16.09.1998
За разлика од Македонија, што се обидува да личи на Европа, па не дозволува лепење изборни плакати надвор од определените места, во Грција не само што секој ги лепи кај што ќе втаса, туку и драска со спреј кај што сака и што сака. Така, пред последново доаѓање на ПАСОК на власт, во Солун, кај и да мрднев, налетував на зборот “алаги”, испишан со црвен спреј. Алаги, па алаги, во мал милион варијанти! Откако не ми успеа, во зависност од контекстот, да го откријам значењето на тој популарен збор, прашав и конечно дознав дека “алаги” значи “промена”. Демек, исто како кај нас деновиве!
“За промени” е мотото на коалицијата во која учествува и Лигата за демократија, па јас би морал и самиот до изнемоштеност да го повторувам овој лозунг, навивајќи за својата страна. Па сепак, иако и самиот сум за промени (на подобро, се разбира!), иако и самиот навивам и ќе гласам за промени, ќе речам, колку и да не им се допаѓа тоа на моите актуелни партиски сојузници (и на оние што самите си ги одбравме и на оние со кои тие отпосле нѐ замешаа), дека по малу се сомневам во горливата желба и подготвеноста на нашиот народ за коренити промени.
Да не рече некој дека давам “паушални изјави” ќе наведам само неколку примери за нашиот (би рекол: веќе пословичен) конзервативизам! Пред некој ден сакав нешто да купам на пазар. Го видов тоа што ми требаше и (за чудо) прашав: “Колку?” Одговорот беше пет или десет милијарди! “Немам толку пари!”, промрморев налутено и му свртев грб на продавачот. Тој залудо викаше по мене сега кажувајќи ми ја цената во денари.
Она што мене посебно ме нервира во овој (инаку секојдневен) пример е фактот дека старите за нови динари беа заменети уште таму некаде во далечната 1965 година, ако не се лажам. (Децата родени во таа година му се речиси врсници на нашиот премиер.) Во меѓувреме се распадна и државата што ги беше сменила тие динари, Македонија стана суверена држава и доби сопствена валута со поинакво име, а народот во неа сеедно си смета ли смета, само и единствено – во милијарди, небаре се уште плаќа со динарите на СФРЈ. И сега некој ќе ми рече дека тој ист народ плачел за промени. Ајде, ви се молам! Да виду, па не верују!
Или еден пример во врска со јазичната практика на нашите електронски медиуми! Дали некогаш сте чуле (ако разбирате англиски) некој да каже “the mister Clinton“ или (на француски) “le monsieur Shirac” или пак (на германски) “der Негг Kohl. (Ги наведувам само јазиците во кои постои член како и во македонскиот.) Никогаш! Просто затоа што означувајќи го некого со името или презимето вие сведочите дека знаете кој е тој, па нема потреба од член. “Господин” во членувана форма може (и смее) да се употреби само кога се зборува за безимен џентлмен, што сме го виделе и го споменуваме (“Господинот што пред малу, влезе во бифето…”, “Госпоѓата во црно…”, “Госпоѓицата со очила…”).
Нашите инаку редовно добро образовани новинари (што најчесто зборуваат и англиски) би морале ова да го знаат и повеќе од сигурно го знаат: тие никогаш не би рекле “thе mister Clinton”, а сепак редовно пишуваат и велат “господинот Тито Петковски”. Зошто? Поради внатрешниот отпор спрема промени! Тукуречи до вчера, на местото од тоа “господин” стоеше “другар”, а тој збор, пред името и презимето, педесетина години редовно се членуваше. Новото време го исфрли зборот “другар”, го замени со “господин”, но не и членот. А со оглед на тоа што во оваа земја ништо друго суштински не се измени, новинарите сега, по инерција, го членуваат и зборот “господин” пред името и презимето.
Или еден навистина тешко варлив службен пример! Поштенскиот код за Скопје и денес (како и во СФРЈ) е 91000? Ако во нашата некогашна заедничка татковина Србија во сѐ беше “бр. 1” и нејзиниот поштенски код нормално почнуваше со 1 (Војводина 2, Косово 3), Хрватска беше 4 (Далмација 5), Словенија 6, Босна и Херцеговина 7, Црна Гора 8, а Македонија (последна во сѐ) – 9. Сега нема причина да бидеме последни, а зошто и ден-денес се правиме такви веројатно треба да се праша НБ. Поглаварот (кој јавно вети дека Македонската Православна Црква последна ќе го смени постојниот календар!), а тој – не се сомневам – ќе упати на нашата “незаситна желба” за радикални промени. На времето, Лигата за демократија си ја навеа врз себе омразата на многу Велешани предлагајќи на градот да му се врати старото име, поточно – од него да се исфрли атрибутот “Титов”. Во меѓувреме и тоа беше сторено, а до ден-денес регистарските таблички на овој град ги носат фамозните почетни букви “ТВ”. Зошто? Да не повторувам…
Би можел вака да редам до бескрај, а читателите да ми помогнат наведувајќи и други примери. Но, голема фајда од тоа нема! За разлика од тоа, земјава (додека да трепнеш!) неразумно реши да си го смени знамето за да им угоди на Грците. Денес секојдневно изнаоѓаме докази дека шеснаесткракото сонце (што Грците го знаат од 1978 година наваму) врз нашите цркви, па и во плафонските розети од аџиските куќи, го имало барем стотина години наназад. А сонцето сепак набрзина отиде курбан.
За разлика од тоа, земјава никако да си го врати на својот грб лавот (што го убил Херакле, митскиот предок на македонската династија!). Тука се држиме за проверено географски конципираниот реал-социјалистички грб на Народна/Социјалистичка Република Македонија.
За разлика од тоа, земјава преку ноќ се согласи на еден лажноевокативен акроним FYROM. Велам “лажноевокативен” од простата причина што ние некогаш порано не сме биле само “Republic of Macedonia”, туку, како што знаеме, “Реорlе/Ѕосiаliѕt Republic оf Маcedonia”, па и акронимот мораше да гласи FY(Р)ЅRОМ. Само, кој да ти се грижи за тоа освен некои откачени елитисти од Лигата за демократија?
Ете тоа се, главно, причините што не верувам многу во жешката волја на македонскиот народ за темелни, коренити промени. Се вели дека познатото зло е помалу страшно од непознатото. А нашите режимски гласила во тоа народот упорно го убедуваат (органот на ССРНМ пред другите, повикувајќи се на странски војничко-државнички изјави, што бесрамно зачестија во последно време).
Но, промени треба да има и (со Божја помош!) секако ќе има. Можеби не онакви какви што посакуваат највжештените глави. Но, ќе ги има. За доброто на народот, за доброто на неговата револуционерна организација, за доброто на другите кое опозициони кое ѓоа-опозициони партии, но и за доброто на нашите политички душмани од власта: ако е точно она што сѐ почесто и сѐ погласно го слушам (и од време на време го читам во некои – по сопствено признание – македонски гласила на внатрешниот, а богами и на надворешниот непријател), само загубата на изборите може да му го спаси здравјето на нашиот млад премиер, загрозено од претераното пиење овошни сокови. Како човек што може да му биде татко, меѓу власт и добро здравје (и долг живот), на г. Црвенковски му го пожелувам последново. Власт (со Божја помош) може пак да спечали, здравје (и долг живот) – никогаш веќе! И – срам да му е на тој што не верува дека ова го велам најискрено и од сѐ срце! Што се однесува до нас (да не речам кои!) – и само победата на г. Александар Тортевски над неговиот противкандидат (и поранешен обожавател на Лигата за демократија) г. Нано Ружин би било значајна промена на арно!
###
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ не се продаваат на „традиционален“ начин туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од нашите стратешки определби.
Инструкции за нарачување
За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај во горниот десен агол и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ а ние книгите заедно со автограмот од авторот ќе ги доставиме на Вашата домашна адреса. При нарачката, во полето Белешка за нарачката, задолжително наведете „Колумни“.
Забелешка: Можете да донирате износ по ваш избор но не помал од 1500 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, ве молиме контактирајте нé претходно.