Search
Close this search box.

Нинослав Ивановски

Булевар Осман 102

Напишано од проф. д-р Нинослав Ивановски, специјалист по интерна медицина

Наместо ин мемориам следен со неколку вообичаени зборови, овој текст посветен на професор Ѓорѓи Марјановиќ го почнувам со една адреса – Булевар Осман 102 во Париз каде што дел од својот живот помина Марсел Пруст, еден од омилените ликови на професорот, кој направи волшебен превод на овој француски автор. Тој сигурно ја знаеше оваа адреса во осмиот арондисман на Париз. Тоа е заправо една стамена зграда во близина од Галери Лафајет и Прентан, двете познати стоковни куќи каде што се собира многу свет. Или можеби треба да го споменам и елегантниот музеј на Жакмар Андре на истиот булевар, нешто понатаму, во кој, пред да стане музеј, едно време престојувал и Марсел како роден парижанец, син на париски лекар и носител на Легија на честа.

Токму овде Марсел Пруст се ангажира во аферата Драјфус заедно со познати француски интелектуалци и уметници меѓу кои беа и Емил Зола, Клод Дебиси, сл икарот Едгар Дега… Што поради близината на стоковните куќи или, пак, операта Гарније со сиот свој раскош и со многуте ресторани во нејзина близина како што се Кафе де ла Пе, Гранд кафе Капусин или, пак, величествените театри Фоли Берже, Могадор или Казино де Пари, честопати проаѓав овде каде што стоеше метална табла со напомена дека овде живеел Марсел Пруст. Никогаш не сфатив зошто токму него го одбрал почитуваниот професор за да ги преведе неговите седум тома на делото „Во потрагата по изгубеното време” преполни со реченици што се долги и предолги некогаш по повеќе страници на книгата и кои се навистина проблем да се преведат коректно и убаво за сето тоа да личи на нешто. Веројатно тоа го знае само тој.

Но, при секое поминување покрај таинствената табла, помислував на професор Марјановиќ како тој да живее овде и да пишува и пишува. Го следев колку што ми дозволуваше времето и мојата тешка професија. Наоѓав понекогаш и понекоја замерка на неговиот превод на делата на Марсел, но тоа не беше ни многу важно пред фактот што познатиот кривичар го преведува токму него. Тоа беа моите средби со него и таму каде што секоја улица зборува нешто, секоја зграда носи некоја табла, сето тоа е дел од една величествена историја што ја чувствувате секој миг.

Професорот Марјановиќ ние го викавме Дјук. Се држеше храбро кога требаше да се отстрани нешто од закоравените принципи на правната наука и тоа го паметам како да беше вчера. Знаев што прави на Правниот факултет во обидот да го релативизира, односно да го укине вербалниот деликт и какви се премрежија тука доживеа. Системот не беше подготвен за какви било промени, но тие веќе се најавуваа од Република Словенија. Тоа го чинеше напуштање на Сојузот на комунистите, што во тоа време почетоците на осумдесеттите години, беше тешко изводливо без последици. На ова поле бевме блиски, ние од „Фокус” во нашата борба за спобода на говорот 10 години порано и тој од другата страна, официјалната, на Правниот факултет во Скопје. Оттаму ја почитувавме и ја ценевме таахраброст. Последиците ни беа слични, но ниту ние ниту тој не обрнувавме внимание на тоа. Впрочем, постапивме како што треба.

Одевме и ние таму во Градскиот комитет на партијата за да не преслушаат, но се однесувавме храбро, ги држевме дизгините во нашите раце, не дозволувавме многу разговорот да застрани. Објаснувавме и дообјаснувавме што сме сакале да кажеме и тоа го браневме цврсто. Ни се закануваа со мотивирање на работничката класа, но попусто. „Фокус” го забранија некол купати и тоа беше се, но довол но за да не замолчат. Секогаш кога ќе го сретнев него, помислував на тоа сметајќи дека тој го минува сличниот пат како нашиот.

Потоа беа првите искуства со Лигата за демократија, која се претвори во прв зародиш на слободата во оние предвоени времиња во поранешната држава. Имаше кај него една носталгија за минатото време и покрај тоа што тоа носеше еден диктаторски немир и нервоза во целата поранешна земја. И подоцна, кога минувавме низ многу тешки периоди од нашата историја исполнети со војна, но и со многубројно некоректно однесување на „Вавилонската блудница” како што тој ја нарекуваше Европа. Не поднесуваше просеци, подлизурковци, џаболебари… Спрема нив се однесуваше цинично, остро. Знаеше да им каже и на Европејците дека им се случува „швајнерај” и тоа многу често. Ги именуваше работите со вистински зборови. Со тоа тој го најави доаѓањето на вистинската демократија и почетоците на слободата, која само ја насетивме и немавме време да се израдуваме на неа затоа што таа наскоро се претвори во брутален гангстерај кој трае до ден-денес, а ние ги следиме бескрајните судски процеси броејќи ги сумите што ги нема никаде.

Го паметам уште кога одев на концертите на класична музика во тогашниот полупразен Драмски театар, кои обично беа во понеделник. Знаев дека и тој ќе биде присутен, дека ќе ги коментира „неподвижните чела“ на оркестарот на филхармонијата, кој мене ми делуваше страшно моќно во таа мала сала. Тоа беше вистински празник за класиката на кој беа присутни мал број гледачи, па сите се знаевме меѓу себе. Помал ку ми текнува што се сум слушал таму – Бетовен и Чајковски, со гости од Советскиот Сојуз, Хрватска и Србија, со понекој странец од Европа. Извонредно свиреше тогашниот оркестар на филхармонијата на чело со Ванчо Чавдарски. Го паметам и на изведбата на Деветтата симфонија од Бетовен во Македонската опера и балет кога оркестарот и хорот беа засилени со колеги од Република Бугарија. Професорот изрази жалење во една од неговите чудесни колумни поради тоа што не присуствувале доволен број гледачи на оваа единствена можност за тоа – симфонијата беше величествена! Хорот грмеше одзади од стиховите на Шилер во чудесното финале од кое ви застанува здивот.

Почитуван професоре, можеби Вашето испраќање требаше да го одбележи токму Деветтата симфонија од Бетовен која, во сегашно време, е и химна на слободна Европа. Никаде подобра музика и никаде повеличествено испраќање.