01.07.1998
На почетокот од секој час по јога, во т.н. психоментална подготовка, практикантот во себе си дава збор дека ќе мисли само на она што го прави и нема да дозволи ниедна друга мисла да му го одвлече вниманието од концентрацијата врз изведувањето на вежбите.
Мојот последен час по јога се совпадна со натпреварот Југославија – Холандија. Мене малу ме интересира “втората најважна работа на светот”, па не ми падна на памет поради фудбалот да го жртвувам часот. Тоа е едно, а сосема друго – човек да го одржи ветувањето од почетокот на часот и да не мисли на ништо (освен на вежбата што ја изведува) кога, во еден миг, цело Тафталиџе (каде што се наоѓа просторот во кој вежбаме) се крена на нога испуштајќи гигатски извик на радост, задоволство, вистинска среќа очигледно поради голот на “нашите”. Овде-онде имаше и по некој револверски истрел.
Низ свеста ми проструи една мисла – “југоносталгија”, зашто не требаше многу за да се разбере причината на народното одушевување. Часот беше при крај, па така од нарушената концентрација (се надевам) немаше голема штета.
“Југоносталгија” ми дојде на памет и во врска со еден друг настан: минатиот четврток, со г. Александар Тортевски, како први луѓе на Лигата за демократија, бевме на ТВ ВИС (ако не се лажам) во Струмица, пак во време на некаква планетарно важна фудбалска средба. Ни рекоа дека таа телевизија била “комунистичка”, а бевме поканети (веројатно) поради едновремениот пренос од фудбалското првенство: така ем тие ќе бидат “демократи” (ете, канат и лидери на опозициони партии!), ем никој или (поради фудбалот) речиси никој нема да нè гледа/слуша.
Лигата за демократија очигледно не е никаква демократска алтернатива за Македонија, но ние (за инает!) одиме секогаш кога ќе нѐ поканат во надеж дека некој сепак можеби ќе нѐ гледа. Тоа се нашите “трибини”.
(Патем речено, за трибините, за основачките состаноци, за ТВ настапите на некои други демократски алтернативи редовно се известува на МРТВ-ата и во органите на ССРНМ, што само по себе мошне речовито зборува за нив, но и за алтернативните демократи како такви. Нам, во испробаниот политички манир на најдобриот од сите поредоци на светот, главно не ни се споменува ни името. Нејсе! Многу не се сакалдисуваме: важно е што денес веќе не се организираат научни собири или дебати на тема “идејно-политичкото однесување на другарот Еди Којси” со воведни излагања на високи функционери на Демократската алтернатива. И тоа е напредок, ќе признаете!)
Во разговорот мене ми се откачи она за “комунистичката телевизија”, на што нашата шармантна водителка бурно реагираше во смисла: кој ни го рекол тоа, тие не биле никаква “комунистичка телевизија” итн. итн. Уште морав да ѝ се извинувам, а срцето ми се исполни со пријатно чувство: штом луѓето го доживуваат како навреда квалификативот “комунистичка телевизија”, на СДСМ очигледно му се ближи крајот.
На враќање за Скопје, меѓутоа, на патот ни истрча зајак, тресна во предниот дел од колата и ни го дупна ладилникот. Мораше да застанеме на една бензинска пумпа и да видиме што е. Понатаму сѐ се одвиваше во духот на народната изрека што ја научив од мојот сват: “На ќорото пиле Господ му го прави седалото!”.
Првин човекот од пумпата (со уникатно убав длабок бас) му го понуди својот Ситроен на нашиот придружник, еден млад колега (и ревносен активист на Лигата за демократија). Превоз, значи, се најде додека да трепнеме. Потем младиот колега нѐ импресионираше со своето познавање на колите: без проблеми успеа да го демонтира ладилникот за да го понесеме и да го поправиме во Скопје. Потем дојдоа 4-5 млади момчиња ВМРО-овчиња, па, откако видоа дека пластичниот ладилник е дупнат (и тече) само на едно место, ги засукаа ракавите, најдоа слична пластика, ја запалија и фатија да капат од неа врз оштетеното место. За десетина-петнаесет минути оштетувањето беше санирано, младиот колега го врати ладилникот на своето место и ние можевме да продолжиме со патот. Младите ВМРО-овчиња не се ни обѕрнаа на изразите на нашата благодарност.
Каква врска има ова со насловот на колумнава, ќе праша внимателниот читател. Па само толку што за сето време додека младите македонски неоромантичари ни го лепеа ладилникот од нивната кола ечеше најсрцепарателен српски турбо-фолк (во стилот “Једва чекам да ми умре мајка… “). И некој пак ја спомена народната “југоносталгија”.
Трет што последниве денови го изусти тој ист збор беше г. Љубиша Георгиевски во разговорот на неговата омилена телевизија, инаку, сопственост на неговата исто толку омилена (опозициона?!) Социјалистичка партија. Според него, “југоносталгијата” била, всушност, народната носталгија по цврстата рака на Св. Јосип Презадолжениот, по убавиот живот со малку пари итн. итн.
Нека ми прости Љубиша, но нема да се согласам, ни со неговата дефиниција на “југоносталгијата”, ниту со фамозната му идеја за победоносната “трипартитна коалиција” (ВМРО-ДПМНЕ, ЛДП и Ѕинговите “социјалисти”, сето тоа гарнирано со некои мали партии што можеле да донесат значителен персонален потенцијал).
Иако сум согласен со него дека коалицијата е “брак од сметка”, сепак, ни во таков брак не се влегува со секого. Да повторам: на почетокот од плурализмот некои “албански интелектуалци”, преку посредник, ѝ понудија на Лигата за демократија 200.000 ДЕМ и 300.000 гласови. Нам очајно ни требаа и пари и гласови, но не прифативме. Знаевме дека луѓево не нудат толку многу за бадијала. А можевме да ги земеме, па после да речеме: се пишманивме (парите и пратениците ни остануваат, се разбира).
Сѐ уште не сум го прашал г. Тортевски што мисли за големата идеја на Љубиша, но не се сомневам каков ќе биде неговиот одговор. Впрочем, ние не случајно сме во една партија.
РЅ à propos корените на “југоносталгијата”: Има еден виц за Кардељ на таа тема. Во неговиот роден крај шетал еден ден и налетал на убава куќа, со луксузна кола пред неа, со трактор и многу современи полјоделски машини. Фатил лаф-муабет со стариот домаќин и веднаш почнал со реал-социјалистичка партиска пропаганда. “Гледаш стари, како е убаво кај нас во социјализмот!”. Стариот потврдувал што потврдувал, но постојано повторувал: “Во Австро-Унгарија ми беше поубаво!”. Кардељ се жестел, протестирал: “Имаше ли ваква куќа?” (Немав!), “Имаше ли ваква кола?” (Немав), “Имаше ли трактор?” (Немав) …, “Па како можеш да кажеш дека во Австро-Унгарија било поубаво?”. Стариот се почешал по главата и рекол: “Тогаш имав осумнаесет години!”. И мене сѐ некако ми се чини дека нашата “југоносталгија” е повеќе жал по младоста одошто по квазикомунистичките селски работни задруги, УДБА и Идризово. Да ми прости Љубиша.
###
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ не се продаваат на „традиционален“ начин туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од нашите стратешки определби.
Инструкции за нарачување
За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај во горниот десен агол и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ а ние книгите заедно со автограмот од авторот ќе ги доставиме на Вашата домашна адреса. При нарачката, во полето Белешка за нарачката, задолжително наведете „Колумни“.
Забелешка: Можете да донирате износ по ваш избор но не помал од 1500 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, ве молиме контактирајте нé претходно.