Search
Close this search box.

Миодраг Лабовиќ

Напишано од Миодраг Лабовиќ, професор на Факултетот за безбедност во Скопје

Спомен за професор д-р Ѓорѓи Марјановиќ

Многу сеќавања и убави спомени сè уште се вртат во мојата меморија и не стивнуваат кога е во прашање големиот и единствен по многу нешта професор д-р Ѓорѓи Марјановиќ. Навистина би можел да пишувам за многу заеднички настани, случувања и анегдоти поврзани со него. Сепак, заради просторот, би издвоил нешто по што тој го заслужува епитетот голем и единствен професор и човек.

1. Меѓу другите фактори кои што придонесоа да се занимавам со мојата денешна професија, еден од најзаслужните е професор д-р Ѓорѓи Марјановиќ. Имено, по мое мислење, ретко кој друг професор ја носеше така достоинствено, смело и одважно титулата универзитетски професор, како што тој го правеше тоа. Начинот на кој размислуваше за возвишените цели и благородните идеи на науката, професијата универзитетски професор за мене стана синоним за нешто свето, нешто највозвишено во овој земски свет, нешто што е немерливо со материјални богатства до кои што неспоредливо многу повеќе може да се стигне преку многу други професии. Неговите мудри размислувања и длабоки поенти, во мене ја запалија искрата на љубовта кон науката. Мојот животен и професионален пат не беше вообичаен. Напротив, отстапуваше многу од стандардите. Така, додека сè уште бев на дното на институционалната пирамида, како професионалец во МВР и немаше речиси никакви надежи дека моето понатамошно образование би ја променило драстично мојата дотогашна кариера, таа искра на љубов кон науката не само што не престана да гори, туку се разбукта до таа мера што бев цврсто решил – дури и да ме стават да бидам хигиеничар, морам да го исполнам заветот што сум го дал пред самиот себе – да станам вистински доктор на науки и еден ден ако даде ГОСПОД, да станам универзитетски професор, без разлика на кој универзитет ќе ме примат. Впрочем, тој во една прилика, кога се советував со него, дали да прифатам да влезам на универзитетот УКЛО – Битола ( со оглед на фактот што ни тој не можеше да помогне да влезам на Правниот факултет, УКИМ-Скопје, каде што заради клиентелистички, кронистички и непотистички причини не можеше ниту да се пријде), тој тогаш ми рече нешто што никогаш нема да го заборавам дури сум жив, па дури и после тоа: „Влези на кој било универзитет каде ќе ти ги отворат вратите. Ако си вистински професор и особено вистински научник, ти ќе станеш универзитетски професор на универзумот, а не само на универзитетот на којшто работиш.“ Неговите зборови тешко е да се разберат, гледајќи од краткорочна „дневна“ преспектива, затоа што науката во денешно време, особено општествените науки, како никогаш порано не била толку комерцијализирана и инструментализирана во функција на долгорочни гео-стратешки и гео-економски интереси во контекст на неолибералната доктрина. Меѓутоа, имајќи го предвид сознанието дека научните идеи се бесмртни, безвременски и надпросторни, а науката не е само еден од облиците на општествената свест, туку примарен фактор на општествениот развој, можеби некому ќе станат појасни овие мудри мисли на мојот професор. Денес, читајќи ги и споредувајќи ги моите научни трудови со најреномираните светски и домашни автори (за добиените меѓународните награди и признанија во оваа пригода нема да зборувам) не е воопшто нереална перспективата дека некои идни непристрасни и компетентни луѓе, научници, ќе знаат многу пообјективно да ја оценуваат научната вредност во моите научни дела, на кои уште тогаш беше, а секако сега би бил и уште повеќе горд мојот учител и професор Ѓорѓи Марјановиќ.

2. На промоцијата на моето научно дело “Власта корумпира“ (2006 година), коешто, всушност, беше изменето и дополнето издание на работната верзија на мојот докторски труд, како рецензент и промотор го поканив професорот Марјановиќ, покрај менторката на мојата докторска дисертација-професор д-р Гордана Силјановска Давкова. Во текот на неговото излагање, професорот Марјановиќ, меѓу другото, истакна дека моето научно дело има примеси и на научна фантастика, нешто што засега не може да се оствари во Македонија, со оглед на квалитетот на политичките сили и односи. Признавам тогаш не го разбрав до крај овој комплимент. Напротив, инсистирав тоа да го објаснам повеќе како научен факт, којшто е реално одржлив и практично спроведлив, но, којшто, сепак, зависи од интелектуалната, морална и духовна доблест на некои идни политичари. Помина долго време од тогаш. Големината на мислите на мојот професор одјекнува правопропорционално со времето што одминува. Како и тој и јас знам дека секоја валидно заснована научна фантастика еден ден се остварува, но, не знам кога ќе биде тоа.

3. Своевремено Ајнштајн изјавил дека интелектуалецот не го прави интелектуалец само неговиот интелект, туку пред сè неговиот карактер. Јас би додал и неговиот морал. Оваа надградена максима на Ајнштајн најдобро е потврдена во примерот на професор д-р Ѓорѓи Марјановиќ. Имено, тој без да го замолам односно без да побарам помош од него на таа тема, лично ургирал кај еден од политичарите, тогашните коалициони партнери во владата на Никола Груевски, да добијам соодветна функција, како би можел практично да дадам придонес за спроведување на моето научно дело. Ова го дознав подоцна, кога во неврзан разговор со тој политичар, самиот ми потврди без да прашам (затоа што не ни знаев дотогаш) дека токму професор д-р Ѓорѓи Марјановиќ ургирал за мене. Тоа ја потврдува неговата големина и како човек со големо срце и висок морал, кој великодушно, несебично, како никој пред тоа и после тоа се заложил за нешто што е апсолутно надвор од неговиот лукративен и себичен интерес.

4. Професорот не се штедеше себе си, несебично помагаше и бесплатно работеше во интерес на науката и струката. Како денес го паметам моментот пред нешто повеќе од 20 години кога бев во постапка пред јавна одбрана на мојот докторски труд. И покрај тоа што веќе неколку пати го беше прочитал докторскиот труд, како член на Комисијата за оценка и одбрана на трудот, тој побара уште еднаш да ја прочита последната лекторирана верзија, којашто излезе од задолжителниот службен лектор при УКИМ. За оние коишто подобро го познаваа професорот, резултатот не беше многу изненадувачки. Имено, тој неформално и бесплатно го лекторираше веќе лекторираниот текст, во којшто текст имаше многу несогласувања со службениот лектор.