Доделени сертификати за англиски јазик на децата без родители од домот „11 Октомври“

Скопје, 11 јуни 2025 година — Во просториите на детскиот дом „11 Октомври“ денес беа свечено доделени сертификати за успешно завршен курс по англиски јазик на 15 деца без родители, учесници во проектот „Оспособување на деца без родители преку ИКТ и јазична едукација“, во организација на Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“.

Во рамки на проектот, децата добија персонални компјутери — донација од партнерските компании — и минаа низ осумчасовна обука за безбедно користење компјутер за учење на далечина. Дополнително, им беше овозможен курс по англиски јазик, под водство на искусни наставници. Целта на проектот е да се зголемат дигиталната и јазичната писменост на децата без родители и да им се отворат нови можности за образование и вработување.

Проектот беше реализиран со финансиска поддршка од Sparkasse Bank, како и со несебичната помош на амбасадорите на Фондацијата и компаниите Edusoft, Synergi, Modirum Platforms, Data Masters, Aucta, Taskforce, CCPP TE-TO AD Skopje и Слаѓана Шошкиќ, кои не само што го поддржаа проектот туку и донираа компјутери за децата.

Розетка Влаховиќ, директор на детскиот дом „11 Октомври“, изјави:

„Овој проект е повеќе од обука – тој е инвестиција во иднината на нашите деца. Видлива е нивната зголемена самодоверба и желба за учење. Искрено им благодарам на сите што придонесоа за ова да стане реалност.“

Александар Марјановиќ, извршен директор на Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“, додаде:

„Нашата визија е да им дадеме еднаква шанса на сите деца, без разлика на нивната животна околност. Овој проект е пример како со соработка помеѓу граѓанскиот, приватниот и институционалниот сектор можеме да менуваме животи.“

ПОВИК ДО ЈАВНОСТА

Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ продолжува со напорите за едукација и дигитално оспособување на деца без родители. Ги повикуваме сите општествено одговорни компании, поединци и членови на дијаспората да се вклучат во оваа мисија — преку донација на нови или користени компјутери или финансиска поддршка.

Секој ваш придонес е чекор поблиску до еднакви можности за сите деца.

За повеќе информации и начини на вклучување, посетете ја нашата веб-страница:

👉 https://fgm.org.mk/vkluci-se/ или контактирајте нè директно на contact@fgm.org.mk