05.08.1998
Пред некој ден, спроти Илинден, слатко се изнасмеав на еден виц што раскажува колку многу се израдувал еден пензионер кога дознал дека годинава, во првата недела на август, нема да се работи во понеделник со оглед на тоа што празникот се паѓа во викендот. Универзитетските професори, барем лете, многу личат на пензионерите: имаат бесконечно долги ферии, во кои неделите не се разликуваат многу од работните денови. Особено годинава!
По немилите настани од ланскиот Илинден (истурањето на водата од устата врз облеката на претседателот на Републиката и неговото исвиркување за време на празничниот говор), годинава некој се сетил да го прати првиот човек на државата на сигурно, во некаква караула, каде што со војничката атмосфера, нема теорија да се повтори такво нешто. А за да не му се случи нешто слично на младиот бестрашен борец против октоподи и други гадинки, овојпат (велат!) тоа требало да го оневозможат околу петстотини полицијаци и триесет специјалци. Така, со оглед на тоа што секое изненадување беше исклучено, мора да признам дека самата партиска прослава на Илинден не ме интересираше премногу, па празникот (на овие морничаво високи температури) ми помина главно во друштво на убавата книга “Louis Philippe e Louis XVIII” на Мишел Поњатовски.
Фала му на Бога што принцот Поњатовски навреме се повлече од политиката и им се посвети на историските истражувања, па така и настана ова дело, што во некои аспекти е интереснo и за македонските прилики. Книгата, имено, зборува за тамошната “транзиција” по протерувањето на Наполеон, што Французите, како народ кој сака прецизност, ја нарекуваат “реставрација”. (Патем речено, вака би морало да се нарекува и она што го правиме, односно што би требало да го правиме, во Македонија: реставрација на граѓанското општество, кое т.н. комунисти го разнебитија во периодот од 1945 годнна до денес.) Во некои клучни точки сличноста со Македонија е евидентна: како што Луј XVIII им ја должеше својата (повратена) круна на странците, така и нашата реставрација главно се должи на потребите и заложбите на странците.
Кога новинарите пред некое време распрашуваа еден американски генерал за тоа што ќе бидело со американските војници ако ООН еден ден решат да ја прекинат мисијата на превентивната воена дипломатија, човекот со војничка искреност кратко отсече: “Wе аrе hеге tо ѕtау!” (Дојдовме тука за да останеме!).
Деновиве, во предвечерјето на третите по ред слободни избори во Македонија, еден друг генерал, со исто таква војничка искреност, ни порача дека владата на Бране и компанија (колку ние Македонците и да ја доживуваме како неспособна, несмасна, па дури и арамиска), тие, од другата страна на Големата Бара, ја сметале за “многу сериозна ли, многу важна ли”, Господ ќе го знае како се изрази.
И како што Французите не лудуваа премногу по Бурбоните, вратени со помош на странските бајонети, така ни во Македонија луѓето не се чувствуваат премногу среќни кога американските генерали вака (без срам и перде) си ги искажуваат своите симпатии за превапцаните квази-комунисти. (За ова посебно би требало да се погрижи да информира г. Хил, кој, инаку, во сите свои интервјуа упорно настојува да нѐ убеди дека неговата земја не поддржува никого посебно во Македонија). Но, знаејќи дека американските претседатели, верно, се менуваат на секои четири/осум години, но не и американските генерали, што ќе рече: американската војска плус ЦИА, луѓето овдека повеќе им веруваат на генералите одошто на политичарите.
Сепак постојат и суштествени разлики помеѓу француската реставрација од 1814 и нашата од 1991 година: таму на чело на овој процес беше француската легитимна династија (Бурбоните), кај нас, тоа се престорените, превапцаните квази-комунисти, што (ќе признаете) воопшто не е исто.
Оттаму и можеше да се случи Луј XVIII да донесе декрет со кој се оставаат во сила продажбите на имотите на емигрираното благородништво, што ги направи француската држава по Револуцијата. И, што ми се чини уште поважно, да донесе декрет со кој се признава новата (Наполеоновска) војничка аристократија, што несомнено беше еден вид “национално помирување”, за кое, кај нас, упорно (а безуспешно) војува мојот школски другар и пријател, д-р Димитар Димитров.
Многу е тажно тоа што човек однапред знае дека “национално помирување” кај нас нема и (со оваа власт) не може да има. Дотолку повеќе што душманите на македонскиот народ (на сите четири страни од светот) многу бргу и многу ефикасно направија такво национално помирување.
Во Србија, на пример, актуелната влада ја сочинуваат квази-четници и бивши квази-комунисти. Во Грција може да се вратат сите Грци по род од граѓанската војна (што ќе рече – комунистите, па дури и Македонците, што ќе ѝ се заколнат на верност на Грција, признавајќи ги новите топоними).
Во Албанија за нас злогласниот Бали комбатар е составен дел од тамошниот парламент. Ако имавте одземен имот во Софија (дуќани, станови) вие денес секако го имате повторно во свои раце (или за него добивате закупнина, рента, кирија). Единствено ние Македонците, еден пајтон луѓе, никако да се помириме меѓу себе, иако, според законот, и најтешките кривични дела што заемно си ги правевме во меѓувреме се апсолутно застарени. Но, се разбира, ни тоа национално помирување не може да се случи туку-така.
Предуслов за него би бил: промена на власта, што првин (приоритет над приоритетите!) би ги исправила криминалните неправди на квази-комунистите (обештетувајќи ги и рехабилитирајќи ги жртвите, а не засегајќи во стекнатите права на оние што до нив дошле bona fide). За оваа голема цел Лигата за демократија (наполно безуспешно, ева!) се залага од своето постоење до денес, а нејзините “сензационални успеси” на изборите речовито зборуваат за тоа колку нејзините идеи интимно се прифаќаат во овој безнадежно поделен народ.
Туку здравје, со сила убавина не бидува! Можеби прославата на следниот Илинден ќе биде малу поинаква од овие што веќе педесетина години (по ист урнек) се повторуваат на Мечкин Камен и пошироко. Само, не дај Боже, да се сменат само плукачите!
###
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ не се продаваат на „традиционален“ начин туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од нашите стратешки определби.
Инструкции за нарачување
За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај во горниот десен агол и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ а ние книгите заедно со автограмот од авторот ќе ги доставиме на Вашата домашна адреса. При нарачката, во полето Белешка за нарачката, задолжително наведете „Колумни“.
Забелешка: Можете да донирате износ по ваш избор но не помал од 1500 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, ве молиме контактирајте нé претходно.