Search
Close this search box.

Соработка за подобра иднина на децата без родители

Скопје, 6.09.2024 – Денес во Скопје, г-ѓа Розетка Влаховиќ, вд директор на ЈУ Детски дом „11 Октомври“ и г-динот Александар Марјановиќ, извршен директор на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, потпишаа меморандум за соработка која ќе се фокусира на активности кои имаат за цел да ги подгототват децата без родители и родителска грижа за самостојно живеење.

Во согласност со меморандумот, Фондацијата на децата без родители, сместени во згрижувачки семејства и мали групни домови се обврзува, со помош на донации од организации и индивидуалци, да им обезбедува компјутери, курсеви за англиски јазик, обуки за компјутерски вештини, ќе им помага во подготовката за вработување и ќе реализира 1-на-1 менторска програма.

Детскиот дом пак, ќе се грижи за прием и доставување на компјутерите до своите штитеници и ќе обезбеди простор за изведување обуки, предавања и настани. Целта на сите овие активности е децата без родители и родителска грижа што подобро да се подготват за самостојно живеење, стекнувајќи знаења, вештини и поддршка во областа која самите ќе ја одберат.

На средбата по повод потпишувањето на меморандумот, г-ѓа Розетка Влаховиќ, директор на Детскиот дом „11 Октомври“ изјави: „Пресреќна сум што ја започнуваме соработката со Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ затоа што таа им дава подобра шанса за успех во животот на децата без родители. Тие, како резултат на оваа соработка ќе добиваат компјутери, обуки за англиски јазик и дигитални вештини и најважното, менторска поддршка. Накусо, тие добиваат надеж за подобра иднина, знаејќи дека на светов постојат благородни луѓе кои мислат на нив.“

„Да му се помогне на дете без родители да започне самостоен живот е една од можеби најблагородните нешта во животот која некој може да ја направи“ – изјави Александар Марјановиќ, извршен директор на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ и додаде – „Во духот на вредностите на мојот татко, Ѓорѓи Марјановиќ, на децата ќе им помагаме со сè што е потребно за да стекнат знаења, вештини и поддршка со кои ќе дојдат до достоинствена работа. На тој начин ќе ја оствариме и нашата цел, Македонија да им стане пристојно место за живеење.“