Search
Close this search box.

Ѓорѓи Марјановиќ

Во дворот на баба ми

Напишано од Ѓорѓи Марјановиќ како вовед во автобиографскиот роман кој никогаш го нема завршено

            Има големи и мали дворови. Но ги има. Јас пораснав на дворот од баба ми Ана. Зошто велам на „дворот“ на баба ми Ана? Просто затоа што за своите седум снаи никогаш не велеше дека ги разбира, туку дека им ја знае „политиката“. Ниедна од нив не беше отворила уста, а тоа да не биде означено како „политика“. Дали се работеше за воспитување на децата или за односи со комшиите, тоа секогаш беше „политика“. Политика ќе беше позначајна доколку се работеше за продор против некого. А и тоа беше често случај.

            Било која од овие „политики“ ние децата никогаш не поднесувавме ништо лошо. Секој од нас не знаеше и за исклучоци од ова. Еднаш, на пример, со баба ми отидов во посета на една од поранешните мои вујни, со која баба ми одвај да одржуваше односи. Таа и вујко ми се беа „оставиле“, во што беше нејзината политика не знам, но знам дека тогаш нејзината „политика “ беше мошне чудна. Кога излеговме од кај неа накај дома, баба ми го одзеде прекрасното големо јаболко, што таа ми го беше дала и му го даде на едно малечко турче, зашто сметаше дека јас не смеам да јадам од тоа јаболко.

            Ете тоа јаболко беше најлошиот спомен за баба ми Ана. Таа врз мене никогаш и не стори ништо лошо Подоцна, едно две години подоцна, сосема случајно, на кумановскиот пазар, што тогаш се одржуваше секој четврток, дознав дека јас сум бил она „посвојче“. Една селанка се беше качила на својата кола, а кошницата ја беше заборавила на земја. И туку, фати да дречи, како малите деца кога нешто ќе погрешат.

            -Туго, туго, јас се качив на кола, а кошницата ја заборавив долу.

            Јас веднаш се понудив да ѝ помогнам: ја зедов кошницата и ѝ ја дадов. Таа, кутрата, не умееше да се заблагодари. Чие си ти дете? Фати да ме прашува. Мојот татко беше загинал пред едно четири години и јас не сакав било кому да му кажувам, кој сум и чиј сум. Така беше и овој пат. Не сакав да ѝ кажам чиј сум. А од каде една селанка не знам каде би можела да знае, чиј сум јас. Реков дека татко ми е загинат, а таа праша какво ми е презимето. Јас кажав, а таа веднаш, ти да не си на Часлав син. Јас потврдив, а таа „како навиена“, фати да раскажува дека јас и не сум бил негово дете, туку дека ме довеле од Србија, дека сум „посвојче“. Јас тоа енергично го отфрлив, а таа, не па не! Ти си бил на нашиот господин учител син. И продолжи со приказната. А јас пак избегав од местото и фатив да си одам дома. Притоа, повеќе трчав одошто одев. Возбудата од случката беше толкава, што морав првин убаво да се изнаплачам, зошто не ми беше сеедно да дознаам дека мојата драга мајка ми е само одгледувачка. Кога убаво се изнатрчав по Куманово, се вратив дома и притоа никој не ја забележа мојата растрепереност.

            Било како било, мојата тајна ја чував сè до денот кога наполнив 18 години и кога, по некаква чудна логика требаше да ми се каже токму овој факт. Моите, од некаде го беа добиле моето оригинално крштелно и сакаа да ми го покажат. Да не излезе дека сум украден или така нешто. Вујко ми Душко, вотоа време беше офицер на ЈНА во Приштина, беше дошол и токму нему му падна улогата да ми ја каже „тајната“. Јас првин гопрочитав крштелното, што дотогаш го сметав за загубено во текот на војната, а потоа воздивнав: мајката се викала Милосава Гостовиќ, родена Лончар. Татко ми се викал Никола Гостовиќ, а јас сум бил седмо дете на моите родители и сум можел да имам убаво среќно детство меѓу толку многу деца. Арно, ама, мајката се растроила по загубата на мажот и кумановски речено „се ш’кнала“ па била цели 6 месеци во некаква душевна болница. Таму, во болницата, еден селски доктор, фатил да ја убедува дека мене треба да ме даде на посвојување. Докторот бил женет и немале деца, а мајката си мислела дека тој ме сака за себе, па сето тоа ѝ се видело мошне фино: ем ќе бидам со неа во селото, ем нема да бидам кој знае колку далеку. Така некако и се согласила да ме даде. Јас до пред некое време го чував малиот оглас од весниците во кој убаво се гледаше дека „Мали Ѓокица тражи родитеље“. Таму беше раскажана и приказната за тоа како сум останал сирак: Мојата ненаситна мајка видела некаков голем имот за продавање, што не бил нивен, па се „заверила“ да го купи. И кога тој имот сопствениците го понудиле на продажба, таа дала некоја илјадарка повеќе и успеала да го купи, иако него го сакало едно друго семејство, кое подоцна во расправија со татко ми го усмртиле. Така, кога конечно ја сретнав мојата родена мајка, таа на жена ми, упорно ѝ повторуваше: гледај мога Ѓокицу, а за паре да не бринеш. Ево, ја сам толико желела да обезбедим децу, а својом куповином имања – зарадила сам смрт мужу, а себи, после рата – у социјализму, једну годину затвора као предратна богаташица.

            Многу години подоцна, кога полека но сигурно почнав да ја запознавам мојата природна фамилија, мојата драга сестра Неѓа, ме праша дали моите посвоители беа строги спрема мене. Морав да ѝ признаам дека тие никогаш не применија никаква присила спрема мене. Единствено новиот маж на мојата мајка према мене беше малу „резок“ кога не сакав да јадам. Тогаш Неѓа ми рече: „и добро е што си морал да отидеш од нас! Да беше со нас, досега ќе се беше скарал со половината од семејството и би бил сам (и покрај нас!). Било како било, да не одам премногу напред, раскажувајќи ја приказната преку ред.

            Важно, крштеницата ја прочитав „на издах“. Ми беше многу интересно да дознам како некогаш сум се викал „Гостовиќ“. А во една службена белешка од крштеницата стоеше дека во иднина ќе се викам „Марјановиќ“ спрема посвоителот.

            Мојот посвоител, за жал, не сум го запомнал долго. Ако воопшто и сум го запомнал. Тој загинал кога јас сум имал неполни 3 години и јас се сеќавам на него единствено од приказните на мајка ми. Тие секогаш со задоволство ги слушав. Тој бил учител во едно кумановско село (Довезенце). Слушав по малу и за неговото семејство. Стариот Марјановиќ бил селски поп, а неговата мајка била родена монархиња (не е ниту чудо што и јас, нејзиниот внук, сум монархист. Нејзината приказна беше многу уверлива: зборуваше дека (а била учителка) српските кралеви (Караџорџевиќи и Обреновиќи) потекнувале од селските кнезови, а и Марјановиќи во тоа време биле селски кнезови. Можеби малу xxxx не успеале да се фатат до престолот! Било како било, јас уште и денес кажувам дека Македонецот никогаш и никој не го прашал: дали сака Македонија да биде република или монархија.