Пишува: Проф. Др. Љупчо Арнаудовски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во пензија
Јас потекнувам од старо охридско семејство. Нашата куќа е на самото езеро, со убаво уреден двор. Јас велам: “Од пенџера во езеро“. Кога Охрид немаше свој водовод како деца со моите браќа сабајле се миевме во езеро. На горниот спрат од куќата има балкон од кој се фрла поглед на целото езеро. И ние и нашите гости уживаат да седат на балконот. Погледот навистина е прекрасен. На него се чувствува и мирисот на езерото.
Мајка ми Аспанија, долговечна жена, целиот свој живот го помина во оваа куќа, таму и почина. Еднаш кога со Ѓоргија бевме во Охрид, јас го однесов дома, да види каде сум израснал. Мајка ми беше дома и ја запознав со него. Мајка ми го покани внатре и го изведе на балконот. Уште од првиот момент Ѓорги ѝ остави силен впечаток со својата милозливост, отвореност и таа го прифати. На балконот таа го почести со слатко од бели охридски цреши и ладна вода. Потоа ни направи кафе и кафето го испивме на балконот. Овој амбиент на Ѓорѓија толку му се бендиса, што си замина воодушевен. Тоа беше причина Ѓорѓи секогаш по тоа кога ќе оди во Охрид да ја посетува мајка ми и да го доживее истото: топол пречек од мајка ми, слатко, вода и кафе на балконот и пријатен муабет со неа.
Мајка ми беше разговорлива жена која одлично го познаваше Охрид и животот во него и успеваше да го задоволи интересот на Ѓорѓи, инаку и самиот разговорлив и полно со внимание кон постарите луѓе. Посетите на Ѓорѓи беа убав настан и за мајка ми и таа за тоа со задоволство ми раскажуваше.
Уште нешто.
Со Ѓорѓи Марјановиќ не бевме само колеги – професори на факултет, туку нешто повеќе од тоа.
Кога се подготвував за пензија, Ѓорѓи покрена иницијатива и организираше да ми се издаде зборник посветен на мене, со трудови на колегите. Зборникот се издаде и објави како прв зборник посветен на професор од факултетот. Со тоа Ѓорѓи Марјановиќ востанови пракса на сите професори од правниот факултет при нивното заминување во пензија да им се издаде зборник, посветен на нив. Кога Ѓорѓи отиде во пензија, јас организирав, во својство на главен уредник, да се издаде зборник посветен нему, а по издавањето и го промовирав.
Кога ќе го прочитате овој текст се надевам дека ќе го разберете мојот однос со овој човек кој се вика Ѓорѓи Марјановиќ – големина од човек, професор и твоерец во својата научна област и воопшто – човек со углед и почит од сите кои имале работа со него.
Сте биле сведок на интересна случка?
Доколку лично сте присуствувале на некој интересен настан и сакате да го споделите со јавноста, ве молиме контактирајте нè на contact@fgm.org.mk или 076 406 996.