05.10.2000
Пред десетина години (уште бевме СФРЈ) преку средствата за јавно информирање бев поднел “Отворена кривична пријава” против Слободан Милошевиќ, првиот човек на Србија, кој во тоа време беше на врвот од својата популарност. На овој мој донкихотовски гест на верност спрема идеалот на правната држава особено му се радуваше еден лекар што секоја недела го среќавав на врвот на Водно. Не сум во состојба да ги опишам сите “четки” што ми ги удираше човеков по тој повод. Отпосле сфатив дека причина за неговата радост не била мојата “граѓанска храброст”, туку неговата патолошка омраза против Србите. (Докторот, особено поднапиен, имаше обичај носталгично да блада по мајка Болгарија!)
Една недела, имено, докторов, посебно ќеифлисан, фати пред своите пријатели (во мое присуство) да фантазира како, кога неговата партија (да не речам која) ќе дојдела на власт, “сите оние ѓубриња со -иќ во презимето” ќе биле иселени од Македонија (како и 1941, впрочем). Намќорски го потсетив дека тие замисли ги излага пред човек што и самиот има “иќ” во презимето, а тој (заборавајќи на своето одушевување од мојата тужба против српскиот вожд), со искреност на полу-идиот ми се обрати со пијана насмевка: “За вас, професоре, подготвуваме посебен контејнер!”.
Со менталитетот на луѓето што имаат патолошка аверзија спрема оние на “иќ” во презимето се среќавам и во анонимните писма што понекогаш ми ги пишуваат припадниците на докторовата партија. Така, пред некој ден ми се јави еден незнаен јунак, па, нарекувајќи ме “говедо четничко”, ми порача (наведувам без поправки): “Имаш среќа што живееш во Македонија, да си случајно во Хрватска они би ти ја скинале главата педерска педеру српски. А знај дека и овде за скоро време нема да можиш да шеташ слободно”.
Не ме изненадува премногу фашизоидноста на долните слоеви од докторовата партија. Тоа не е македонски феномен. Сите безнадежно маргинализирани луѓе на светот (и во Германија и во Франција и во Америка) посегаат по волшебниот лек на ксенофобијата: за сѐ што им се случува виновни се дојденците (во Германија на Хитлер – Евреите, во денешна Германија – пред сѐ Турците, во Америка – Црнците)! Дури и ако не се дојденци (како мене). Нашите домашни фашистоиди се палат на оние со “иќ” во презимето. Ги дразни како црвената боја бикот. Залудо е на овој сој да му докажуваш дека си Македонец (прашање е дали и самите знаат што се)! Ти за нив остануваш поинаков, туѓинец. А тие, само затоа што презимето случајно им завршува на “ов” или “ски”, имаат причина барем во нешто да се чувствуваат супериорни над тебе.
Минатата сабота открив дека припадник на овој и ваков човечки сој ти бил и Гане Тодоровски, што според сите статусни симболи би требало да го сметаме за македонски интелектуалец par excellence. За разлика од мојот анонимен кореспондент, Гане доста добро ме познава (и тој знаеше да ми честита на битките против “вербалниот деликт”, на некои текстови од белградска КЊИЖЕВНА РЕЧ, на некои полемики во овдешниот печат). А сепак ти бил ист како докторот од Водно или како анонимусот со “четничкото говедо”!
Во интервјуто за УТРИНСКИ ВЕСНИК, минатата сабота нашиот академик ми го негира правото да се грижам за “македонцките работи” само и единствено затоа што презимето ми завршувало на “иќ”. Да се крсти човек с’с леву руку! За да не рече некој дека претерувам, ќе ги наведам, без поправки, зборовите на академикот и поет Гане Тодоровски, по сопствено признание “македонски националист по професија” (нејсе, од нешто мора да се живее!):
“Но, должен сум да предочам и да предупредам дека извесни наши политички акробати, коишто поради етнобелегот “иќ” во своето презиме немаат морално право да ни бајат бајати бајки на митинзи и на „ти реков – ми рече“ за обновената бугарска опасност пред толерантните ТВ-камери”. Кога ќе му се случи тоа човеков го гаси телевизорот. Правилно! Да имав “ов” или “ски” во презимето, се разбира, ќе имав полно право да го кажувам она што го кажував. Вака “етнобелегот” ме дисквалификува. Види мајката!
Еден член на МАНУ, дури и од маштабот на Гане, не може да биде толку неграмотен и да не ги познава идеите што ги застапува неговиот наследник во Москва. Кога соговорникот во УТРИНСКИ ВЕСНИК ќе го нарече Димитар Димитров “идеен водач на бугаризацијата во Македонија”, Гане, без каква и да е политичка акробатика, “без оглед на тоа што причини и поводи за таква ознака има” (негови зборови, жими мајка!) не го прифаќа таквото етикетирање (!?). Може да има илјада и сто причини и поводи Димитар Димитров да се означи како идеен водач на бугаризацијата во Македонија, Гане му проштева: водач-неводач, човеков суштествено се разликува од Марјановиќ (има презиме без етнобелег!). Дури и кога идејниот водач на бугаризацијата е министер за култура во Владата на Република Македонија, дури и кога на клучни места во македонската култура и наука поставува луѓе со нескриено благонадежни ставови, Гане категорично изјавува: “Процес на бугаризација во овој момент нема”. А кога ќе го има – не се знае! Барем Гане не знае. Гане не крие дека во Македонија има заговорници на процесот на бугаризација: “Има! Им ги знаеме и имињата!” (а и позициите во македонската држава), па сепак, не чувствува ни потреба ни обврска да ги прозива (!?). Тој, наводно, не им е близок, ниту пак им ги споделува ставовите.
Ете, тоа е Гане! И тука нема ни помош ни лек! Не му е прв пат да си стои на страна и да си трае. На времето, во судирот помеѓу Колишевски и Црвенковски, по сопствено призание, стоел скраја, “иако емотивно и интимно им бил наклонет на детронираните раковотци” (!?). Таков си е човекот! Си стои скраја и кога за некого има емотивна и интимна наклоност, и тогаш кога некому не му е близок и не му ги споделува ставовите. Жива Сфинга!
Јас сум поинаков! Дијаметрално поинаков! И тоа не само поради етнобелегот. Имам старински обичај да се плеткам во работи што лично не ме засегаат: на времето, да војувам против еден параграф од Кривичниот законик чијашто “нежност” самиот никогаш не ја бев почувствувал, да го тужам Милошевиќ кога сите го креваа до небото (“фактор на стабилност” на Балканот, бранител на српството, дрн-дрн!), денес – да покажувам со прст на оние што сакаат да ни ја продадат душата. Имам обичај јавно да си ги искажувам симпатиите и антипатиите (со Димитар Димитров другарував кога сите беа против него, и не само затоа што ми се допаѓаше неговата идеја за автономниот карактер на уметноста; со него раскинав кога како власт фати да нѐ повикува да престанеме со тој мазохизам на национално себеиспитување и да си признаеме дека сме биле Бугари што ги однародил комунизмот).
А сега малу поодблиску за проклетиот етнобелег! Колку што мене ми е познато презимиња што завршуваат на “иќ” имаат и Руси и Полјаци и Црногорци и Хрвати и Словенци и Евреи (од словенските земји). Планетарно значајно откритие на Гане е дека е тоа етнобелег на српството (!?).
Во светлината на ова откритие никако не можам да си замислам што им зборувал Гане на времето на своите студенти. Та нели тој на Филолошкиот факултет во Скопје предаваше македонска литература на XIX век? Како можел за еден Кирил Пејчиновиќ да зборува како за значен македонски просветител и покрај давидовата ѕвезда во презимето. Како можел Гане да соработува со Харалампие Поленаковиќ, кој исто така на ракавот ја носеше злокобната ѕвезда на етнобелегот. Сетне, како може Гане и ден-денес да седи во истата Академија со еден Влада Урошевиќ и да го поднесува понижението овој да парадира пред него како македонски книжевник кога и тој е етнобележан како мене. (А и по благонадежната ни партија на власт фатија да се мотаат едно чудо етнобележани. Некои дури беа кандидати за градоначалници!)
И на крајот збор-два за политичката акробатика. Кој пишувал тоа за билингвизмот во Македонија (српскиот како носечки јазик, а македонскиот како лоза што се обвиткува околу него)? А потем истиот тој барал административна забрана за внесување српски весници и списанија во Македонија. А потем истиот тој со срцепарателни зборови ѝ ја промовирал книгата на една етнобележана амбасадорка од север. Ова не е акробатика! Ова е салто мортале на Гане академикот! А се знае каде се изведува таа вештина.
###
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ не се продаваат на „традиционален“ начин туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од нашите стратешки определби.
Инструкции за нарачување
За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај во горниот десен агол и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ а ние книгите заедно со автограмот од авторот ќе ги доставиме на Вашата домашна адреса. При нарачката, во полето Белешка за нарачката, задолжително наведете „Колумни“.
Забелешка: Можете да донирате износ по ваш избор но не помал од 1500 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, ве молиме контактирајте нé претходно.