Суперфинале на вториот циклус од националниот натпревар во раскажување 2024/25

Скопје, 13 јуни 2025 – На 13 јуни 2025 година, во просториите на Правниот факултет Јустинијан I во Скопје, се одржа суперфиналето на вториот циклус од годишниот Национален натпревар во раскажување за ученици од основните училишта во Македонија, организиран од Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ.

Натпреварот се одвиваше во две етапи. Во првата етапа која траеше една година, учесниците читаа книги по сопствен избор, ги раскажуваа пред публика составена од нивни врсници а нивните настапи ги снимаа родителите или наставниците и за секоја доставена снимка учесниците добиваа по еден бод. Во втората етапа, учесниците имаа настап во живо, пред жири комисија составена од представници на правниот и филолошкиот факултет, институтот за македонска литература и клубот на оратори кои го оценуваа квалитетот на нивниот јавен говор.

На натпреварот во раскажување учествуваа ученици во две категории – од 3 до 5 одделение и од 6 до 9 одделение. Секој пријавен натпреварувач имаше на располагање бесплатна онлајн обука за јавно говорење. Со учество во натпреварувањето, децата се квалификуваат за запишување во Академијата за идни лидери „Ѓорѓи Марјановиќ“, која целосно е бесплатна.

Натпреварот се реализира со одобрение на Министерството за образование и наука, во соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје, и со поддршка на Филолошкиот факултет, Факултетот за драмски уметности, Институтите за македонски јазик и македонска литература, Македонската асоцијација на издавачи и Комората на психолози на Република Северна Македонија. Спонзори на натпреварот се Комерцијална Банка АД Скопје, MY:TIME и најзначајните македонски издавачки куќи.

„Организирањето на овој натпревар е наш скромен придонес за реализација на визијата на Ѓорѓи Марјановиќ – Македонија да стане пристојно место за живеење. Цел на натпреварот е да ја развива вештината за јавно говорење кај децата и да ја поттикнува љубовта кај нив кон книгата и читањето. Ова е само првиот чекор во нашата намера да ги обликуваме младите во идни лидери според примерот на Ѓорѓи, кои утре ќе ја водат Македонија во подобра насока“, изјави Александар Марјановиќ, извршен директор на фондацијата и син на починатиот професор.

„Натпреварот во раскажување организиран од страна на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ е позитивен пример за успех и инспирација, како преку читањето и раскажувањето, најмладите со љубов да продолжат со негувањето на мајчиниот македонски јазик и вештината за јавно говорење“, изјави Давор Каракашев, родител на една од учесничките на натпреварот.