проф. д-р Ирина Бабамова

Пронајденото време 2 од Марсел Пруст
во превод на македонски јазик од Ѓорѓи Марјановиќ
(јазични аспекти)

„Сè што не е литература и филозофија е загубено време“ [= „tout ce qui n’est pas littérature et philosophie est du temps perdu“] (Lemaître 1985 : 618) со цврстa увереност ќе му напише Марсел Пруст на татка си во едно свое писмо од младоста, најавувајќи се, на тој начин, како уникатен феномен во историјата на европската литература. Неговиот циклус  Во потрага по загубеното време, а особено последниот негов том, Пронајденото време 2, претставува врвно достигнување на прустовиот поетичен и филозофски пристап кон уметноста, кон времето и кон меморијата. Пред нас го имаме токму тоа дело, во превод на македонски јазик на  професорот Ѓорѓи Марјановиќ, кој се фаќа во костец со предизвикот да го преведе прустовиот јазичен израз и да придонесе за неговата рецепција во македонската книжевна средина, предизвикувајќи своевиден настан во македонскиот јазик. „Должноста и задачата на писателот се должност и задача и на преведувачот.“ вели Пруст на едно место токму во ова свое дело, а Марјановиќ тоа го почитува и доследно го следи. (Пруст 2025 : 8)

Предизвикот да се пренесе Пруст на македонски јазик е повеќекратен: синтаксички, и стилски, и лексички, и…. набројувањето не запира тука.   

Синтаксички и стилски особености

Прустовата реченица се издвојува по својата должина, по својот змијулест карактер, по сложеноста, по способноста да ги следи нијансите на мислата. Во Пронајденото време, синтаксата претставува широк простор на свеста, каде што речениците честопати се протегаат во неколку реда, исполнети со вметнувања, со објаснувања и дообјаснувања, со ретроспекции. Овој стил е суштински поврзан со начинот на кој Пруст го поима времето – не како линеарна категорија, туку како распрснат тек на доживувања. „Еден час не е само еден час, тоа е сад полн со мириси, со звуци, со намери и со поднебја.“ (Пруст 2025 : 7) ќе ни појасни Пруст на македонски преку преводот на Марјановиќ.

Јазичниот израз во кој е преточен творечкиот стил на Марсел Пруст не претставува само книжевна техника во романот Пронајденото време 2 – тој е отелотворување на една естетика на доживувањето на времето и на сеќавањето. Преку синтаксичкиот тек, лексичката прецизност и ритмичната фраза, Пруст создава амбиент во кој се објаснуваат нештата што не можат лесно да се именуваат.

Лексичко богатство

Лексиката кај Пруст е мошне прецизна, но и широкоопфатна. Тој користи лексичко богатство во облик на термини од различни области – музика, архитектура, уметност, општествен живот – со што создава богата и комплексна асоцијативна мрежа откривајќи густо збиени и неизбришливо врежани впечатоци, реминисценции и богат културен контекст. Целата таа лексика во романот  Пронајденото време 2, ѝ служи на идејата за враќање на минатите чувства и впечатоци, која, пак, му ја дава оригиналноста на делото.

Меморијата и ритамот на реченицата

Една од впечатливите сцени во циклусот – моментот кога нараторот се сопнува на калдрма и доживува спонтано враќање на впечатоци од минатото – ја открива улогата на т.н. mémoire involontaire (мак. = неволно сеќавање) за која Пруст смета дека ја содржи „суштината на минатото“. Стилот на Пруст го следи овој психички процес со реченици кои ја имитираат повторната артикулација на сеќавањата. Ритамот на фразата се менува, добива медитативен карактер и стекнува музикалност. Еве еден сличен цитат: „Зар најубавиот дел од Мемоарите од онаа страна на гробот не е поврзан со чувствата од оној вид што се однесуваа на мадлената: „Вчеравечер шетав самиот… од моите размислувања ме тргна црцорењето на некој дрозд седнат на највисоката гранка на една бреза. Во миг, со тој волшебен звук, пред моите очи повторно се појави родителскиот посед; ги заборавив катастрофите на кои бев сведок, па понесен одненадеж во минатото, повторно ги видов оние полиња каде што толку често го слушав црцорењето на дроздот“. (Пруст 2025 : 47) Ова мемориско навраќање е неволно, се случува спонтано и е предизвикано од еден аудио-стимул со што, во суштина, се илустрира клучната прустова идеја: вистинското сеќавање не е интелектуален чин, туку сетилен шок што ја отвора портата на минатото. Тој е клучен за спознавање за нараторот, кој сфаќа дека минатото не е загубено засекогаш, туку дека може да се врати преку неочекувани сетилни искуства.

Преведувачки предизвици

Преведувањето на прустовиот јазичен израз не бара само долгогодишно искуство во познавањето и во практикувањето на францускиот и на македонскиот јазик. Тоа, пред сè, бара напластено животно искуство и човечка мудрост кои ќе овозможат правилно разбирање на прустовите јазични пораки и ретроспекции, а потоа и изострена способност за перцепција и слух за уметност. Мудроста, според Пруст, не ја добиваме; мудроста ја стекнуваме и сами ја откриваме преку патување на кое никој не може да замине наместо нас, ниту, пак, да нè поштеди од него. А така стекнатата мудрост беше неразделно поврзана со личноста на Ѓорѓи Марјановиќ.

Синтаксичките предизвици со кои се судира Марјановиќ се први на удар: македонскиот јазик има тенденција кон покуси, поедноставни реченици што обезбедуваат јасност. Па така, и тука се наметнува вечната дилема во книжевното преведување: дали текстот треба да се прилагоди на целниот читател и да се усогласи со неговите навики во читањето, или, пак, треба да се остане што е можно поверен на изворниот текст, дури и по цена тој да стане помалку лесен за читање? Марјановиќ безрезервно го зазел вториот став, држејќи се што е можно поблиску до устројството на реченицата, свесен дека тоа, барем кај Марсел Пруст, е носител на смисла, бидејќи ги изразува перцептивниот и менталниот процес. Затоа, за да се пренесе духот на Пруст, преведувачот мора да ги одржува долгите синтаксички конструкции без притоа да ја наруши читливоста.

Потоа следуваат лексичките избори на Пруст кои понекогаш немаат директни еквиваленти – како да се пренесе термин како што е mondain со сите негови културни конотации? Исто така, постојат и стилски фигури како анафори, паралелизми и долги метафори кои бараат стилска инвентивност во преводот. Освен ова, да се преведе Пруст подразбира и поседување способност да се слушнат звуци, да се видат бои и да се разграничат светлини кога пред себе се гледаат само црни букви на бела хартија.

Културни специфики

Многу од културните референци во романот се поврзани за француското општество на крајот од 19 и почетокот на 20 век – буржоаски салони, благороднички титули, културни фигури. Преведувачот мора да реши дали ќе ги задржи тие елементи со објаснувачки фусноти, ќе ги адаптира или ќе ги остави неразјаснети. Секоја од овие опции носи различни последици за рецепцијата на текстот, но Марјановиќ редовно ја одбира правилната опција.

***

Преведувањето на прустовото дело е извонеден подвиг кој бара не само техничка прецизност, туку и длабоко разбирање на филозофската и на психолошката подлога на неговите романи. Марјановиќ, кој речиси цели две децении е во непосреден контакт со томовите од циклусот Во потрага по загубеното време на Пруст, одлично ја запознава таа филозофска и психолошка подлога. Затоа, преводот на македонски јазик на вториот том од Пронајденото време успева да го задржи духот на оригиналот, а со тоа и да ја претстави прустовата поетика во нови услови и пред македонската читателска публика.

Преводот на Пронајденото време има повеќекратно значење за македонскиот јазик и култура. Пред сè, тој придонесува за јазично збогатување, за јазичен раст, принудувајќи го македонскиот јазичен израз да се соочи со ретко сложени синтаксички облици и со суптилна семантика. Преку долги реченици, внатрешни монолози, богат лексички фонд и длабока рефлексија, преводот на Прустовото дело нуди подлога за развој и еволуција на книжевниот македонски јазичен израз. Истовремено, појавата на овој превод засведочува и зрелост на преводната култура. Тоа не е обичен технички превод, туку книжевен чин со кој македонската сцена се позиционира во светската литература. Тој им овозможува на читателите – и на стручната и на пошироката публика – да се доближат до еден од најважните романи на 20 век, на свој јазик, без посредници. Со тоа се создава и еден културен мост кон француската и европската традиција, зашто Пруст е неразделен од историјата на модерната мисла, од уметничката чувствителност и од една специфична филозофија на времето и на сеќавањето. Читателот, преку овој превод, не само што го чита Пруст, туку влегува во дијалог со една цела цивилизациска традиција.

Конечно, преводот на Ѓорѓи Марјановиќ на прустовото Пронајдено време  е инспирација и поттик за нови преведувачи, за проучувачи на книжевното творештво и на книжевната теорија, за љубопитни читатели. Тој (преводот) е потсетување дека македонскиот јазик може, сака и знае да зборува за најсложените нешта, и тоа со многу достоинство и убавина. Погледнат од аспект на заложбите на професорот Ѓорѓи Марјановиќ, преводот на Пронајденото време 2 на Пруст претставува своевиден придонес кон она за што професорот искрено и сесрдно се залагаше: да ја направи Македонија пристојно место за живеење.

Ѝ благодарам и ѝ честитам на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ за објавувањето на преводот Пронајденото време 2 од Марсел Пруст.

Цитирани дела:

Lemaître, Henri (1985) Dictionnaire Bordas de littérature française et francophone. Paris, Bordas. Пруст, Марсел (2025) Пронајденото време 2  (превод од француски на македонски јазик Ѓорѓи Марјановиќ). Скопје, Фондација Ѓорѓи Марјановиќ.