Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ ги поканува основните училишта во Македонија да се вклучат во четвртиот циклус на Натпреварот во раскажување, преку кој учениците се поттикнуваат да читаат книги, да размислуваат за прочитаното и да ги развиваат своите способности за усно изразување и јавно говорење.
Натпреварот се реализира со согласност од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и општините, што овозможува во неговата реализација да се вклучат основните училишта од целата држава.
Натпреварот е дел од долгорочните активности на Фондацијата насочени кон поттикнување на читањето кај децата и младите и создавање култура во која книгата ќе има поважно место во нивното растење и образование.
Во изминатите три циклуси во натпреварот се вклучија ученици и наставници од основни училишта од различни делови на Македонија, а најуспешните учесници добија можност своите раскажувачки способности да ги покажат и во завршните фази на натпреварот.
Како се учествува?
Учениците читаат книга по сопствен избор и подготвуваат кратко видео во кое, во времетраење до три минути, ја раскажуваат прочитаната книга.
Целта не е механичко прераскажување или репродуцирање на содржината. Учениците се охрабруваат со свои зборови да ја претстават приказната, да издвојат што им оставило најсилен впечаток и преку своето раскажување да покажат како ја разбрале и доживеале книгата.
Во четвртиот циклус можат да учествуваат ученици од основните училишта, распоредени во соодветни натпреварувачки категории според возраста.
Улогата на училиштата и наставниците
Училиштата можат да се вклучат преку своите наставници, кои ќе ги информираат и мотивираат учениците да читаат и да учествуваат во натпреварот.
За да им помогне во оваа задача, Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ подготви посебни материјали и ресурси за наставниците, со практични насоки и идеи што можат да ги користат при подготовката на учениците.
Наставниците кои сакаат поактивно да се вклучат можат да се пријават и како училишни координатори на Натпреварот во раскажување, со што ќе бидат директно информирани за текот на натпреварот, роковите, достапните ресурси и активностите во текот на целиот циклус.
Натпревар што започнува со една прочитана книга
Со Натпреварот во раскажување сакаме да создадеме дополнителна причина детето да земе книга во рака – но и простор во кој прочитаното нема да заврши со последната страница.
Кога детето треба да раскаже книга, тоа треба да ја разбере, да размисли што е важно, да избере што сака да пренесе и да најде сопствен начин тоа да го сподели со другите.
На тој начин читањето станува почеток на еден поширок процес на размислување, изразување, комуникација и градење самодоверба.
Ги покануваме основните училишта, директорите, наставниците и стручните служби да ја поддржат оваа иницијатива и информацијата за четвртиот циклус на Натпреварот во раскажување да ја споделат со учениците и нивните родители.
Пријавување на ученици:
[Официјална веб страна на натпреварот]
Пријавување на училишни координатори:
[ЛИНК]
Правила и дополнителни информации за натпреварот:
[ЛИНК]







