23.12.1998
Откако, на времето, некој беше направил гала синемаскоп филм со “осовременета” верзија на “Кармен”, настана вистинска манија на евтино “модернизирање” на оперите со пренесување на нивното дејствие во сегашнината. Така, едно време, по земјотресот, во Скопје “Травијата” од Верди се играше во нашите денови. Да беше претставата како што треба, ова веројатно немаше премногу да ми пречи. Последното “чудо невидено” од ваков вид,на кое присуствував минатата среда, е обновената опера “Боеми” од Ѓакомо Пучини.
Да признаам, на претставата не отидов од љубопитство како операва ја обновил (и подновил) болгарскиот гостин Стојан Стојанов Ганчев, туку за да дадам свој придонес кон добротворната акција за прибирање средства потребни за лекување на тешко заболениот бас Војкан Јовановиќ. Состојбата на Војкан (младо момче од 25-26 години со шаљапиновски длабок, моќен глас, инаку, голема надеж на скопската опера) е драматична! За лекување биле потребни некакви скапи инјекции од странство, а државата пари нема па нема (освен за претседателските кандидати, за македонските Фаусти и за просветителските филмски проекти на министерот за култура). Болниот никако не е во состојба самиот да ги плати тие инјекции, па неколку добронамерни девојчиња од ДНЕВНИК решиле на своја рака да почнат акција да му помогнат на несреќното момче! Претставата беше најавена како “ексклузивна оперска вечер во МНТ”, а изведбата, наводно, ќе ја следеле “високи државни и партиски функционери”. Шуќур! Да ги видиме и во улога на практични добротвори!
Само, ништо од сето тоа! Се виде уште при влегувањето во театарот: “изеде ме змија” (би рекле Кумановци) кога видов сурија тинејџери и цени на билети пониски од оние по скопските кина (по 150 денари!). Внатре, прекрасна глетка: салонот на МНТ полн со “џагураана”, што секако би била благодарна публика за “Златното славејче”, но никако не и за “една од тешките опери”, каква што е “Боеми”. Од “високите државни и партиски функционери” ни трага (освен ако некој видовит човек не можел да ги препознае меѓу вревливите скопски средношколци: еден ден барем некој од нив секако ќе биде висок државен и партиски раководител).
Кревањето на завесата и појавата на диригентот беа дочекани со урнебесна веселба, ракоплескање и врескање. На децата очигледно никој не им кажал што е тоа опера и какво треба да биде нивното однесување во неа (грижа на министерот за образование е да најде оџи и попови што ќе ги благословуваат учениците; догодина, со Божја помош, ќе фати и да ги вероподучува; а за нивното воспитание – нека му ја мислат родителите!). Ние (во осми ред!) не можевме да чуеме речиси ништо од она што се пееше на сцената. Кутриот Родолфо мораше да ја прекине претставата, та да фати буквално да ги моли учениците (и нивните учители, што никаде ги немаше) да разберат оти се работи за претстава со посебна цел, што ја играат во корист на свој тешко болен колега, оптоварени со мислата за неговата зла судба. Младиот човек ги преколнуваше децата да им допуштат на пејачите чесно да го довршат започнатото. Овој драматичен апел даде плод: верно, не настапи мртва тишина, ама барем стивнаа навивачките страсти. На првата пауза младината (нашата иднина!), се разбега на сите страни, па, до крајот на претставата имавме горе-долу вообичаена оперска атмосфера.
Инаку, сѐ ми се чини дека народ, каков што е македонскиот, кој во “србо-комунистичка СФРЈ” (да се послужам со новоговорот на благонадежните ни денешни управители), ги собираше сите позначајни сојузни театарски награди (за режија, драматургија итн. итн.), паднал на мошне ниски театарски гранки, кога мора да увезува режисери и сценографи од калибарот на овој што ја обновувал “Боеми”. За љубопитните, кои, евентуално, ќе сакаат да го видат ова чудо-невидено, ќе кажам дека дејствието на операва (за прв пат изведена пред повеќе од еден век, во 1896 година!) “се случува во Париз, во денешно време”. Зборовите “чудо-невидено” (погоре!) намерно не ги ставам под наводници, зашто од чин во чин на сцената се множат работи што обичната памет не може да ги објасни поинаку, освен како чуда (или барем како чудни, да не речам “недугави”)!
Во првиот чин, на пример, современата Мими (во заднината на сцената се гледа парискиот ТВ-предавател и малу подискривената Ајфелова кула) тропа на вратата од Родолфо со молба да ја запали свеќата (?!) што ѝ згаснала на скалите. Што се случило тоа со “Париз, во денешно време” та луѓето, наместо со електрика, да живеат во светлината на свеќи, останува мистерија чијшто клуч го има само нашиот болгарски гостин (режисер и сценограф). На вториот чин човек одвај да може да му најде мана: модерните ороспии се позабележливи од некогашните – облечени во куси ѓоа-кожни здолништа, или со црвено или сино вапсани коси, нивните редовни муштерии – војниците – носат маскирни униформи, а, за да биде јасно дека сѐ се случува во “денешно време” во еден момент на сцената ќе се појави и некаква француска крнтија од автомобил со регистрација на Пула (!?) од србо-комунистичко време. Како втасал тој пулски крш “во Париз, во денешно време” исто така останува мистерија што може да ја разјасни само режисерот-гостин.
Сум бил неколку пати во француската престолнина, но никаде не сум видел железна порта на неговиот влез што некој мрзлив службеник мора да ви ја отклуча за да влезете во градот (има само наплатни рампи на автопатиштата, но и тие се без луѓе: автоматизирани). Нормален човек не може да помисли дека денес десетмилионскиот Париз се снабдува со млеко преку млекарки, кои, во мугрите, доаѓаат со канти што ги паметам од времето кога бев дете во Куманово пред половина век! Во четвртиот чин (пролет!) жените седат на сонце и озборуваат, девојчињата играат нешто што ние во Куманово на времето го викавме “кленѕа-војска” (а Скопјани србизирано – “школица”), лудите млади по кошули и со засукани ракави возат велосипеди и ги исмеваат луѓето од високата класа (аристократијата) борејќи се на рицарски турнири со метли в раце, седнати на велосипеди. Во сево ова не би имало ништо особено чудно да не се одвива сценава на една бедна париска мансарда (!?),”небу под облаке” (би рекле Србите)! Едно, меѓутоа, е несомнено: нашите денешни млади луди пееја многу, многу подобро од старите асови на минатото, што сум имал прилика да ги слушам. А тоа е и повеќе од утешно! Ете, така мина “ексклузивна оперска вечер во МНТ”. Колку средства беа собрани, останува да се види. Многу ми е страв нашиот болен Војкан да не добие помош како Мими на сцената: таа има туберкулоза, а лудите млади, со парите што ги присобрале, успеваат да ѝ купат само еден муф (!?) за да си ги стопли рацете ! Треба некој да им се обрати на нашите богати луѓе да помогнат во неволјата на Војкан Јовановиќ! Му го должиме тоа на ова несреќно момче зашто не еднаш ни го разубави животот со својата песна. Дај Боже овие редови да ги прочита и некој од тие што можат и сакаат да помогнат!
###
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ не се продаваат на „традиционален“ начин туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од нашите стратешки определби.
Инструкции за нарачување
За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај во горниот десен агол и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ а ние книгите заедно со автограмот од авторот ќе ги доставиме на Вашата домашна адреса. При нарачката, во полето Белешка за нарачката, задолжително наведете „Колумни“.
Забелешка: Можете да донирате износ по ваш избор но не помал од 1500 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, ве молиме контактирајте нé претходно.