановиќ не беше само одличен познавач на казненото право, туку беше и вешт на перо, добар познавач на јазикот и литературата. Пошироката јавност со задоволство и исчекување ги следеше неговите колумни во „Дневник“, подоцна издадени во посебна книга. Но, малкумина знаат дека тој ги лекторираше повеќето изданија на Правниот факултет, а истото pro bono со задоволство го правеше со трудовите на своите магистранти и докторанти, вклучително и моите рани академски трудови. Пошироката јавност можеби и не знае дека тој беше одличен преведувач од германски и француски јазик и го преведуваше најпрвин Маркс од германски, за да заврши со преводите на повеќе комплексни дела од Пруст од француски јазик. За студентите по право капитални се неговите преводи од германски јазик на учебниците „Криминологија“ на професорот Гинтер Кајзер и „Филозофија на правото“ од Густав Радбрух.
Во оваа збирка се собрани поголемиот дел од трудовите на професорот објавени во повеќе домашни и странски правни списанија и ревии. Идејата е овие трудови да бидат полесно достапни до јавноста. Во таа смисла, неговите капитални трудови кои се посебно објавени како книги не се вклучени овде. Така, на пример, учебникот по кривично право (општ дел) е издаден во повеќе изданија и тоа три изданија како „Предавања по кривично право – Општ дел“ и дури девет изданија како „Кривично право – Општ дел“ одн. „Македонско кривично право“, некои од нив во коавторство со од него помладите колеги Методија Каневчев и Миодраг Лабовиќ. Сите што книгата ја држеле во раце знаат дека таа е многу повеќе од обичен учебник; пишувана како еден вид расправа со неговиот ментор, познатиот професор по кривично право Фрањо Бачиќ. Или како што велеше самиот – дека како што Енгелс го напишал Анти-Диринг, така тој самиот напишал учебник кој е Анти-Бачиќ!
На јавноста и е добро познат и тн. „Стручен труд“ – дело уникатно по својата природа. Вистинскиот „стручен труд“ заради кој проф. Ѓорѓи Марјановиќ дојде во судир со политичката и правната елита на едноумието е содржан во ова издание, заедно со уште серија други трудови исто така посветени на борбата на професорот Марјановиќ против вербалниот деликт и воопшто прогонот на политичките неистомисленици на тогашниот режим.
Професорот Ѓорѓи Марјановиќ е еден од нашите ретки автори што беа барани и читани со внимание на целата територија на поранешна Југославија. Некои од неговите научни трудови беа вистински хит во Србија, Хрватска и посебно во Словенија. Покрај неколкуте труда поврзани со споменатиот вербален деликт, големо внимание во стручната и пошироката јавност предизвикаа и текстовите во врска со „деликтот на совест“ и со тоа поврзаното т.н. цивилно служење на воениот рок. Напросто кажано, тогашната југословенска јавност беше жедна за вистина, слобода и демократија. Оттука, некои од неговите трудови се објавени во превод на неколку јазици. Не помалку значајни се и трудовите објавени на германски во најпознатото списание за кривично право, Ревија за целото казнено право, во издание на Макс-Планк Институтот за странско и меѓународно казнено право во Фрајбург, Германија, каде тој самиот повеќе пати претстојуваше на студиски престои.
Затоа, во името на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, со големо задоволство им ја презентираме оваа уникатна збирка на бисери на кривичното право, како своевиден аманет на професорот и како неисцрпна инспирација за сегашните и идните генерации правници со надеж од државава да направиме „пристојно место за живеење“.
Скопје, 10 мај 2024
д-р Гордан Калајџиев,
редовен професор на Правниот факултет Јустинијан Први во Скопје
Осврти