11.09.1999
Народе! Во демократска, плуралистичка Македонија, на чело со нејзината победоносна ВМРО-ДПМНЕ, се случуваат вистински чуда (денес би рекле: промени)! Ете, дури и јас доживеав чест да промовирам една книга! За да има претстава читателот за дострелот на оваа планетарна промена, ќе напоменам дека во поранешната (пропадната!) транзиција (преодниот период од капитализам во комунизам, што ние од милост си го викавме “социјализам”) ниеднаш никој не ме беше понудил да проговорам за некоја нова книга, дури ни да се работеше за практикум по предвојничка обука.
Никако не ми беше јасно зошто луѓето толку внимателно ме одбегнуваа, зашто бев (и сѐ уште сум) голем љубител на книгата, читам многу, преведувам по малу и од германски и од француски, а не многу и од англиски, самиот напишав и објавив неколку книги (иако не доживеав некој да ми приреди промоција). Кој знае, можеби на луѓето им беше страв да не речам за промовираните книги, меѓу другото, и нешто што навистина го мислам, а не е за кажување. А и тоа понекогаш, во врска со некои други работи, ми се случувало!
Г. Љубиша Георгиевски очигледно не се плашеше од она што можев да го кажам и љубезно ме покани да зборувам за неговата книга “Претседателски кандидат” во Штип. Една вечер, нешто пред полноќ, му седнав (поточно: му легнав, зашто така ми е поудобно читањето, си ја пуштив “Музиката на вода” од стариот добар Хендел) и фатив да читам. Читав цела ноќ и некаде околу осум часот изутрина бев готов со лектирата, па можев да појдам и да поспијам троа.
Пофалба за една книга е веќе и самото тоа што човек ќе се фати за неа и не ја испушта од рака додека не дојде до нејзиниот крај, па макар ја загубил целата Божја ноќ. Премален од непроспиената ноќ, додека жена ми тргнуваше на работа (а јас на спиење), имав уште само толку сила да ѝ речам: “Не е важно за кого ќе решиш да гласаш, ама оваа книга мора да ја прочиташ: ќе ти биде мило што волку умна книга напишал еден нашинец!”.
Мене лично, книгата на Љубиша ми беше привлечна и поради нешто друго: колку што повеќе се задлабочував во неа, толку повеќе се загледував во себе: таа (и без негова желба, и без негова намера, без каква и да е негова помисла) зборуваше за мене (токму така!), за моите политички идеи, за идеите што ги застапував преку Лигата за демократија. Така и мораше да случи, на промоцијата во Штип да направам импровизирана паралела помеѓу идеите на авторот и програмските определби на Лигата за демократија. Притоа, не знам што ми правеше поголемо задоволство: фактот што како нас мисли еден Љубиша Георгиевски, европски ерудит од голем маштаб, или што ние во своите програмски определби сме запишале идеи на кои тој ќе дојде без воопшто да знае за нашите.
Така, ако мотото на Лигата за демократија на првите слободни избори во Македонија беше (и останува) “Македонија ” пристојно место за живеење!”, амбицијата на нашиот тогашен (и, ева!, веќе не и сегашен) претседателскиот кандидат Љубиша Георгиевски била исто така земјава да се стори пристојно место за живот (стр. 18)! Ако ние, не еднаш, повикувавме на национално помирување на Македонците (се разбира, не замислувајќи си го како Димитар Димитров & комп. да сме признаеле оти сме Бугари по род, исто како што неговите роднини во Приморска Македонија мораа(т) да признаат дека се Грци по род ако сакаат да имаат пристојна живеачка), таа идеја читателот ќе ја сретне во идентичен вид и кај Љубиша Георгиевски (стр. 17).
Не минаа ни три месеци откако фативме да ја правиме Лигата за демократија, а некој (да не речам кој!) ни ја залепи етикетата за елитизам, алудирајќи на тоа што во првата македонска слободно формирана (опозициона) партија влегоа главно претставници на македонската интелигенција, луѓе со дарба, со професија, со обезбедена живеачка, со работни навики, накусо – со сите нишани на асолни луѓе. Инаку, за оние што не знаат, зборот “елитизам” за време на комунизмот имаше призвук на пцост: на екс-комунистите (заљубеници во принципот на урамниловка) ништо не им беше поодвратно од елитизам. Затоа своите најверни кадри ги бараа и ги наоѓаа меѓу медиокритетите! Полоша од елитизам беше само “граѓанската десница”! Ние во Лигата за демократија не бевме заинтересирани за бездарници, ниту за лумпенпролетери, за лишки и лижисаани и тоа отворено го кажувавме. Книшки верувавме дека е најдобра онаа партија што има многу симпатизери, а малу активисти. Лигата за демократија никогаш не се бореше за бројно членство (во моментот кога беше најмногубројна, таа, верувале или не, имаше рамно 1.537 членови!). Сите беа компјутерски регистрирани, никој не плаќаше членарина, а редовно (и бесплатно) го добиваше ДЕМОКРАТСКИ ФОРУМ.
Арно ама, во “матна и крвава Македонија”, како во комунизмот, така и во плурализмот, ништо не ти било според полит(ик)олошките учебници: бездарниците, безразботниците, безделниците, здружени со сомнителни типови со пери-носи животна философија (луѓе што беа највисоки државни, економски, културни и секакви други комесари во комунизмот, а такви се и денес во коалицијата за промени) направија голем, цврст сојуз што сигурно победува на изборите, потврдувајќи ја на дело луцидната констатација на Љубиша Георгиевски: “Од сите заговори и од сите пактови на овој свет најцврсти се оние на “бездарниците” (стр. 19).
Кога прочитав како на едно место вели дека го интересира иднината, а не минатото, се сетив на она што и самиот го зборував на Основачкото собрание на Лигата за демократија, повикувајќи ги нашите членови да гледаат напред, а не назад. Особено, да не си ги трошат силите (пре)испитувајќи ги гревовите на ѓоа-комунистите во изминатите 45 години. Ние имаме своја програма, таа сета е свртена кон иднината, само со неа може од Македонија да направиме “пристојно место за живеење”, затоа, да им го оставиме минатото на оние што професионално се повикани да се занимаваат со него: на историчарите!
И така, колку повеќе зборував за убавите идеи на книгата на Љубиша Георгиевски, толку повеќе се исчудував над еден факт: од какви тутурутки е сочинет тој славен ВМРО-ДПБНЕ кога можел да се откаже од ваков еден човек, што, згора на тоа, на минатите, бескрајно валкани избори, успеа да собере ни повеќе ни помалу туку 204.000 признаени и 135.000 признаени како негови, но “неважечки” гласови.
Едно време сакав јавно да кажам: некој овде навистина е луд. Или ВМРО што се откажува од вака значаен човек, или Љубиша Георгиевски, што сѐ уште се декларира како негов член. Трето нема! Но, не го реков, не се сомневам дека еден ден или друг Љубиша Георгиевски ќе ни се врати во Лигата за демократија, каде што припаѓаше пред да појде да го засили “националното”.
Инаку, и на Љубиша му реков (уште пред да се откаже од трката за кандидатура) и тука ќе го повторам: би било чиста перверзија народ каков што е македонскиот да добие претседател каков што е тој: би бил добар за Чешка, за Финска, можеби и за Словенија, но за Македонија – никако! Овој народ (ќе) си има власт каква што заслужува! И од тоа нема спас!
###
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ не се продаваат на „традиционален“ начин туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од нашите стратешки определби.
Инструкции за нарачување
За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај во горниот десен агол и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ а ние книгите заедно со автограмот од авторот ќе ги доставиме на Вашата домашна адреса. При нарачката, во полето Белешка за нарачката, задолжително наведете „Колумни“.
Забелешка: Можете да донирате износ по ваш избор но не помал од 1500 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, ве молиме контактирајте нé претходно.