Писмо од основачот
Таму некаде во средината на осумдесетите мојот татко, Ѓорѓи Марјановиќ, беше поканет да го напише воведниот реферат за советувањето на југословенското здружение за кривично право и криминологија во кој пишуваше за проблемот на политичката деликвенција во тогашната СФРЈ. Овој негов труд е значаен по тоа што го означува почетокот на неговата борба за укинување на озлогласениот член 133 од казнениот закон на СФРЈ, познат како „вербален деликт“. Во тоа време овој закон се користеше како алатка за справување со политичките неистомисленици и, ако некој зборуваше против Тито и комунистичката партија, многу лесно можеше да заврши на Голи оток.
Неговата борба не беше ниту безопасна ниту наивна и, за наша среќа, помина само со казна – опомена, изречена во март 1985 год. од основната организација на сојузот на комунистите при правниот факултет во Скопје.
Во тоа време бев средношколец, окупиран со типични, средношколски проблеми и не бев воопшто свесен за важноста и големината на неговата борба. Не бев свесен ниту за притисокот и стресот со кој тој се соочуваше. Она на кое што се сеќавам беше создавањето на првата сотија под наслов „Стручен труд“ што всушност беше негов обид да се справи со притисокот но и верно да ги запише и сочува за идните генерации сите детали од случувањата предизвикани од неговиот реферат.
Како и да е, тој од овој судир излезе како морален победник а набрзо потоа тогашниот сојузен секретар за правосудство и управа на СФРЈ го укина членот 133 со што се создаде можност за воведување повеќепартиски систем и раѓање на демократијата во тогашната Југославија.
Набрзо потоа почнаа да се формираат политички партии во сите републики. Македонија не беше исклучок од тој процес и, очекувано, на 21 ноември 1989 год. Ѓорѓи ја напиша политичката платформа на првата политичка партија која во јануари 1990 година ќе биде регистрирана како „Лига за демократија“, во јавноста и до денешен ден е позната по слоганот „Македонија, пристојно место за живеење“.
Пред првите демократски избори во 1990 год. Ѓорѓи ќе изјави: „Македонскиот народ ќе добие власт каква што заслужува“. Очекувано, на овие избори победува тогаш владеечката СКМ-ПДП, додека Лигата за демократија успеала да освои скромни 13.097 гласа.
Две години подоцна, на 18 септември 1991 година Македонија ја прогласува својата независност. Од тогаш започнува процес на континуиран пад и ерозија во речиси секоја сфера на општественото живеење. Овој процес трае повеќе од 30 години и, како што во моментов стојат работите, ни од далеку не му се гледа крајот. Сведоци сме на огромен број криминални приватизации, зголемување на невработеноста и сиромаштијата, пад на стандардот, владеење на криминалот и корупцијата, неказнивост и речиси целосно нефункционирање на правната држава. Како резултат на сето тоа се соочуваме и со масовно иселување и одлив на мозоци. Во овој период владеачките политичките партии целосно го заменија системот на вредности – лојалноста кон партиите и клиентелизмот наместо стручноста и компетентноста станаа пресуден фактор при вработување и напредување во јавниот сектор, а со воведувањето на ДДВ започнува и процесот на создавање на огромна, трома, скапа и неефикасна јавна администрација во која се толерира неодговорноста и неработењето.
Но, дали македонскиот народ навистина заслужи да има ваква власт? Дали македонецот заслужува нешто подобро од ова? И конечно, дали Македонија може еден ден да стане пристојно место за живеење?
Одговорот на ова прашање зависи од перспективата од која се гледа.
Оние кои изгубиле надеж дека можат да имаат пристојна живеачка во сопствената земја или пак биле разочарани од било која причина, проблемот го решаваат на едноставен начин, со карта во еден правец и емигрирање.
На еден дел од населението кое егзистенцијата си ја обезбедува во јавната администрација, како и оние кои профитираат од блискоста со владеачките партии, ова прашање и не им е толку важно. Се задоволуваат со тоа што го добиваат и немаат амбиции за нешто повеќе.
Третата група е можеби и најголема, а тоа е групата на граѓани разочарани од ветувањата на политичарите, луѓе кои изгубиле надеж дека работите во земјава некогаш можат да бидат подобри и се немоќни било што да променат.
Јас за среќа не припаѓам во ниту една од овие групи. Припаѓам во една многу мала група на луѓе, непоправливи оптимисти кои веруваат дека Македонија може да стане пристојно место за живеење. Од тие причини и ја основав фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ со цел не само да го сочувам творештвото на мојот татко туку и да ја продолжам неговата борба.
Убеден дека иднината зависи само од нас самите и верувајќи во моќта на човечкиот потенцијал, ја основав и „Академијата на идни лидери“ која има за цел да ги обликува младите во духот на вредностите и способностите по кои беше познат, омилен и почитуван мојот татко.
Целта на оваа академија е да се продуцираат идни лидери кои ќе бидат носители на развојот во било која сфера на општественото живеење, независно дали е тоа претприемништво, наука, спорт, култура или политика.
Со оглед на тоа што никому Македонија не може да му биде пристојно место за живеење доколку нема работа и приходи доволни за достоинствен живот, една од стратешките активностите со која Фондацијата ја започнува својата работа помагајќи го школувањето и вработувањето, давајќи им предност на децата без родители.
Дополнително, во годините кои се пред нас, фондацијата ќе работи на привлекување на истомисленици кои ќе ни се придружат во наоѓање на креативни решенија за справување со аномалиите во општеството, фокусирајќи се на сé она што остана неостварено од програмата на Лигата за демократија, но не како политичка партија туку како граѓанска, непрофитна организација.
И, за крај, една басна која одлично го илустрира одговорот на прашањето дали некогаш може да направиме Македонија да ни биде пристојно место за живеење.
Во некоја шума избувнал пожар и сите животни кои што живееле таму биле во паника и почнале да бегаат. Единственото животно кое имало храброст да се соочи со пожарот било колибрито. Решило да го изгасне огнот и летнало веднаш до најблискиот поток. Го наполнило клунот со неколку капки вода и се вратило кон пожарот за да го изгасне.
Животните го гледале колибрито и почнале да го обесхрабруваат извикувајки: што мислиш дека правиш? Дали твоите капки вода ќе го изгаснат овој пожар? Премногу си мал! Не менуваш ништо! Ќе ти изгорат крилата… Но како што продолжиле другите животни со коментарите, колибрито им одговорило: Јас го правам најдоброто што можам!
Наравоучение: Сите ние кои сакаме Македонија да ни стане пристојно место за живеење треба да се идентификуваме со колибрито. Иако секој од нас е мал и можеби безначаен, ако се обединиме околу една заедничка цел можеме да направиме нешто за нашите деца и сите идни генерации.
Затоа, доколку ви е важна иднината на вашите деца, приклучете ни се и дадете сопствен придонес за подобро утре!
Александар Марјановиќ
Основач и извршен директор
Фондација Ѓорѓи Марјановиќ