Search
Close this search box.

Јасна Бачовска Недиќ

Моцарт во општествените науки во Македонија

Напишано од Јасна Бачовска Недиќ, професорка на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ во Скопје

Идентитетот на професорот Ѓорѓи Марјановиќ е силно врежан во имиџиот, идентитетот и историјата на Правниот факултет и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тој е еден од оние професори кои се паметат и од студентите кои полагале кај него, но и од оние студенти кои не полагале кај него, поради силната интелектуална аура, авторитетната строгост, високите критериуми и посебноста на неговиот професорски стил во комуникација со студентите и академската јавност.

Неговите предавања на Правниот факултет претставуваа настани кои привлекуваа големо внимание и интерес кај студентите и пошироко. Тие предавања беа полни со страст, со личен ангажман на професорот, полни со интригантни и креативно-провокативни примери за студентите. Секое предавање беше свежно, различно, неочекувано и крајно мотивирачко за еден млад студент по право.

Професорскиот профил на проф. Марјановиќ беше доминантен во неговото повеќе димензионално битисување како интелектуалец, политичар, граѓанин, родител. Во македонското општествено милје на Република Македонија неговата активност беше политички маркантна како во времето на социјализмот, така и во времето транзицијата кога Република Македонија стана независна држава.

Научниот опус на професорот е со висок степен степен на методична скепса, тој создаде научен капитал во областа на казненото право, со своите трудови, но и со преведувачката дејност.

Неговиот интелектуализам, независност, демократската политичка свесност и одважната дрскост кон медиокритетите направија Марјановиќ да биде Моцарт во општетствените науки во Македонија.