„Приказни за добра ноќ“ – проект за поттикнување на љубовта кон книгата кај децата

Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ го претставува проектот „Приказни за добра ноќ“, дел од пошироката иницијатива за поттикнување на љубовта кон книгата и читањето кај најмладите. Овој проект има за цел да го врати читањето во секојдневието на семејствата, преку создавање пријатна и тивка вечерна рутина во која родителите и децата заедно го откриваат светот на приказните.

Проектот се реализира во соработка со Факултетот за драмски уметности – Скопје, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, издавачките куќи (Просветно дело, Арс Ламина, Антолог, ТРИ и Publisher) кои несебично ги отстапија авторските дела, и Радио МОФ кое помогна во реализацијата на аудио-продукцијата.

Во рамките на проектот се создадени две посебни библиотеки на ресурси за родители и наставници. Првата е серијата аудио-визуелни записи „Приказни за добра ноќ“, достапна на YouTube каналот на фондацијата. Секоја приказна е внимателно избрана и интерпретирана од студенти и актери со цел да создаде тивка, топла атмосфера погодна за спиење. Втората е колекција на статии и практични совети за родители и наставници, достапна на веб-страницата на фондацијата, која нуди насоки како децата да развијат позитивен однос кон читањето.

Првата серија на „Приказни за добра ноќ“ беше објавена во мај 2025 година, и наиде на исклучително позитивен прием кај родителите и наставниците. Фондацијата најавува продолжување на проектот и во текот на 2026 година, со нови приказни и материјали кои ќе го поттикнуваат читањето како навика и вредност.

Извршниот директор на фондацијата, г-дин Александар Марјановиќ, истакна дека „во време кога мобилните уреди често се причина за оддалеченост во семејството, целта на овој проект е да покажеме дека технологијата може да се искористи и за поврзување, за заеднички момент на близина и внимание“. Тој додава дека „читањето пред спиење не е само образовна навика, туку и чин на љубов – момент што ги зближува родителите и децата и создава спомени што траат“.

Со „Приказни за добра ноќ“, фондацијата сака да потсети дека читањето не мора секогаш да биде активност со книга во раце – може да биде глас, збор, емоција, нешто што детето го слуша пред да заспие и што му влева мир и сигурност. Родителите се охрабруваат да одвојат неколку минути секоја вечер, да ја затемнат просторијата, да седнат покрај своето дете и заедно да ги слушаат овие кратки, топли приказни.

Посетете ја YouTube плејлистата „Приказни за добра ноќ“ и започнете ја вашата вечерна рутина со зборови што смируваат, инспирираат и зближуваат: