Скопје, 17 јуни 2024 – Македонската Радио Телевизија (МРТ) на својот прв програмски сервис, премиерно ја емитуваше документарната емисија под наслов „Делата живеат вечно“ посветена на животот и делото на професорот Ѓорѓи Марјановиќ.
Оваа емисија, која ги истакнува придонесите на професорот Марјановиќ и неговата визија за Македонија како пристојно место за живеење, вклучува изјави и спомени од неговиот син Александар Марјановиќ, основач на фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ. Покрај него, своите сеќавања споделија и професорите Јасна Бачовска Недиќ, Владимир Петрушевски Фили, Гордан Калајџиев и Бранко Секулоски.
Дополнително, во емисијата се вклучени и делови од говорите на Претседателката на Македонија и професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, Гордана Силјановска Давкова, како и поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, претседателката на Македонија2025, Никица Мојсоска Блажевски и новинарот Бранко Геровски, кои на неодамнешната конференција „Разговори со Ѓорѓи Марјановиќ“ ги изнесоа своите ставови и размислувања за тоа како може Македонија да стане пристојно место за живеење.
Емисијата е продуцирана од Македонската радио телевизија, а автор е Мимица Папазова-Наумоска. Оваа емисија претставува значаен придонес во зачувување на наследството на професорот Марјановиќ и е одлична можност за пошироката јавност да се запознае со неговата визија и дела.