СКОПЈЕ, 13 јуни 2026 – Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје вчера беше домаќин на суперфиналето на Третиот национален натпревар во раскажување прочитани книги, во организација на Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“. Оваа масовна образовна иницијатива, која е целосно бесплатна и доброволна за сите учесници, претставува директен одговор на поразителните ПИСА резултати во Македонија во делот на читањето со разбирање.
Во просториите на факултетската библиотека, најдобрите млади раскажувачи од основните училишта од повеќе градови од Македонија ја демонстрираа вештината за јавно изразување. На факултетот каде што Проф. д-р Ѓорѓи Марјановиќ го помина својот работен век, децата се натпреваруваа според четири строги професионални критериуми: дикција, моќ на изразување, сценски настап и општ впечаток.
Стручната жири-комисија работеше во состав: проф. д-р Гоце Цветановски од Институтот за македонски јазик, проф. д-р Јасна Бацовска Недиќ од Правниот факултет „Јустинијан Први“, д-р Биљана Рајчинова од Институтот за македонска литература и Ангела Кекеновска, претседател на Клубот на оратори.
По детално оценување, беа прогласени победниците во двете возрасни категории:
Категорија 3–5 одделение:
- Дениција Треневска – ООУ „Ѓорѓија Пулевски“, Аеродром, Скопје (вкупна вредност на наградата: 32.250 денари)
- Мелани Петрушевска – ООУ „Кирил и Методиј“, с. Романовце, Куманово (вкупна вредност на наградата: 20.800 денари)
- Камелија Каракашев – ООУ „Вера Циривири – Трена“, Скопје (вкупна вредност на наградата: 11.450 денари)
Категорија 6–9 одделение:
- Марија Талеска – ООУ „Климент Охридски“, Прилеп (вкупна вредност на наградата: 32.250 денари)
- Косара Настоска – ООУ „Климент Охридски“, Прилеп (вкупна вредност на наградата: 20.800 денари)
- Александра Алексова – ООУ „Димитар Влахов“, Штип (вкупна вредност на наградата: 11.450 денари)
Вкупниот награден фонд за најуспешните учесници вклучуваше штедни книшки „Верверичка“ од Комерцијална Банка, ваучери од MY:TIME, обуки од Детската ИТ Академија Еверест, како и вредносни ваучери за книги од партнерските издавачки куќи. Првопласираните учесници добија книжевни ваучери во вредност од 10.250 денари, второпласираните 6.800 денари, додека за третите места износот изнесуваше 3.450 денари.
Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ изразува длабока благодарност до сите учесници, наставници, ментори и родители кои препознаа дека јазичната писменост и критичкото размислување се клучот за слободата и долгорочната самостојност на нашите деца. Со затворањето на ова поглавје, автоматски започнуваат подготовките за четвртиот циклус на натпреварот. Борбата за пристојна Македонија се води токму овде — преку знаењето, книгата и развојот на идните генерации.







