Проф. д-р Ѓорги Марјановиќ – македонски дисидент

Напишано од Ставре Џиков, поранешен јавен обвинител

Повод да напишам сеќавање за проф. д-р Ѓорги Марјановиќ беше средбата со поранешните колеги судии Бранко Секулоски и Владимир Панчевски. Таа се случи во четврток, 7 август 2025 година, во ресторанот „Форца“ во Скопје. Во таа прилика, колегата Секулоски ми ја подари со посвета книгата „Разговори со професорот Марјановиќ“, издание на Фондацијата „Ѓорги Марјановиќ“, Скопје, 2024 година.

Сеќавањето го започнувам од студентските денови на Правниот факултет, далечните седумдесетти години од минатиот, 20 век. Од професорите кои „науч“ во правото, најсилен впечаток ми оставија проф. д-р Иво Пухан, професор по Римско право, и проф. д-р Ѓорги Марјановиќ, професор по Кривично право. На неговите предавања, покрај лекциите од неговата книга „Кривично право“, секогаш ќе ни раскажеше по некој пример од судската пракса или пак по некој „виц“ од научната мисла. Културен, достоинствен професор со „свое јас“.

И двајцата бевме членови на Сојузот на комунисти на Македонија (СКМ), во партиската организација на факултетот. Партиските состаноци се водеа по нарачка на партиско-државниот врв – тоа беше време на социјализмот/комунизмот. Би споменал дека на политички нишан беа ставени проф. д-р Славко Милосавлевски, проф. д-р Томислав Чокревски, проф. д-р Ѓорги Марјановиќ и други.

На еден од состаноците, попладне, по завршувањето, ми пријде проф. Марјановиќ и ме праша дали одам дома. Му одговорив дека одам во Чаир. Со автомобилот, ми рече, ќе направи круг низ Чаир, па ќе си оди во Сингелиќ, каде што живееше во барака. При возењето, во разговор, му раскажав дека моите родители се инвалиди и потекнуваат од Егејска Македонија. Татко ми беше тежок воен инвалид, поранешен македонски офицер во Демократската армија на Грција (ДАГ), каде што се водеа најкрвавите битки. Професорот, пак, ми раскажа дека бил сирак – син на загинат партизан. Од тогаш започна нашето пријателство.

По завршувањето на факултетот, ја завршив Пешадиската школа за резервни офицери во Битола, 1979 година. Немав работа, конкурирав на повеќе места. За да не губам време, се запишав на Институтот за политички, правни и социолошки науки во Скопје. Во тоа време случајно се сретнав со професорот Марјановиќ. Ми рече: „Не губи време со постдипломските студии, не се многу вредни – гледај да најдеш работа.“ За среќа, во септември 1980 година се вработив во Секретаријатот (министерство) за правда. Постдипломските студии не ги продолжив.

Во Секретаријатот, меѓу другото, бев секретар на Комисијата за полагање на испитот за судии за прекршоци, а потоа и секретар на Комисијата за полагање на правосудниот испит. Испитот беше составен од писмен и усмен дел: писмениот дел кандидатите го полагаа на Правниот факултет, а усниот во судница на Окружниот суд во Скопје.

Јунската сесија 1984 година добро ја паметам. Кога се полагаше писмениот испит, пред амфитеатарот на факултетот се сретнав со мојот колега З…, со кој кратко време бевме во исто друштво за време на студиите. Го прашав што бара на факултетот. Тој ми одговори дека е вработен во Министерството за внатрешни работи и е задолжен да го следи професорот Марјановиќ – и тоа за време на неговите предавања и со кого контактира. Следењето, рече, започнало од 1983 година, кога се појави „Случај Марјановиќ“, по повод неговото јавно мислење за укинување на „вербалниот деликт“.

Не можев да се воздржам, па го прашав: „А каква оценка имаш по Кривично право, од проф. Марјановиќ?“ Ми одговори: „Шест.“ Му реков: „Зарем ти дојде тајно и строго доверливо полициски да му пресудиш на нашиот професор заради неговото јавно искажано мислење?“ Побледе – не очекуваше ваков одговор. Тој ден ми беше тешко, сфатив дека властодршците, на чело со СКМ/СКЈ, професорот го сметаат за идеолошки државен непријател. Оттогаш, јас го сметав проф. Марјановиќ за македонски дисидент.

Писателот и новинар Блаже Миневски имаше подолг разговор со мене во неделникот „Фокус“. Таму, меѓу другите, ги спомнав и д-р Орде Ивановски, историчар, проф. д-р Јордан Никодиновски, хирург, проф. д-р Ѓорги Марјановиќ и други. Интервјуто беше објавено на 10 јули 2009 година, под наслов: „Ченто сакал да врати 3000 мигранти од Бугарија, но Колишевски остро се спротивставил!“ Тоа интервју го преобјавив во книгата „Завет за Македонија“, која ја издадов 2015 година.

Кога дојдоа првите парламентарни избори во 1990 година, во Република Македонија учествував како претседател на изборна комисија за изборна единица 120 во Општина Чаир. Тогаш бев судија во Општинскиот суд Скопје 2. Од тоа време раскинав со партијата СКМ и се зареков дека никогаш повеќе нема да бидам член на партија. И денес не сум член на ниту една. Професорот Ѓорги Марјановиќ ја основа партијата Лига за демократија, но, за жал, таа не успеа да заживее во плуралното живеење во Република Македонија.

Во септември 1991 година присуствував на Конференцијата за европска безбедност и соработка (КЕБС/ОБСЕ) во Москва, како претседател на Здружението „Св. Климент Охридски“. Делегацијата беше бројна – составена од Македонци од Македонија, Грција, Бугарија, Албанија, Европа, Австралија, Канада и САД. Македонската делегација го претстави нерешеното македонско прашање пред Комитетот за демократија, човекови права и хуманитарни прашања.

На 15 април 1999 година бев именуван од Собранието на Република Македонија за јавен обвинител на Републиката. Меѓу првите што ми честитаа во кабинетот беше професорот Марјановиќ – голема чест за мене. Потоа ми честитаа и проф. д-р Никола Матовски, проф. д-р Светомир Шкриќ и други. Со задоволство редовно ги читав неговите колумни во дневниот весник „Дневник“, секој четврток. Колумните ме потсетуваа како да ги гледам работите во македонското општество.

Некои наслови што ми останале во сеќавање: „Закрпа“ (13 април 2000 година) и „Утре ќе се чуе“ (20 јули 2000 година). И јас нередовно објавував колумни во „Нова Македонија“ и „Дневник“. Издадов и монографии за обвинителството и адвокатурата.

Во октомври/ноември 2002 година на власт дојде СДСМ. Во парламентот ми го „земаа обвинителскиот скалп“ – ме разрешија без образложение, спротивно на Уставот и законот. Моето место го презеде судијата Александар Прчевски, кој подоцна ќе изјави: „Веројатно јас сум последната будала што прифатила да биде државен обвинител.“

Кариерата ја завршив како адвокат (2003–2019). Последен пат се видов со професорот Марјановиќ во село Стење, Преспа. Беше со сопругата, професорката Мирослава, и нивното внуче.

Драго ми е што овој мемоарски запис му го посветувам на проф. Марјановиќ – интелектуалец, бунтовник со причина, во име на слободата на мислата, слободата на говорот, вистината и правдата.

Ставре Џиков