Одржано суперфиналето на Третиот циклус на националниот натпревар во раскажување

Библиотеката на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје вчера беше ехо на убавиот македонски збор. На 12 јуни 2026 година, Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ го заокружи третиот циклус од Националниот натпревар во раскажување прочитани книги, настан кој прерасна во сериозен бастион против поразителните ПИСА резултати и сè поизразениот пад на концентрацијата кај младите.

Овој натпревар, кој е целосно бесплатен и доброволен за сите учесници, годинава обедини ученици од основни училишта ширум Македонија: од Скопје, Штип, Прилеп, Куманово, Крушево, па сè до Босилово и Струмица. Опкружени со трајното научно богатство на факултетската библиотека, децата докажаа дека пишаниот збор сè уште има моќ да разбуди длабока имагинација, богат вокабулар и врвни вештини за јавно изразување.

Стручната жири-комисија имаше исклучително тешка задача да ги одбере најдобрите во силна конкуренција на млади оратори. Комисијата работеше во состав:

  • проф. д-р Гоце Цветановски од Институтот за македонски јазик
  • проф. д-р Јасна Бацовска Недиќ од Правниот факултет „Јустинијан Први“
  • д-р Биљана Рајчинова од Институтот за македонска литература
  • Ангела Кекеновска, претседател на Клубот на оратори

По детално оценување на јазичната прецизност, структурираноста на мислата и реторичката сила, беа прогласени победниците во двете возрасни категории:

Категорија 3–5 одделение:

  1. Дениција Треневска – ООУ „Ѓорѓија Пулевски“, Аеродром, Скопје (вкупна вредност на наградата: 32.250 денари)
  2. Мелани Петрушевска – ООУ „Кирил и Методиј“, с. Романовце, Куманово (вкупна вредност на наградата: 20.800 денари)
  3. Камелија Каракашев – ООУ „Вера Циривири – Трена“, Скопје (вкупна вредност на наградата: 11.450 денари)

Категорија 6–9 одделение:

  1. Марија Талеска – ООУ „Климент Охридски“, Прилеп (вкупна вредност на наградата: 32.250 денари)
  2. Косара Настоска – ООУ „Климент Охридски“, Прилеп (вкупна вредност на наградата: 20.800 денари)
  3. Александра Алексова – ООУ „Димитар Влахов“, Штип (вкупна вредност на наградата: 11.450 денари)

Наградниот фонд за секоја категорија вклучуваше штедни книшки „Верверичка“ од Комерцијална Банка, вредносен ваучер од MY:TIME, вредносни ваучери за ИТ и ораторски обуки од Детската ИТ Академија Еверест, како и наменски ваучери за книги од партнерските издавачки куќи наменети за збогатување на библиотечните фондови на училиштата. За првите места беа доделени ваучери за книги во вредност од 10.250 денари, за вторите 6.800 денари, додека за третите места износот изнесуваше 3.450 денари.

Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ изразува длабока благодарност до сите учесници, наставници, ментори и родители кои препознаа дека јазичната писменост и критичкото размислување се клучот за слободата и долгорочната самостојност на нашите деца. Со затворањето на ова поглавје, автоматски започнуваат подготовките за четвртиот циклус на натпреварот. Борбата за пристојна Македонија се води токму овде — преку знаењето, книгата и развојот на идните генерации.