19.08.1998
Пишувањето книга за нешто што минало бара, од време на време, да се посегне по стари писма, книги, списанија и весници. Така ми дојде в раце еден примерок на МЛАД БОРЕЦ (бр. 1682 од 07.11.1990), вистински времеплов, посветен на изборите 1991, со мозаик од портрети на тогашните партиски лидери на насловната страница: Во горниот ред Гане Тодоровски од МААК (сега амбасадор во Москва), Славко Милосавлевски од Социјал-демократската партија (сега амбасадор во Белград), Љупчо Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ (тогаш се пишуваше со “п”, а не “б”), па Петар Гошев од СКМ-ПДП (со одвај по некое бело влакно во косата, ева), во долниот ред Ѓорѓи Марјановиќ од Лигага за демократија (со лошо врзана кравата), па Влатко Стефановски од Народната партија (намуртен како и секогаш), Стојан Андов од Сојузот на реформските сили (замислено загледан некаде в десно), потем оној Хаљиљи од ПДП (му го заборавив името), а одозгора до долу, преку целата страница Киро Поповски од Социјалистичката партија (Бог да го прости). Читам по нешто од текстовите за да видам има ли некоја нишка што тогашна политичка Македонија ја поврзува со денешнава. И, Богами, наоѓам! Никола Младенов (под наслов “Македонијо, гласај за себе!”) за тогашниот Извршен совет на СРМ ќе рече: “Тоа што е најкритикувана, сѐ уште не значи дека е и најслаба влада!”. Во меѓувреме дојдоа и некои други влади, која од која покритикувана, а сите стабилни до немајкаде. Инаку, за власта на тие избори конкурираа “дузина партии” и (ни тогаш, како ни сега, впрочем) никој со никого не бил во коалиција, што, за Никола, е добро: “Нека се испроба секој, нека види колкави му се можностите!”. Она што од тој текст ни денес не загубило на актуелност е заклучокот на (и тогаш и сега) луцидниот автор: “Изборниот резултат, кој би значел расцепканост на избирачкото тело на повеќе партии, од кои ниедна не може сама да формира влада, не ќе е гласање против, туку ЗА Македонија. Во спротивно може да ни се случи Хрватска, како потврда на тезата која вели дека од апсолутна власт без легитимитет, поопасна е само апсолутната власт со легитимитет!”. Во истиот број г. Љупчо Георгиевски (на крајот од своето интервју) вели: “Можеби како никоја друга, македонската интелигенција денес калкулира и го чека победникот за да може успешно да се престрои во постизборната фаза. Немањето став на таа македонска интелигенција за било што е она што мене ме разочарува, не како партиска личност, туку како човек.”. Денес, чувствувајќи ја силата на ВМРО-ДПМНЕ и можноста да се офајдат од нејзината евентуална победа, на оваа партија и пристапуваат многумина “интелектуалци”. Да беше сега г. Георгиевски оној млад неоромантичар од пред девет години, ќе имаше причина да биде уште поразочаран. Само, ни тој не е веќе она што беше. Од своја страна, тогашниот лидер на СКМ-ПДП, г. Петар Гошев, сосема трезвено проценил кога изјавил: “Запад ќе нѐ поддржи!”. Запад навистина ги поддржа (и сѐ уште ги поддржува) превапцаните комунисти. Што му требаше само на нивниот претседател да ја напушта добитната комбинација? За чудо, со г. Стојан Андов нема интервју, што не значи дека го нема во МЛАД БОРЕЦ. Го има и тоа на цели три (скапо платени!) колор страници: на првата, за Сојузот на Реформските Сили на Македонија, под мотото “МАКЕДОНИЈА Е ВО ВАШИТЕ РАЦЕ”, се насмевнува Анте Марковиќ, повикувајќи “Придружете се!”. На втората, под истото заглавје, извод од курсната листа за 15.12.1989 (една германска марка = 700 динари) и за 7.11.1990 година (една германска марка = 700 динари), со восклик на Реформските Сили “САМО НИЕ НЕВОЗМОЖНОТО ГО ПРАВИМЕ ВОЗМОЖНО”. Дури на третата платена колор страница, во сенките на Багдадските палми, наместено “се смее” г. Стојан Андов, тврдејќи дека ако гласаме за Реформските Сили ќе сме направеле ВИСТИНСКИ ИЗБОР. Пред некое време (пак во едно списание на македонскиот политички Нострадамус!) овој ист човек тврдеше дека тој никако не се “шлепувал” за сметка (и за слава) на г. Анте Марковиќ. Но, народната вели: “ако лаже ФОКУС, МЛАД БОРЕЦ не лаже!”. Мене, на крајот од серијата интервјуи, ме прашуваат: “Во програмата велите дека на националните малцинства ќе им ги гарантирате сите права според меѓународните конвенции и ништо помалку и ништо повеќе. Како ќе го спроведете тоа со оглед на фактот што некои малцинства во Македонија, на пример Албанците, може многу лесно де факто да станат мнозинство?”, а јас категорично одговарам: “Тоа не може да се случи. Кога ќе станеме ние малцинство тогаш ние ќе бараме Албанците да ни ги признаат сите национални права на малцинство.
Сега се тие малцинство и ќе ги имаат малцинските права. Тие не се мали (…), луѓето вклучени во оваа политичка борба од албанското малцинство упорно војуваат за еден болшевички фантом: тие сакаат да станат народ, затоа што болшевизмот нив ги нарече народност. Албанците се народ и тој народ има своја држава во Албанија. Во оваа земја Албанците се малцинство. Што порано се свикнат да размислуваат во овие категории, толку побезболно ќе може да се вклопат во реалноста на оваа земја (…)”. Г. Хаљиљи веќе одамна го нема (на политичката сцена). Оние што дојдоа по него, наместо да научат нешто од тоа што се случува околу нас, одат уште подалеку во своите барања. Така, деновиве, еден од нив, по име Џафери, тврди дека “Глигоров нуди помалку од Милошевиќ”. За прв пат откако овој човек почна јавно да ја нервира Македонија со својата великоалбанска филозофија готов сум да се согласам со него: Глигоров (изгледа за негова голема жал) нѐ направи најбројна (пер капита!) полиција во Европа и не спроведува терор врз племето чијшто лидер е г. Џафери. Г. Глигоров не укина ниедно албанско училиште и не отпушти ниеден (нелојален или лојален, сеедно) Албанец од работа. Додека Милошевиќ секојдневно (веќе неколку месеци) приредува вистински празнични огномети по Косово, г. Глигоров се уште не запапил ниедна албанска куќа. Од г. Глигоров не побегнал ниеден Албанец, а камоли цели семејства. Да не набројувам веќе. Си земам слобода (во името на г. Џафери и на неговиот изнамачен народ) јавно да запрашам: “До кога вака, господине Претседателе? Зарем не можете, барем пред изборите, барем за да го задоволите г. Џафери и комп. да приредите една мала забава а ла Милошевиќ и да запалите стотина албански куќи во Западна Македонија?”. Да избркате барем стотина албански семејства. За да има кутриот г. Џафери на што да се жали. Аух! Морници ми појдоа дури и од оваа иронија на сметка на зборовите од велеумниот албанскиот трибун. Време е неговите сонародници да се запрашаат, дали е сѐ во ред со менталното здравје на нивниот лидер. По Косово ќе биде доцна! (Патем речено, на Германците не им е некакво посебно олеснување на душата кога, по загубената војна, дознаа дека Хитлер и не бил баш “со сите”.)
###
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ не се продаваат на „традиционален“ начин туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од нашите стратешки определби.
Инструкции за нарачување
За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај во горниот десен агол и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ а ние книгите заедно со автограмот од авторот ќе ги доставиме на Вашата домашна адреса. При нарачката, во полето Белешка за нарачката, задолжително наведете „Колумни“.
Забелешка: Можете да донирате износ по ваш избор но не помал од 1500 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, ве молиме контактирајте нé претходно.