Ѓурѓовден кај Ѓорѓи Марјановиќ: Музика, емоции и нов почеток за 20 дечиња

Скопје, 6 мај 2026 – Во интимна и достоинствена атмосфера, салонот 19:19 беше дом на поддржувачите на ликот и делото на професорот Ѓорѓи Марјановиќ, кои се собраа на хуманитарниот концерт организиран во чест на неговиот роденден, именден и семејна слава.

Настанот, кој се одржа под покровителство на Градоначалникот на Град Скопје го означи возобновувањето на култните „Ѓурѓовденски средби“, овој пат со висок општествен влог. Преку врвни изведби на класична музика, Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ ја потврди својата мисија – трансформација на семејното наследство во трајна општествена вредност.

Уметничка магија во чест на Професорот

Под уметничко раководство на м-р Даница Стојанова, публиката уживаше во изведбите на еминентни уметници како Васил Атанасов, дуото Гелебешеви, Петар Макариевски, Весна Ангелова Христов, Марина Чадо, Тереза Крцоска, Виолета Шуковиќ и нивните талентирани студенти Ада Богоевска, Ана Манчева, Јован Станковиќ и Гала Нановска. Програмата, составена од делата на Шопен, Рахманинов и Смокварски, одекнуваше со истата страст со која Професорот ја сакаше музиката и правдата.

Конкретен импакт: Едукација за 20 деца

Најважната победа на вечерта е остварувањето на хуманитарната цел. Со собраните средства преку системот на донации, Фондацијата целосно ќе ја финансира едногодишната едукација по англиски јазик и ИТ вештини за 20 деца без родители од ЈУ Детски дом „11 Октомври“.

„Овој одзив е доказ дека заедницата ги препознава вистинските вредности. Сингелиќ синоќа се пресели во срцето на Скопје, а духот на татко ми продолжи да живее низ шансата што ја даваме на овие млади луѓе,“ изјави извршниот директор Александар Марјановиќ.

Фондацијата изразува длабока благодарност до сите донатори, поддржувачи и пријатели кои помогнаа оваа визија да стане реалност.