Опис
“Стручен труд”, настанал како рефлекс на “случајот Марјановик”. Тој “случај” е исклучиво индикативен за состојбата на духот во тоталитарното општество: пишувајќи за “деликатна” тема, авторот ризикувал лесно да стане и самиот тема – од мислечки субјект, да се претвори во објект на немислечки субјекти. Пишувајќи за “вербалниот деликт”, за таа основна заштитна повелба на тоталитарниот систем, Марјановиќ направил интелектуален, морален и политички деликт и се изложил на организиран прогон на свесните социјалистички сили, иритирани од неговата вехементна критика на кичмата на системот. Ама – “секое зло за добро”. Некој во слична ситуација ќе се резигнирал, ќе замолчел и ќе горел во себе. Ѓорѓи Марјановиќ постапи поинаку: трпејќи статус на идеолошки и политички третман, тој и натаму отстоја на вокацијата на интелектуалец, манифестирајќи двоен хероизам: еднаш кога го беше напишал рефератот за политичкиот деликт и вторпат пишувајки го “Стручниот труд”. Така си ја спаси душата, остана жив и здрав. А од неволјата, од маката и раната, создаде уште едно дело, единствено и неповторливо.
Димитар Димитров
Еве, во македонската книжевност за првпат се јавува книжевниот жанр, сотија, што досега сме го немале од причини кои можеме само да ги претпоставуваме: жанрот подразбира две стојалишта кои нашите писатели, се чини, не беа расположени да ги прифатат. Првото се однесува на самиот автор, на неговата улога во текстот, мошне непривлечна, особено за една професија повеќе склона кон самољубие, нарцисоидност одошто кон таа улога. А таа улога подразбира да се изигрува будалетинка. Второто стојалиште се однесува на уште поделикатна авантура: авторот треба да се впушти во разоткривање на глупоста, колку што е можно подлабоко и повисоко во општествената хиерархија. До највисокото. А нашите писатели никогаш не биле склони да се впуштаат во такви неизвесни и ризични потфати… Ако се сметало дека веќе ништо не може да се стори за прв пат во македонската книжевност, зашто веќе се’ е еднаш сторено, ете излегува дека тоа мислење не е точно. Првпат во македонската книжевност се појавува сотија. Можеби самиот тој факт не би бил од некое значење да не се работи за една извонредно добра сотија. А тоа е, сигурно, факт од значење.
Слободан Мицковиќ
Соочувањето со тоталитарното минато и со неправдата што систематски била нанесувана врз поединци и групи мотивирана од идеолошко-политички причини, е основен услов за успешна демократска транзиција. Соочувањето со минатото е нужно за да се овозможи, најчесто задоцнета, правда за оние коишто својот комодитет, својата благосостојба, а често, и својот живот го жртвувале за да се спротивстават на тоталитарната монолитност за чијашто кауза тоталитарните режими ги жртвувале благосостојбата и животите на многу луѓе, па дури и цели народи. Соочувањето со минатото не го продолжува кругот на одмаздата. Напротив! Неговата цел е да го прекине кругот на одмаздата, да овозможи фер и непристрасна правна постапка за сторителите на злоделата каква што тие никогаш не им ја овозможиле на своите жртви и, конечно, да доведе до сеопшта општествена катарза за никогаш повторно да не се западне во колективното лудило предизвикано од опскурните тоталитарни идеологии.
На почетокот на осумдесетите години се појавуваат првите пукнатини во тоталитарниот комунистички свет. СФР Југославија, државата којашто се самодекларираше за неврзана односно ослободена од стегите на двата спротивставени блока и се самоперцепираше за лидер на демократскиот социјализам чијашто еманација беше идеологијата на самоуправниот социјализам, не е исклучок од општите тенденции. Смртта на Јосип Броз Тито, доживотниот претседател на Југославија, предизвикува спротивставени тенденции. Од една страна, малите групи на потиснати слободумни интелектуалци и активисти, изолирани после т.н. „писмо на Тито“ од 1972 година што ја загуши краткотрајната либерална „револуција“ од крајот на шеесетите години во рамките на тогашниот Сојуз на комунисти, повторно се активираат и започнуваат со уште посилно критичко преиспитување на службената државна идеологија и нејзините достигнувања. Од друга страна, како реакција на неизбежната либерализација, најтврдите и најдогматските структури во Сојузот на комунистите, користејќи го недостатокот на визионерско водство во редовите на партијата и во државата после смртта на Тито, настојуваат да изнајдат нов „Тито, нов „вожд“, свесни дека на крилатицата „и по Тито, Тито“ и се одбројани деновите. Конечно, третата групација се, повторно разбудените, екстремни националистички и фашизоидни структури, коишто во смртта на Тито гледаа шанса за ревитализација на мрачните идеологии од периодот на Втората Светска Војна, чијашто последица беше убивањето на илјадници невини цивили во нивните села и градови и во логорите на смртта како последица на крвавиот меѓунационален конфликт што избувна паралелно со нацистичката и фашистичката окупација.
Носители на овие спротивставени тенденции се „водечките“ југословенски републики Словенија, Хрватска и Србија. За разлика од овие републики „темниот вилает“ на Југославија, како што ја нарекуваа Македонија, тоне во летаргијата на системот што пропаѓа. Општествениот естаблишмент, сочинет, главно, од догматици, особено после општествената изолација на либералните тенденции во партиското раководство од крајот на шеесетите години, инстинктивно ги претчувствува промените што неизбежно доаѓаат. Еден, навидум, небитен инцидент, којшто трае безмалу две години на Правниот факултет при Универзитетот во Скопје, ги возбудува духовите и предизвикува партиски „случај“ од, дотогаш, невидени размери. Имено, професорот по кривично право д-р Ѓорѓи Марјановиќ со својот воведен реферат, во рамките на годишното советување на југословенското Здружение за кривично право и криминологија, одржано во Струга во месец октомври 1983 година, посветен на проблемот на политичката деликвенција во Југославија односно на „кривично-правната заштита на самоуправното општествено уредување и безбедноста на земјата“, изнесува аргумент дека треба да се декриминализира слободата на говорот (криминализирана во тогашното кривично законодавство под маската на „злонамерно и невистинито прикажување на општествено-политичките прилики во државата“). Тој се залага општеството да ги „самозаштити“ своите уверувања со силата на аргументите, а не со силата на казната, лимитирајќи го казнувањето единствено на оние што подготвуваат или извршуваат насилно уривање на поредокот.
Тоа што следува е историја. Професорот Марјановиќ минува низ лична и семејна траума обидувајќи се да се „одбрани“ од реакциите на „докажаните бранители“ на системот, сместени на неговиот матичен факултет, во неговиот матичен Сојуз на комунистите, во печатот и низ мрачните ходници на тајната служба.
Пред вас, почитувани читатели, е повторното издание на сотијата „Стручен труд“ којашто авторот ја напиша во почетокот на деведесетите години за, како што вели, „да го запише за потомството“ она што се случувало во тие бурни месеци кон средината на осмата декада на дваесетиот век.
Ова издание е со посебно значење. Тоа е значајно, пред се, за новите генерации коишто се временски одалечени од овие настани. Нив треба да ги потсетува на страшните последици од тоталитарната репресија од која било боја и на ужасната неправда сторена врз голем број на поединци и групи. Но, изданието е значајно и бидејќи доаѓа од Правниот факултет „Јустинијан Први“. Факултетот, чиишто професори, учествуваа во неправдата и од кадешто дојде најголемиот и најстрашниот удар кон професорот Марјановиќ. Но, и од факултетот којшто во деведесетите години на минатиот век продолжи да го игнорира сопствениот злостор и не се одважи да му се извини на Професорот, ниту пак му оддаде признание за неговиот придонес во воспоставувањето на демократски повеќепартиски поредок во нашата држава. Изолиран од Факултетската заедница, професорот самиот го издаде сопственото сведоштво како приватно издание.
Се чини дека најголемото признание за Професорот Марјановиќ дојде од неговите студенти, затоа што Амфитеатарот III во кој тој држеше настава по Кривично право беше секогаш полн. Неговиот придонес во градењето на генерации на студенти, меѓу кои и јас ја имав привилегијата да се вбројам, е непроценливо. Од Професорот учевме секогаш да трагаме по вистината и праведноста, највисоките идеали на секој правник.
Затоа, ова наше факултетско издание е скромен придонес кон надоместувањето на двојната неправда. Еднаш кога Професорот Марјановиќ бил „казнет“ односно академски изолиран, вториот пат кога дозволивме ова сведоштво да биде „само“ приватно издание. На тој начин, нашиот факултет, со право горд на своите светли традиции, се соочува и со темните поглавја од својата историја.
Проф. д-р Тони Дескоски
26.04.2018 година
Осврти