За професорот Марјановиќ
Напишано од проф. д-р Димитар Гелев, редовен професор на правниот факултет Јустинијан Први во Скопје
Прилично ми е тешко да кажам што било за професорот Ѓорѓи Марјановиќ, затоа што реално не сум бил некој лик што другарувал со него или бил во неговиот круг на секојдневна комуникација. Го знам како студент, малку како сосед и многу малку од Правниот факултет. Ние сме биле во сосема различни правни области, што немале многу простор за комуникација.
Најмногу го паметам од студентските денови. Професорот беше човек чии предавања секогаш побудуваа особен интерес. Амфитеатрите во кои тој предаваше секогаш беа полни, тој имаше способност и најдосадната лекција од кривично право да ја направи интересна и имаше невиден интелект што беше неспорен. Јас сум бил студент во едно интересно време, кога за прв пат во тогашниот “најдобар од сите светови“, почнаа да се раѓаат идеи што беа различни од комунистичката ортодоксија. Професорот Марјановиќ секако беше еден од предводниците на тие нови идеи за тоа време, зборуваше директно и во незавиена форма и можеби меојата генерација студенти и оние што беа неколку години пред и по мене најмногу научија токму од него. Затоа што тој зборуваше на јазик што нас ни беше разбирлив и за теми што и нас не интересираа. Во тоа време, тој меѓу првите зборуваше за повеќепартискиот систем, за приговорот на совеста, за вербалниот деликт и за разни други теми од кои поголемиот дел беа врзани со кривичното право. Сите ние со особено задоволство одевме на неговите предавања и тие предавања имаа одек меѓу нас.
Во тоа време, иако постоеја медиуми (весници, радио и телевизија) и лица што се викаат новинари, сепак немаше авторски текстови. Сите тие медиуми беа преполни со различни соопштенија на различните општествено-политички и општествени организации и заедници. Речиси и да немаше “авторски текст“ (што и ден денес има последици по “развојот на новинарството во земјата“). На професоорт Марјановиќ сум му особено благодарен што на предавањата ни укажа на тоа каде можеме да сретнеме “авторски текстови“. Во тоа време, особено почнаа да стануваат популарни меѓу интелектуалните кругови одредени списанија на друштвата на писателите на Србија и на Југославија (Књижевна реч и Књижевне новине). Во овие весници свои авторски текстови објавувше тогашната интелектуална елита на Југославија. Иако тие не се продаваа во големи тиражи, додека сум жив ќе му бидам благодарен што ни укажа на тие списанија, што на некој начин ја обликуваа и нашата свест за реалноста во земјата. Беше особено задоволство да се читаат текстовите на најинтелегентните луѓе во земјата во тоа време, од различни провиниенции. Во тие весници објавуваше и тој самиот различни текстови.
Неговите политички битки во земјата и различните негови споорови со тогашната политичка гарнитура беа надвор од мојот интерес тогаш и веројатно како студент сум бил и премлад за да разберам нешто од тоа. Меѓутоа, подоцна во периодот 1988-1991 година, животот ме одведе на работа во Белград. Во тоа време “на године расплета“, сите се занимаваа со битките на денот и приватизацијата на се и сешто таму беше во прилично напредна фаза (нешто што кај нас ќе дојде многу години подоцна). Во тоа време, веќе никој не читаше книги и не читаше ништо. Сите архиви на сојузната држава беа во распад и за нив не се грижеше никој. Сите имаа поважна работа. Јас и натаму бев книшки човек и имав среќа да дојдам до архивите на тајните служби на тогашната држава, кои беа оставени на чување на “стажанти“ што беа и од мене помлади десетина години. Меѓу тие хартии, ги најдов и оние што се однесуваа на нашиот факултет, за разни “случаи“ низ децениите пред тоа. Читајќи ги тие материјали, ме фасцинираше фактот што она што тие служби сакале да го постигнат немаше апсолутно никаква врска со тоа што ние го знаевме за “случаите“, ниту пак со реалните наставни кај нас. Реалните настани биле обликувани со обични човечки страсти, суети, борба за некоја “власт“ (што им била смешна дури и на службите) и со обична човечка глупост. Исто така ме фасцинираше фактот што сите реални учсници имаа целосно погрешна претстава за тоа кој им бил пријател, а кој непријател, кој ги напаѓал, а кој ги бранел. Но јас сум решил за тоа да не зборувам на никого и така и ќе остане. Денес сите тие луѓе или најголемиот дел од нив се веќе мртви и навистина е сеедно што било “вистина“. Но сето тоа ми даде една друга визура за настаните во земјата во тоа време, што јас сум бил и премлад да ги разберам тогаш кога се случувале.
Кога се вратив во Скопје на факултетот со професорот Марјановиќ речиси и да немав никаква комуникација. Бевме на различни катедри, предавањата ни беа во различни времиња, јас се трудев да ја надополнам мојата асистентска плата, како знам и умеам, и скоро и не сум го сретнал до неговото пензионирање. Како некој кој ја видел политиката на сојузната држава од блиску, веќе немав никакви илузии за неа и реално не сум ги следел со некоја особена посветеност ни домашните политички збиднувања. Знам дека професорот Марјановиќ формираше партија и објавуваше колумни, но искрено не сум следел ништо од тоа. Некако животното искуство ме научи да стојам цврсто на земја, без никакви идеали. Повеќе немав апсолутно никаква желба “да го сменам светот“.
Но професоорт Марјановиќ беше и мој сосед. Со денови го гледав како упорно пешачи по улицата, обидувајќи се да ја задржи кондицијата и да ги намали последиците од болеста. Тоа што мене ме фасцинираше беше неговата сопруга Мира, која тивко и без збор ги прегрме сите животни неприлики на семејството и до последен ден остана да се грижи за него. Никогаш од глава нема да ми излезе сликата на професоорт кој заедно со сопругата пешачи секој ден, Понекогаш мислам дека без сопругата ни тој немало да биде тоа што бил. Мене ми се чинеше дека таа била тивкиот столб на тоа семејство.
Како и да било, иако реално не можам многу да помогнам во сеќавањата за професорот Марјановиќ, сепак можам да посведочам дека стануваше збор за извонреден интелектуалец, со свои цврсти ставови, што на блиските до мене генерации ни ја всади љубовта кон правото и на чии предавања редовно одевме. До крај на животот ќе му бидам благодарен што не насочи што да читаме и што вреди да се чита. Тоа е најдоброто нешто што човек може да го добие од професор. Секако барем мене, професорот Марјановиќ ќе ми остане во прекрасно сеќавање.