Search
Close this search box.

Win-Win стратегија за корпоративна општествена одговорност во благородни цели

Текстот подолу е говорот на Александар Марјановиќ, извршен директор на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, одржан на настанот HR Cafe на покана од Македонската асоцијација за човечки ресурси на 13 март 2024 во Netaville.

Пред неколку дена Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ и Македонската асоцијација за човечки ресурси потпишавме меморандум за соработка.

Една од првите работи за кои зборувавме е тоа дека препознавме дека имаме една заедничка цел – поттикнување на корпоративната општествена одговорност и филантропијата односно правење нешта кои јавноста ги доживува како правење добро.

Тоа е и причината за која денес сум тука, да зборувам за корпоративната општествена одговорност во благородни цели.

Моето име е Александар, или заштитник на луѓето. Така барем пишува на Википедиа. Дали има некаква поврзаност помеѓу значењето на името со она што го правам повеќе од 30 години – навистина не знам. Она што го знам е дека уште како дете татко ми ме има учено дека правењето добро некому е работа која исполнува со среќа и задоволство.

Па, за какво задоволство ќе стане збор ќе дознаете за момент.

За себе само ќе кажам дека цел живот се занимавам со едукација. Ја основав Александрија, првата школа за компјутери пред 30 години, потоа Академијата на ИТ Александрија пред 20 години, а со учење на далечина се занимавам во последниве 10. За сето тоа време јас и мојот тим им помагавме на илјадници луѓе да ги остварат своите кариерни цели.

Денес доаѓам во својство на извршен директор на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ и ќе ви го претставам планот како замислуваме Македонија да ја направиме пристојно место за живеење барем за некого.

Пред да продолжам понатаму, да го претставам за момент Ѓорѓи Марјановиќ, за оние кои не го познаваат.

Ѓорѓи Марјановиќ, мојот татко, беше професор на правен факултет, дисидент од времето на СФРЈ и човек кому можеме да му благодариме за раѓањето на демократијата на овие простори.

Тој, пред точно 40 години, со својот воведен реферат на едно советување на правници и криминолози ја започна борбата за укинување на членот 133 од КЗСФРЈ познат како „вербален деликт“.

Во тоа време овој закон се користеше како алатка за справување со политичките неистомисленици и, ако некој зборуваше против Тито и комунистичката партија, многу лесно можеше да заврши на Голи оток.

По укинувањето на вербалниот деликт се создадоа услови за создавање повеќепартиски систем, со што започнува период на плурализам односно демократија.

Ја формира Лигата за Демократија во 1990, првата политичка партија во Македонија, чиј слоган беше Македонија пристојно место за живеење.

Почина пред 2 години но со него не умре и неговиот сон на чие остварување јас доброволно се нафатив да работам, основајќи ја фондацијата која го носи неговото име.

Сега, сосема на кратко за тоа како Македонија замислуваме да стане пристојно место за живеење.

Имено, сметаме дека основен предуслов за остварување на оваа визија е да имаме лидери во секоја област од општеството, не само во политиката.

Со оглед на тоа што луѓето не се раѓаат како лидери туку стануваат преку долг низ на настани, ја формиравме Академијата за идни лидери која е целосно бесплатна, наменета за деца и млади и има за цел да им помогне ги обликуваат во луѓе кои ќе ја стекнат почитта на јавноста благодарение на сетот знаења, вештини, морални вредности и однесување кон луѓето.

Сосема накратко, Академијата е составена од следниве 4 модула:

Јавен говордебатаморални вредности и бон-тон односно култура на однесување.

Ова е нашата главна активност во фондацијата но не и единствена.

Сето ова досега беше само вовед во главната тема на денешната презентација, со цел претходно да дознаете која е нашата визија и како замислуваме да ја реализираме.

Сега имам чест да ви претставам еден од нашите најважни проекти кој го нарековме фонд за школување.

Пред да го направам тоа ќе ви раскажам една вистинска, тажна приказна која се има случено пред околу 85 години.

Мојот татко имал само 6 месеци кога останал без татко. Тој бил крвнички убиен, а неговата сопруга, мојата баба, поради тоа доживеала нервен слом и морала да биде хоспитализирана. Тој подоцна бил даден на посвојување но повторно немал среќа затоа што набрзо, во 1942 и неговиот посвоител, Часлав Марјановиќ бил убиен од четниците. Подоцна, жената која го посвоила го носи во Куманово каде што Ѓорѓи започнува помирниот дел од својот живот.

Оваа тажна животна приказна ни беше инспирација да сториме нешто за сите оние деца во земјава со кои живот не по нивна вина се поиграл и имаат таква судбина да живеат без родители.

Фондот е основан со цел да им помогне на децата без родители сместени во згрижувачки семејства, мали групни домови и институции, но и на децата на самохраните родители во процесот на школување, вработување и обликување во зрели, одговорни и финансиски самостојни личности.

Фондот функционира на начин инспириран од кинеската мудрост која вели “На гладниот не му давај риба, туку научи го да лови”. Имајќи го ова предвид, фондацијата на децата без родители им обезбедува:

  • Компјутери
  • Обуки (курсеви за странски јазик, курсеви за компјутери, ИТ и други вештини, обуки за зголемување на вработливоста и
  • Ментори. кои ќе им обезбедат емоционална поддршка, образовна помош, ќе ја поттикнуваат социјалната инклузија, ќе им помогнат во негување животни вештини, и всадување самодоверба.

Mенторската програма е круната на нашата работа а инспирацијата за нејзиното создавање ја добив од процесот на посвојувањето дете. Исто како и посвојувањето, менторирањето дете без родители е еден извонредно благороден чин кој ќе им биде доверен на подобни кандидати, пред сè на успешни македонски претприемачи и искусни професионалци од hi-tech индустријата кои ќе го споделат со децата своето животно и професионално искуство и ќе се обидат не само да ги инспирираат туку и да ги поттикнат на дејство, давајќи им клучни насоки за ориентација и пружајќи им ја потребната поддршка.

За да успееме да го реализираме ова, неопходна ни е помош од вас, односно од вашите компании. За таа цел го формираме и клубот на донатори во кој компаниите имаат можност да станат членови со бирање на најмалку 2 од понудени 6 опции за донирање, од кои 3 ги вклучуваат и нивните вработени:

  1. Донирање пари: Било кој износ што ќе одберете да го донирате ќе биде употребен за школување на децата без родители.
  2. Донирање компјутери: Вашите користени, но сè уште функционални компјутери ќе го продолжат својот животен век служејќи им на децата без родители како алатки за учење.
  3. Донирање услуги: Подржете ги нашите иницијативи со in-kind донации во форма на ваши услуги или експертиза.
  4. Донирање родендени: Поканете го вашите вработени да ги донираат своите родендени за хуманитарни цели. Донирањето роденден функционира така што славеникот ги поканува своите пријатели парите кои имале намера да ги потрошат за подарок да ги донираат во фондот за школување.
  5. Симболични месечни донации: Поканете го вашите вработени да направат симболична донација еквивалентна на цена на една шоља кафе месечно. Износите кои вашите вработени ќе се согласат да ги донираат, вашето сметководство им ги сопира од плата и ги уплаќа во фондот за школување.
  6. Учество во еднодневни планинарски акции: Поканете ги вашите вработени да ни се придружат на еднодневни планинарски акции на најубавите планински предели на Македонија, под водство на искусни планинарски водичи.

Конечно, доаѓаме до делот win-win, односно до придобивките и бенефициите за донаторите.

ПРИДОБИВКИ ЗА КОМПАНИИТЕ

Членство во Клубот на донатори на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ  и прифаќањето на корпоративната општествена одговорност (КОО) на членовите им нуди бројни бенефиции:

  1. Диференцијација: Демонстрирањето КОО може да биде моќна алатка која ќе ви помогне клиентите да ве разликуваат вас и вашите производи или услуги од останатите. Клиентите денес сè повеќе бараат брендови кои се усогласени со нивните вредности и со демонстрирање посветеност кон општествена одговорност, компаниите можат да се издвојат од конкурентите.
  2. Привлекување и задржување таленти: На денешниот пазар на труд, особено кај помладите генерации, вработените често се привлечени од работодавците кои даваат приоритет на КОО. Компаниите познати по нивните етички практики и посветеноста на социјалната кауза можат да привлечат врвни таленти и да уживаат во повисоки стапки на задржување на вработените.
  3. Подобрена репутација: Вклучувањето во активности за КОО помага да се изгради доверба и кредибилитет кај клиентите, инвеститорите и другите засегнати страни. Кога компанијата ја демонстрира својата посветеност на социјалните и еколошките прашања преку опипливи дејства, таа ја подобрува својата репутација како општествено одговорна организација.
  4. Позитивен публицитет и медиумско покривање: иницијативите за КОО често привлекуваат позитивно медиумско внимание, што доведува до зголемена видливост на брендот и позитивен публицитет. Ова може да резултира со ефект на хало, каде што потрошувачите го поврзуваат брендот на компанијата со позитивно општествено влијание, дополнително зголемувајќи ја нејзината репутација.

Последната придобивка ја оставив за крај на оваа презентација а се однесува на добивање можност за објавување

  1. Неограничен број огласи за работа: Во знак на благодарност, Фондацијата на донаторите ќе им овозможи бесплатно, неограничено објавување на огласи за работа на Jobster.mk, онлајн платформа специјализирана за hi-tech работни места.

Jobster е стандарден огласник за работни места но се разликува од останатите по тоа што е специјализиран за хај-тек работни места и што огласувањето таму е привилегија исклучиво на нашите донатори. Освен огласи за работа, таму објавуваме корисни статии за оние што нудат но и за оние што бараат работа.

Чекори за зачленувањето во клубот на донатори

  1. Прв чекор е пополнување онлајн формулар со што го искажувате вашиот интерес
  2. Потоа, со претставник на нашата фондација ќе имате состанок на кој ќе поразговарате за сите прашања кои би можеле да ги имате, посветувајќи особено внимание на опциите за донирање.
  3. Врз основа на опциите за донирање кои вие би ги одбрале, ќе биде подготвен договор за донирање. По потпишувањето на договорот ќе ви биде креирана сметка на порталот jobster.mk и веднаш ќе можете да почнете со самостојно објавување и уредување огласи за работа.

По потпишувањето на договорот ќе треба да доставите известување до сите ваши вработени, поканувајќи ги да пополнат онлајн формулар во кој тие самите ќе се изјаснат дали и која од понудените опции за донирање би прифатиле (4-6) и дали би биле заинтересирани да се вклучат како ментори.