Search
Close this search box.

Случајна средба на Водно

Пишува: Владимир Петрушевски „Фили“

Ќе да беше април 1990. Со мојот покоен пријател и професор по математика, Ѓорѓи Чупона, секоја недела се качувавме на Водно, ќе пиевме по 1-2 чаја на врвот и се враќавме. Одевме по пат по кој што ќе ни текнеше, во моментот. Така, овој пат тргнавме надолу по „пензионерската патека“.

Во еден момент, штотуку испиениот чај посака да излезе од мене и јас скршнав од патот, малку надолу, накај шумата. Се враќам и гледам дека Чупона е во друштво на некој висок човек со очила и карактеристичен глас, нешто како полуфалсет. Реков „добар ден“, ама човекот ми пружа рака. Имав на располагање неколку милисекунди, пред да решам како да реагирам:

– Простете, штотуку бев на мочање, па… мислам, не би било згодно да се ракуваме – излезе од мене спонтано, она што фактички беше причината.

Човекот искрено се изнасмеа, Чупона ни ги изговори презимињата и… двајцата бевме по малку затечени.

– Марјановиќ – прашувам, – оној Марјановиќ што се јавува во „Нова Македонија“ со свои текстови (во тоа време терминот колумни беше невообичаен)?

– Е, даааа, токму тој! – одговори човекот и продолжи – А вие, да не сте случајно…

– Јас сум синот на Вашата професорка по латински од гимназија! 

Ни беше драго на двајцата и, тој момент, решив дека треба да преземам мерки да се гледаме почесто (по неколку месеци картите убаво се наместија и јас се зачленив во ЛзД).

***

На патот надолу, Чупона наеднаш се јави (секогаш говореше убав битољски):

– А добро, Владимире… Не ти беше малу незгодно така да му речиш на Марјановиќ?

Чупона беше, инаку, еден од најнеформалните луѓе со кои сум се дружел. Инсистираше да не му се обраќаме со професоре. Тој, секако, нè ословуваше по име. Јас му се обраќав со „мајсторе“. Го персирав, оти не одеше инаку. 24 години постар од мене, тој академик, јас асистент – би било претерано да го викам Ѓоко, како другарите од неговата генерација. Како и да е, ме изненади со прашањето.

– Како да му речам? Дека сум бил на мочање? Да… Можеби малку, ама ќе ми беше понезгодно да му ја тутнам раката, како ништо да не било. Дури, мислам, и ептен неубаво би било тоа, ако се повикаме на аксиомата за транзитивност! – му дадов добар математички пример зошто не смееш да се ракуваш, ако претходно си го држел … (Словопоучение: една релација е релација на транзитивност ако од А # B и B # C следува дека и А # C; знакот # треба да се прочита „е во релација со“)

Чупона се почеша малку по глава, па рече:

– Да де, неубо е… Ама јас, ето… Не знам како би постапил. Ма што не знам, ќе се ракував и готово! Туку, ево… Да научам и јас нешто од хемичарите! Како треби да се речи…

Се насмеавме и двајцата. По многу години ми се пофали дека „не се ракувал со некого“, во слична ситуација, на Водно, секако! Море, шо даскал сум бил…

***

Од друга страна, Ѓорѓи (Марјановиќ) стекнал претстава за мене како за исклучително искрен човек! Јас ноторен лажго не сум, де, ама баш од овој пример да се заклучи? Што знам…


Сте биле сведок на интересна случка?

Доколку лично сте присуствувале на некој интересен настан и сакате да го споделите со јавноста, ве молиме контактирајте нè на contact@fgm.org.mk или 076 406 996.