Времето не е изгубено, времето е пронајдено
Последното преведено издание на професорот Ѓорѓи Марјановиќ коешто денес го промовираме се однесува на вториот, завршен дел на последната книга „Пронајденото време“ од големиот циклус „Во потрага по изгубеното време“ од Марсел Пруст. Прва евидентност којашто се наметнува во случајот и на двата автори, Пруст и Марјановиќ, (бидејќи преведувачот е исто така автор), е дека овие задни, сублимирачки страници на нивните опуси се објавени постхумно. Оставајќи зад себе речиси завршени ракописи, двајцата како да ни оставија и аманет да им ги приопштиме на читателската публика овие книжевни сведоштва како доказ дека времето, сепак, може да се победи. Дека смртта, како најголемата извесност што ја носи времето, сепак е ништожна во однос на вечноста што ја инкарнира уметничкото дело. Но, за тоа дело вистински да загосподари со просторот и времето, односно, за да се потврди неговата универзална и безременска вредност, нужно е да прозвучи преведено на повеќе јазици. Тоа се постигнува низ остварувањата на преведувачи кои, како професорот Марјановиќ, пулсирале со ритамот и мислата на Пруст во текот на долги години, и ја споделувале Марселовата грозничава настојчивост, читлива во последните редови на „Пронајденото време“, да му даде книжевна форма на тој бурен водотек на колективната и индивидулната меморија извлечен од длабочините на битието пред да престане да чука физичкиот часовник. Односно, да ни се приопшти начинот на којшто внатрешното време на афективната, сетилната меморијa, успева да извојува победа над физичкото време на часовниците.
“Во потрага по изгубеното време“ нè уверува дека заборав, всушност, нема. Имено, изнијансираните дадености на човековото постоење во светот, преточени во сетилни сензации како први и суштински восприемања на тој свет, никогаш не исчезнуваат. Тие сегментирано се распоредуваат во огромниот складишен простор на афективната меморија, се притајуваат, тлеат, и чекаат некоја нова аналогна сетилна сензација, да ги извлече од заборавот којшто е само привид. Рационалното тука нема улога – не се сеќаваме тогаш кога сакаме да се сетиме (бидејќи после Фројд и неговото учење за сеќавањата-екрани знаеме дека споменот исто така може да биде фантазматичен конструкт), туку се сеќаваме тогаш кога некоја сензација ја буди во нас интуицијата, нè оттргнува да медиокритетноста на секојдневното постоење, во трепет нè тера да се свртиме кон сопствените длабочини, да бараме, и да го извлечеме на површината на споменот она што сме имале впечаток дека не постоело. Тогаш, според убавата метафора на Пруст, „Цел еден свет излегува од една шолја чај“.
Две сцени на дејствување на афективната меморија, симетрично поставени, ги сочинуваат потпорните столбови на архитекстонското здание „Во потрага по изгубеното време“ коешто, според зборовите на Пруст, тој го создава по углед на готската катедрала. Симетријата е впрочем омилената фигура на Пруст бидејќи сцените, ликовите, настаните се во симетрично ехо долж целокупното дело со што се потенцира неговиот цикличен карактер. Првата сцена е антологиска – онаа со колачот „petite madeleine” со којашто се отвара циклусот, евоцирана во делот Комбре од првиот том. Втората потпорна сцена е евоцирана во последниот том „Пронајденото време“. Во неа нараторот, уморен од монденската глазура на сопствениот живот, но и постојано измачуван од кревкото здравје, после подолго време доброволно отсуство од салонскиот живот, речиси против своја волја, ја прифаќа поканата да отиде на матинето што го организираат Германтови. Да забележиме дека и на двете сцени на будење на сетилната меморија им претходат ситуации во коишто, небаре воден од некаква маглива интуиција, нараторот сепак прифаќа да преземе акција којашто не му е по мерак и да се одѕве на поканата, во првиот случај на неговата мајка да се напие чај со мадлена, а во вториот случај да присуствува на монденскиот собир. Влегувајќи во луксузното живеалиште на Германтови, неправилниот облик на плочките од предворјето, го потсетуваат на несиметричноста што ја почувствувал под своите нозе шетајќи се низ плочниците на Венеција; крутата салфета што му ја даваат за да си ја избрише устата го потсетува на крутоста на крпите со коишто едвај успевал да си ја избрише косата за време на своите летни одмори покрај океанот, во Балбек, во тоа амблематско место на неговото детство и младост каде што ги среќава, некои за прв пат, речиси сите ликови коишто ќе го придружуваат во неговата потрага по изгубеното време. И доколку сцената што го извади цело Комбре од една шолја чај е порталот, величенствениот влез во сакралниот свет на Прустовата катедрала, матинето кај Германтови е апсидата, местото на просветлението, на приближувањето до апсолутот. Тоа е моментот кога нараторот сфаќа дека, доколку сака минливото да го направи вечно, нужно е времето да го затвори во уметничко дело. Тој решава да напише книга во која ќе остави неизбришлива трага за сопствениот живот, за класата на која и припаѓа, за општеството кое исчезнува, за епохата низ која се движи. Своевидно незаменливо наследство за генерациите што доаѓаат. „Пронајденото време“ завршува со долга медитација околу стуктурата и формата на овој нов животен проект којшто нараторот се брза да го рализира пред да настапи смртта. Генијалноста на Пруст се состои токму во тоа што во моментот додека нараторот го елаборира како иден, тоа е веќе завршен проект, а тоа е токму книгата што читателот ја има пред своите очи. Кругот е затворен, мисијата е веќе исполнета.
Вториот, сега веќе преведен том на македонски јазик, на последната книга „Пронајденото време“ е длабока медитација за Времето и Уметноста, односно за нивната спрега. Ролан Барт во своите семиотички и наративни анализи често се навраќа на делото на Пруст. Тој „Во потрага по изгубеното време“ го определува како „раскажување за желбата да се пишува“. Психолошки обоеното раскажување на нараторот Марсел, текстуално вообличено од страна на писателот Пруст, осцилира меѓу две структурални дадености, кои се одраз на самото двоумење на Пруст жанровски да го определи своето дело. Имено, кога го прашале авторот што пишува во тој момент, тој одговорил: „нешто како роман“. Тие две сопоставени структурални инстанци се Есејот и Романот. Според Барт, „Во потрага по изгубеното време“ не е ниту едното ниту другото, или е поскоро и двете истовремено, поради што Барт делото на Пруст го определува како „трет жанр“. „Во потрага по изгубеното време“ навлегува во доменот на есејот преку интелектуалниот дел, преку актуелизацијата на животни и универзални прашања, преку социокултуролошките реминисценции и ингениозните медитации кои се потрага по значењето и знаењето. „Во потрага по изгубеното време“ навлегува во делот на романот преку тип писмо коешто Барт го нарекува „романескно“. „Романескното е тип дискурс којшто не е структиран според моделот на приказна: тоа е еден начин на бележење, на инвестирање во или покажување интерес за секојдневната стварност, личностите и сето она што се случува во животот“. „Во Потрага по изгубеното време“ не е цврсто стуктуирана приказна од балзаковски тип, распослана во комодитетот на последователната хронологија, со драматични пресврти и неочекувани расплети. Раскажувањето во ова дело на Пруст е раскажување на мали анегдотски приказни кои делуваат како ехо едни на други, се препокриваат едни во други, небаре се ткаенина во фалти која го менува обликот кога ќе ја раздиплите за подобро да се видат сврзувачките нишки на текстурата. Впрочем, токму во овој последен дел од „Пронајденото време“ нараторот зборува за своето книжевно дело како за ткаеж, или своевиден пачворк, а најголемиот успех е да се најде сврзувачкиот елемент за тие парчиња, онака како што неговата верна слугинка Франсоаз, кога бара соодветна ткаенина за да ги пополни дупките на своите здолништа, се жали дека не може да ги сошие ако нема соодветен конец. И Пруст е во потрага по сврзувачката нишка на различните визии што нараторот ги имал за исти настани и ликови низ текот на времето. Кога, присуствувајќи на матинето кај Германтови, тој со чудење ќе констатира дека неговите дамнешни познаници толку многу остареле што веќе не личат на себеси, лицата небаре им се гримирани, а телата во некоординирани и тешки движења небаре се марионети, во меморијата на нараторот се враќаат перцепциите што тој ги имал за овие ликови години наназад, во различни периоди на животот. И тогаш сфаќа дека сврзувачката нишка е во тоа да ги отстрани преградите меѓу овие различни визии, да прекине времето да го дели на минато, сегашност и иднина, и тоа исто време, небаре е ткаениена во фалти, да го компресира во книга. Сé е тука, ништо не се губи, а добива нова форма.
Многу е тешко да се преведува ваков „трет жанр“. Тоа е граничен текст, експериментален текст, луцидно недофатлив текст. Како таков текст беше доживуван „Во потрага по изгубеното време“ и во епохата кога за прв пат беа објавувани неговите томови, како таков текст е доживуван и денес. Чудесна е оваа неможност дури и да упатиме на нешто слично што е создадено во светската книжевна историја по времето на Пруст. Во делото се мешаат регистрите, подеднакво се мешаат и времињата. Во самата реченица, во еден дел сте во сеќавање, понекогаш тоа е дури сеќавање за сеќавањето, во друг дел сте во замислена полемика, со монолошки или дијалошки карактер, во трет дел наидувате на евокација на културни и историски дадености, за на крајот, сосема на крајот, и после сè, реченицата да финализира со резимирачко поентирање и еманација на мудра мисла. Ако Пруст не создаде приказна на драматични пресврти, давајќи му на тој начин предност на романескното над романот, тој создаде реченица на вијугави текови, на необични споеви на слики и зборови, на делови кои алтернираат во својата елегичност и драматичност.
За да се преведува Пруст треба да се живее со Пруст. Да се споделуваат неговите мисли и визии, но и неговите љубови и страдања, неговите луцидни согледби, но и неговите заблуди и разочарувања. Несомнено, тоа му успеало на професор Марјановиќ.
Оттаму, огромно е моето задоволство што денес го имаме преводот на последниот дел од ова ингениозно дело на Пруст. Пополнет е последниот дел од мозаикот на Изгубеното време што недостасуваше во изданијата на македонски јазик. Наследството што и Пруст и проф. Марјановиќ го оставија зад себе во врска со нивната работа на овој последен том од циклусот, (Пруст во форма на бележници и листови, некогаш поврзани некогаш не, со бројни дополненија на маргините и делови кои ги прецртувал, а професор Мајрановиќ со ракописот на преводот којшто останал во неговиот компјутер неколку години по неговата смрт), е уште една потврда дека благодарение на книжевноста и преводот, времето не е изгубено, времето е пронајдено.
Проф. д-р Елисавета Поповска
Катедра за романски јазици и книжевности
Филолошки факултет „Блаже Конески“