08.07.1998
Пред три децении (Господи, колку бргу врви времето!), како млад докторант, престојував една година на Макс Планковиот Институт за странско и меѓународно казнено право во Фрајбург им Брајзгау (СР Германија). И тогаш беше тоа добра, но релативно мала институција. Нас, гостите, нѐ имаше само петмина (Југословен, Унгарец, Италијанец, Шпанец и Јапонец). Од време на време Институтот организираше дебати по одделни казнено-правни прашања на кои земаа учество сите гости.
Еден ден, на пример, разговаравме токму за Untersuchungshaft или, по нашки, истражен затвор (сега: притвор). Моето излагање не беше долго.
Уште живо се сеќавам на она што го реков. А реков: Слушајте, во нашиот Закон за кривичната постапка (ЗКП) ние, се разбира, имавме законска регулатива и за притворот. Нашата позитивистички настроена правна наука ја излагаше таа регулатива прогласувајќи ја за речиси најдобра на светот (што и не е чудо кога се знае дека живеевме во најдобриот од сите можни поредоци!).
Така ќе траеше не знам колку долго, да не се случеше “аферата Ранковиќ”, при што излегоа на виделина многубројни злоупотреби на ЗКП, пред сè, од страна на полицијата.
И, како што тоа често бидува кај нас, наместо да се мени нешто кај луѓето што го применуваат законот, ние поитавме да го измениме законот. Ништо полесно и поедноставно од тоа! Тој сега гласи вака: … (и јас го прочитав мојот превод на германски на новата регулатива на притворот).
На крајот само додадов: “Вака сега гласи новиот закон! Да се надеваме дека тој ќе има подобра судбина од стариот!”
Утредента ме сретна (насамо!) мојот унгарски колега и, за мене мошне неочекувано, ми упати остра “другарска критика” за она што го бев рекол на собирот: Господине Марјановиќ, вие просто речено ја пцуевте својата земја!”. Јас, напротив, не сметав дека има ништо лошо во она што го зборував, но немав начин да го убедам мојот унгарски пријател.
Случајот ми помогна: неколку дена подоцна дојде југословеснкиот национален реферат на тема “Untersuchungshaft” (од др Звонимир Шепаровиќ од Загреб) и во него, уште во првата реченица, беше спомената “аферата Ранковиќ” како повод за менување на ЗКП. Не ме мрзеше да го позајмам за малу текстот и да му го покажам на правоверниот др Калман Ѓерѓи. Човекот внимателно го прочита текстот и ококорувајќи ги очите промрморе нешто за тоа колку ли биле чудни ли, колку ли неразбирливи, нашите југословенски прилики.
Денес работите темелно се сменија во Унгарија: мојот некогашен фрајбуршки пријател е, не само професор по казнено право на Универзитетот во Будимпешта, туку и Државен обвинител на земјата.
Неодамна ми пиша дека за неговиот избор гласале и првата (десничарска) и втората (левичарска) влада. Не знам само како стои работата со третата, неодамна избрана (пак десна!) влада на г. Орбан.
Таму работите се сменија, но не и во Македонија! Ако се занемари формалната измена на името и симболите на владејачката партија, сѐ друго е по старо, па и менталитетот на старите добри квази-комунисти: при секој социјален проблем на кој ќе налетаме (а Богами налетуваме мошне често!) да се мени законот или Уставот!
Побегнале некои криминалци (Поради законската регулатива? Или поради тоа што биле “луѓе од заслуга” за некого, да не речам за кого?), а ние, дај да го измениме Уставот ли, законот ли, за да му ги замачкаме очите на народот!
Така и се случи, од една крајност (притвор во траење од деведесет дена) да отидеме во друга: притвор од сто и осумдесет денови до подигнување на обвинението плус уште толку или дури повеќе по подигнувањето на обвинението (по одлука на судот донесена врз основа на законот).
(Денес ми се јави по телефон еден амбасадор за да ме праша како го толкувам јас Амандманот бр. 3 на Уставот на Република Македонија. Колку, според тој амадман, сега може да трае притворот. Лаконски одговорив: “Практично, мошне долго! Две, можеби три години. Можеби повеќе!”
Неговата екселенција промрморе нешто (доста разбирливо) за можноста да дојдеме во колизија со Европската конвенцијата за човекови права.)
А, да ме прашаше некој мене – и деведесетте дена беа сосема доволни!
Се присеќавам на искажувањето на мојот јапонски колега од споменатиот колоквиум од пред триесетина години (ние, помладите, секогаш го ословувавме со “професор Кикава”): “Во заплеткани случаи фактичката состојба ретко кога е еднозначна и може да се подведе под различни правни одредби!”.
Потем фати да излага еден измислен пример: Човек влегува во продавница, вади револвер и му вели “Парите или животот!” на продавачот. Овој му ги дава парите. Разбојникот му наредува да се сврти, го удира со дршката од пиштолот по главата, го онесвестува и бега.
Кога се истражува еден ваков случај, да речеме, никогаш не се оди (ниту пак може веднаш да се оди) на конечното обвинение. До тоа обвинение се доаѓа чекор по чекор: првин се отвора истрага формално само за илегалното поседување на пиштолот, а се истражува сѐ што притоа се случило. Ако помине рокот од деведесет дена (можеби и навистина беше токму толку, иако не би можел да се заколнам), се отвора истрага против истото лице за кривично дело присилба (за фактот дека со извикот “Парите или животот!” го присилил продавачот да му ги даде парите), а продолжува да се истражува што се случило во споменатата продавница. Потем, по протекот на нови деведесет денови, ако работата и натаму останува недоволно истражена, се отвора истрага за кривично дело разбојништво, потем, евентуално уште и за кривично дело тешка телесна повреда (бидејќи и во Јапонија, како и кај нас, впрочем, ударот што предизвикува бесознание говори за comotio cerebri, народски речено “потрес на мозокот”, а тоа според нашиот закон е токму тешка телесна повреда), Итн. итн. Така, криминалецот во Јапонија може да остане во притвор значително подолго одошто е неговиот законски (или уставен) минимум.
Така Јапонците! Но, како што мојот покоен очув (Бог да го прости!) велеше за Германците: “Ми германско јајце не мож’ да га снесемо!”. Јапонското – уште помалу! И затоа, како во старите добри квази-комунистички времиња, најлесно ни е да си го смениме Уставот, законот. .. Сè додека еднаш конечно не ни успее да ги смениме оние што толку лесно се поигруваат со Уставот и законите, а со нас, граѓаните, посебно. А и тоа (со Божја помош) ќе се случи во Македонија. Најпосле, не сме фрлале со камења по Господа.
###
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ не се продаваат на „традиционален“ начин туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од нашите стратешки определби.
Инструкции за нарачување
За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај во горниот десен агол и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ а ние книгите заедно со автограмот од авторот ќе ги доставиме на Вашата домашна адреса. При нарачката, во полето Белешка за нарачката, задолжително наведете „Колумни“.
Забелешка: Можете да донирате износ по ваш избор но не помал од 1500 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, ве молиме контактирајте нé претходно.