Промотивно слово
Напишано од проф. д-р Љупчо Арнаудовски, професор на Правниот факултет ..Јустинијан Први“ – Скопје како воведен текст во Зборникот на Правниот факултет, посветен на проф. д-р Ѓорѓи Марјановиќ
Проф. д-р Ѓорѓи Марјановиќ, професор по кривично право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, роден непосредно пред Втората светска војна (мај, 1939) како дете ќе ги почувствува и ќе ги преживее сите тешки последици што со себе ги донесе една војна како што беше Втората светска војна. Но, тој дел од животниот пат на проф. д-р Марјановиќ оставил траги во неговиот живот и непосредно влијание во неговото формирање како личност и изборот на животниот пат, врз формирањето на неговите погледи и ставови врз животот, во формирањето на личност со јасни цели и со својства и карактеристики што му овозможуваат истите да ги оствари. Животот го донесе во Куманово каде што го оформи своето основно и средно образование. Кумановци го познаваат Ѓорѓи Марјановиќ како ученик кој со односот кон учењето, кон училиштето покажувал извонредно високи резултати, но и како љубител на книгата. Ако некому му бил потребен Ѓорѓи Марјановиќ. секогаш можел да го најде (во слободното време) во библиотеката во Куманово. Не отсуствувал неговиот придонес во развојот и збогатувањето на оваа библиотека со нови книги (изданија). Ова го одреди како човек „љубител на книгата” и не само стручната. туку и уметничката литература.
По матурирањето, исправен пред дилемата кој факултет да го избере и за која животна професија да се определи меѓу медицината и правото, сепак се определи за правните науки и се запиша на студии на Правниот факултет во Скопје. Чувството за правда и правичност како основна детерминанта во односите помеѓу луѓето и човековото живеење и потврдување како човечноста, чувство кое кај него беше силно развиено и од најраното детство преовлада и правните студии ги избра за своја животна професија. На Правниот факултет дипломирал во редовниот рок на студии со висок просечен успех. Тоа го постигнал затоа што тој не учел, туку на факултетот „студирал“ навлегувајќи длабоко во суштината на предметите што ги изучувал и полагал. Професорите кај кои слушал предавања и полагал испити, се сеќаваат (така и го забележале) на неговиот немирен дух и активен однос на предавањата и на вежбите, отворајќи ги дилемите за кои немал одговор. На истите, кога полагал Марјановиќ, колегите доаѓале да го слушаат, затоа што неговите јасни и разговетни одговори давале можност и на испит од него да се научи. За време на студиите, бидејќи бил принуден и да заработува, работел хонорарно како новинар во „Радио – Скопје“ што му помогнало да го развива и да го унапредува својот и инаку јасен стил на пишување.
По дипломирањето на Правниот факултет во 1962 година, веднаш се вработил во својство на приправник во Основниот суд Скопје II. Стапувањето на работа во Основниот суд Скопје II е составен дел на неговиот пристап кон неговото оформување како правник со тежнение да го запознае судскиот систем, методологијата на примената на правото и пристапот кон делењето на правдата. Работата во Основниот суд во Скопје и времето на отслужување на воениот рок е време на негово созревање и конечно одлучување во изборот на неговата животна професија. По отслужувањето на воениот рок е избран за асистент на Правниот факултет во Скопје на предметот кривично право. Определбата за наставно-научна кариера беше поткрепена и со неговиот дух постојано да истражува, да учи и да го пренесува своето знаење на другите.
Својот наставно-научен ангажман го продолжува на постдипломските студии од областа на казненоправните науки на Правниот факултет во Загреб. По одбраната на магистерскиот труд, во 1968 година се стекнува со научниот степен магистер од областа на казнено-правните науки. Докторат пријавил на Правниот факултет во Скопје и го одбранил во 1973 година, со што се стекнал со научниот степен доктор од областа на казнено-правните науки. Во 1974 година е избран за доцент на Правниот факултет во Скопје на предметот казнено право, во 1979 година е избран за вонреден професор, а во 1985 година за редовен професор, звање кое го носи и денес. Во градењето и остварувањето на својата наставно-научна кариера, професор Горѓи Марјановиќ имал сосема нормален, вообичаен развој, напредувајќи од звање во звање од најниското до највисокото звање редовен професор, искачувајќи се по скалилата на наставничката професија. Овој пат професор Марјановиќ го остварувал во согласност со владејачките правила, професионалните и морално-етичките правила што владееле на Правниот факултет и кои биле доследно почитувани. Таквиот пристап на секој наставник избран во наставно и научно звање му даваше посебно значење, вредност и авторитет, почит на факултетот, кај студентите и кај научната и општата јавност. Таквиот однос доследно го следеше професор Марјановиќ, одредувајќи ја неговата популарност кај студентите, но и надвор од факултетот и кај општата јавност. Беше задоволство и чест да се учествува во рецензиона комисија за избор на професор Марјановиќ во повисоко звање, но и чест и почит на оние на кои професор Марјановиќ им беше член во комисија за избор и напредување во повисоко звање. Строг кон себе, кон она што го работи и постигнува, на идентичен начин со иста строгост и одговорност се однесува и кон другите. Универзитетските професори се оценуваат и се вреднуваат според нивните основни активности: предавања и испити. Професор Горѓи Марјановиќ спаѓа во редот на оние професори за чии предавања студентите покажуваа голем интерес не само поради природата на предметот и материјата што ја предаваше, туку и поради начинот на кој тоа го правеше. По правило, на неговите предавања амфитеатрите на факултетот беа полни. Студентите знаеја на која тема ќе се разговара дента кога се држи предавањето, а јасниот и разбирлив стил на излагање, објаснување на материјата, истакнувањето на клучните проблеми, беа основни карактеристики на неговите предавања. Предавањата си имаа своја теоретска основа како начин на одредување на местото на тој институт во кривичното право, но и навлегување во проблемите што во практиката се појавуваат при примената на тој институт. Во своите настапи и предавања, професор Марјановиќ внесуваше шарм што го чинеше интересен и привлечен. На предавањата секогаш беше готов за расправа и дискусија, за дообјаснување на проблемите во врска со прашањата што ќе ги поставуваат студентите. Секогаш навреме ги почнуваше часовите, а потоа инсистираше на ред, дисциплина, внимание кое тој успеваше да го одржи до крајот на часот. Затоа, студентите со интерес доаѓаа на предавањата и со внимание ги следеа излагањата на професорот.
Наспроти својот ангажман на студентите да им пренесе што повеќе знаење, да ги заинтересира за кривичното право, на испитите од нив бараше знаење. На јасно поставените прашања, бараше потполни одговори од кои ќе произлезе дека студентот ја совладал материјата и јасно му е за што се разговара, за што се прашува. При спроведувањето на испитите беше строг, но правичен. Марјановиќ имаше изградени критериуми за нивото на знаење што студентот мора да го поседува за да добие преодна оценка. Но, знаеше истовремено и да го награди знаењето. Тоа доаѓаше до израз преку фактот што кај професор Марјановиќ често се паѓаше на испит и по повеќе пати (дури не се научи и не се совлада испитната материја) до испити пред комисија. Комисиските испити беа ретки кај Марјановиќ и тогаш кога студентите не знаеја, беше коректен и со почитување и на нивното незнаење.
Вредностите што професор Марјановиќ ги вградуваше во вршењето на својата професорска дејност, беа систем на вредности што претставуваа составен дел и на неговиот приватен живот, во минатото и сега. Начелото на законитост во создавањето на правните норми, но и во нивната примена се принцип на кој му придава особено значење и инсистира на неговата доследна примена. Тој е особен противник на повредата на начелото на законитост тогаш кога се работи за непочитување, злоупотреба или повреда на нормите од казненото право. Гаранцијата и остварувањето на правниот статус и положбата на граѓанинот во односите со органите на казнениот прогон е негова основна девиза. Почитувањето на слободите и првата на човекот, владеењето на правото во државата, се цели за кои тој се залага во целиот свој животен век и денес.
Демократ по убедување и по начинот на однесување, постојан борец за демократијата, веројатно е она што го внесе во политиката. Во неговите залагања за доследна примена на казненото право, особено во делот на политичките (идеолошките) деликти во казненото право на СФРЈ, според тоа и во македонското казнено право и во своите предавања пред студентите и на научните собири и во своите научни трудови заземаше критички став кон оние казнени норми со кои се ограничуваше слободата на мислата и слободата на изразувањето во системот што почиваше на т.н. „едноумие“. Позната е неговата борба за исфрлање од Кривичниот законик на СФРЈ на т.н. „вербален деликт“. Своите погледи во врска со кривичното дело „непријателска пропаганда“, како и други појави во општеството кои значеа ограничување на слободите и правата на човекот на политичка и идеолошка основа, идеолошко, партиско, бирократско вршење на истата, ги соопшти во својот реферат поднесен на XXI Советување на Југословенското здружение за кривично право и криминологија одржано во октомври, 1983 година, во Струга. Неговиот реферат предизвика многу остри критики и несогласувања со неговите ставови од страна на државниот и партискиот естаблишмент на самото советување, но и подоцна. Тоа беше и причината да започне партискиот прогон на Марјановиќ кој дотогаш беше член на СКЈ до негово партиско казнување, како и отстранување од факултетот како професор. Колегиумот на Правниот факултет (професорскиот колегиум) застана зад професор Марјановиќ и не дозволи негов натамошен прогон. Од неговата борба за докажување на исправноста на неговите гледишта и ставови настана и неговиот „Стручен труд“, како што самиот вели првата сотија на македонски јазик. Неговата борба за гаранција, заштита и остварување на правата и слободите на човекот продолжува преку објавување на повеќе статии во повеќе стручни списанија, особено во делот на криминалната политика и казнувањето. Неговиот политички ангажман во државата која се наоѓаше во длабоки промени и трансформации на патот кон осамостојување, доби конечен облик во формирањето на политичката партија Лига за демократија чиј претседател беше долги години.
Професионалната и научната кариера на професор Марјановиќ се карактеризира со постојан ангажман во научното подрачје во кое работи. Неговиот ангажман се изразува преку објавувањето на повеќе од 150 научни и стручни трудови во научните и во стручните списанија во земјата и во странство. Во 1978 година го објави својот прв учебник по кривично право општ дел под наслов „Предавања по кривично право“ – општ дел. Овој учебник доживеа три изданија, а веќе во 1988 година излезе од печат неговиот учебник по „Кривично право“ – општ дел. Овој учебник, имав чест да бидам еден од рецензентите, се карактеризира со елементи на научна расправа со автори од оваа научна област со чии стојалишта не се согласува со што на читателот му ги отвора проблемите кај одделните кривичноправни институти. Неговиот учебник доживеа шест изданија и се подготвува седмо во коавторство со проф. д-р Методија Каневчев.
Професор Марјановиќ е полиглот и се служи (говори) со повеќе странски јазици меѓу кои значајно место заземаат: францускиот, германскиот и англискиот јазик. Кај професор Марјановиќ, се е во функција на неговиот творечки дух, така и знаењето на јазиците. Рано, во 1975 година почнува сериозно да се занимава со преведувачка дејност и тоа најнапред со филозофска (марксистичка) литература, а подоцна и со стручна, како и друга литература. Не потценувајќи го значењето на неговите преводи во целина кои претставуваат голем дел од неговиот творечки ангажман (девет преводи меѓу кои најзначајно место заземаат делата на Марсел Пруст), за казнено-правната и криминолошката област значајно место зазема преводот на „Криминологијата“ од Гинтер Кајзер, со што се збогати нашата криминолошка литература. Професор Марјановиќ и самиот се одредува како „германски ученик“ во кривичното право. Тоа им се припишува на четирите студиски престои во „Макс – План Институтот“ во Фрајбург. Меѓутоа, во својата професорска кариера професор Марјановиќ ги пренесуваше своите знаења во странство, на странски факултети и институти, како: Германија, Франција и САД.
Долго се колебав дали да ги напишам и следниве редови. Сепак, се одлучив да ги напишам бидејќи се дел од личноста на Марјановиќ. Човекот Ѓорѓи Марјановиќ е личност со личен и професионален интегритет, чесен спрема себе и спрема другите. Тие негови својства придонесуваат луѓето да му веруваат во она што го кажува и чини, го прават познат и популарен. Ѓорѓи Марјановиќ е дружељубив човек, со широк круг на пријатели и познати. Тој сака да се дружи со луѓето, да биде често во друштво со познати, пријатели, другари и во друштвото да го покаже и своето присуство. Разговетен, интересен во своите искажувања, забавен, секогаш сака да покаже дека е тука, но и да го искаже своето мислење, став, поглед, некогаш и во „секоја манџа пипер“. Тој е популарен и меѓу луѓето од професијата, помеѓу студентите, но и пошироката јавност, бидејќи е јавна личност која често е присутна со своите колумни по весниците и со своите настапи на екраните. Во искажувањето на своите погледи, ставови, мислења, искрен поради што и луѓето сакаат да го слушаат, да бидат во негово друштво, му веруваат. Лесно воспоставува комуникација. Тој е човек што држи до своето достоинство, до својата личност и интегритет, но и чувствителен на некоректен однос кон овие негови својства и карактеристики. Знае да се налути, но како христијанин и да проштава. Не држи лутина, освен во еден случај. Ѓорѓи Марјановиќ е голем љубител на музиката и на ликовната уметност. Посебно е присутен (не пропушта да присуствува) на концертите на филхармонијата (концерти од класична музика), изложби на познатите уметници. Тој е љубител на природата и при секоја можност не пропушта да го посети Водно (до врвот) или да пропешачи покрај Вардар. Тоа е човек од почит.
Промотивното слово за професор д-р Ѓорѓи Марјановиќ, по повод излегувањето на Зборникот што нему му е посветен, ако оваа книга ја сметаме за дело во кое е претставен животниот пат и ангажман како творец, ќе го завршиме со една порака која се смета дека е негова и го изразува него и како човек и како творец: „Моја цел е Македонија да стане место за пристојно живеење“.
Скопје, ноември 2010 година